Поучна приказна за среќата

Многу мал дел од луѓето живеат среќен живот, бидејќи имаат погрешна идеја за тоа што претставува и од каде доаѓа среќата. Често се мисли дека среќата доаѓа од поседување големо материјално богатство, но всушност среќата доаѓа од работите кои не можат да се купат со пари. Прочитајте ја оваа поучна приказна за среќата и ќе разберете точно што сакаме да ви кажеме…

1pouchna-prikazna-za-srekjata

Еднаш, една сиромашна девојка му пристапила на еден свештеник:

„Отецу, уморна сум“, му рекла тажно. „Ние работиме постојано, но има денови кога освен леб, не можеме ништо друго да им дадеме на децата. Но повеќе ме заморува кога ја гледам нашата сиромашна куќа, дворот, искинатата облека на синовите, измаченото лице на сопругот.“

Свештеникот се замислил, а потоа ја повикал жената да дојде со него. Тој ѝ покажал преубава куќа, во чиј двор си играле деца.

„Што мислиш, дали домаќинката е среќна?“, ја прашал тој.

„Секако!“, извикала жената. „Колку богато изгледа куќата и колку се добро облечени децата!“

Свештеникот ја замолил жената да се приближи за да види подобро. Тогаш таа ја здогледала мајката на овие деца како седи во сенка и горко плаче.

„Таа е слепа од раѓање и не може да си ги види децата“, тажно ѝ објаснил свештеникот.

Потоа продолжиле по патот. Набрзо, свештеникот ѝ покажал друга куќа. Куќата изгледала побогато од првата. Кога жената го прашала свештеникот дали во оваа куќа живеат среќни луѓе, тој ѝ одговорил дека таму живеела прекрасна фамилија сè додека не починал домаќинот. Сега немало ден, а вдовицата да не плаче по својот маж, а децата по својот татко.

Замислена, жената не забележала кога стигнале до третата куќа која изгледала најбогата. Тоа било дом на ќерка на некој богат трговец.

„Има многу богатство и добра храна овде, скапа облека и сите кваки се позлатени. Но, дали овде се живее среќно?“, прашала жената.

На нејзиното прашање, свештеникот ја отворил тешката врата. Ќерката на трговецот ги поздравила и ги поканила на чај. Но, колку бил пуст нејзиниот дом! Овде немало ни деца, ниту пак се слушнал глас од сопруг.

„Имам богатство и убава облека, но немам среќа“, рекла девојката. „Немам сопруг, ни деца, немам на кому да му готвам и за кого да се облекувам…“

Длабоко замислена, сиромашната жена се вратила во својот дом.

„Ви благодарам“, му се заблагодарила на свештеникот. „Сфатив колку сум била глупава! Се уморував од погледите на искинатата облека, не знаејќи колкава среќа е да си ги гледаш децата! Мислев дека среќата е во богатството, а на крајот, среќен испаѓа оној кој има на кого да му зготви вечера и во чија куќа се слушаат детски насмевки!“

Прочитајте и кои се 5-те здравствени придобивки од среќата!

САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       


За авторот

Поврзани содржини

Остави коментар