Мудроста на животот

Еден студент отишол кај својот професор на консултација. „Професоре“, почнал тој. „Ме мачи нешто деновиве и се прашував дали би можеле да ми помогнете.“

„Тука сум за што и да треба, слободно кажи ми… можеби би можел да ти помогнам некако…“, одговорил тој трпеливо.

Мудроста на животот

„Постојано размислувам за својот живот…“, почнал да објаснува студентот. „Се плашам што ќе бидам и каде одам. Сакам да бидам среќен во моето патување и што е најважно, да бидам здрав. Бидејќи кога ги гледам луѓето што ме опколуваат, тие се замислени, болни, загрижени… Скоро како да имаат исти мисли како и јас!“

„Имаш сосема нормални прашања, можеш да бидеш сигурен во тоа. Сега се наоѓаш во оној период од животот кога сакаш да направиш нешто од себе, знаеш каде одиш, па сакаш да бидеш среќен и здрав додека патуваш во таа насока.“

„Во право сте. Но како може да бидам мирен во својот ум и да го постигнам тоа што го сакам?“

„Јас не можам да ти дадам одговор на ова прашање“, продолжил да објаснува професорот. „Патот по кој ќе чекориш е само твој, но можам да ти одговорам на твоето прашање на малку поинаков начин…“

„Но, како ќе ми помогне тоа? Јас дојдов со конкретно прашање на кое ми треба одговор…“, се загрижил студентот.

„Верувај ми, и јас на времето си ги поставував истите прашања, со денови и ноќи ме мачеа овие мисли и не можев да дојдам до одговорот што би ме направил среќен. Се обидов да ги побарам одговорите во други луѓе, но ни тоа не ми успеа. Никој не сакаше да ја сподели тајната со мене. Но сепак успеав да најдам решение…“

„Не би сакале да ми помогнете сега, да не се мачам како вас на времето?“

„Слушај ме внимателно“, продолжил трпеливо професорот. „Дали некогаш си готвел, подготвувајќи храна што планираш да ја изедеш?“

„Да. Но каква врска има ова со моето прашање?“

„Дали за време на готвењето си го замислувал вкусот што си сакал да си го понудиш себеси, па и на оние околу тебе откако јадењето ќе биде готово? И дали бараниот вкус го доби за време на готвењето или на самиот крај?“

„Па, за време на готвењето постојано пробував за да откријам дали вкусот е онаков каков што треба да биде и што недостасува за храната да биде повкусна.“

„Токму така“, извикал професорот. „Кога готвиш, концентриран си на целосниот процес, од почетокот, до самиот крај. Сè што сакаш во животот, од здравје, радост, внатрешен мир, благосостојба и наклонетост на оние околу тебе, ќе добиеш само ако во секој момент си присутен во тоа што го правиш и додадеш љубов онаму каде што има бол, радост кај тагата, мир каде што е војната – сè останато ќе си дојде на своето место, исто како и храната што си ја подготвувал.“

Поука: Бидете присутни каде и да сте. Минатото е потребно за да израснете во силни луѓе, а за иднината ќе размислувате кога ќе дојде време. Најважното нешто е во секој момент да бидете тоа што сте и да не се откажувате од вас!


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Дипломиран психолог кој обожава да пишува. Автор на научно-фантастичната книга „На работ од времето“. Животно мото ѝ е дека не смее да помине ниту еден ден без кафе и танцување.

Поврзани содржини

Остави коментар