Книга: „Готварскиот клуб“ - Линда Шепард и Ив Еверсон

Книга: „Готварскиот клуб“ – Линда Шепард и Ив Еверсон

Рецептите за катастрофа кога шест пријателки ќе се сретнат…

Книга: „Готварскиот клуб“ - Линда Шепард и Ив ЕверсонНаслов на оригиналот: The Potluck Club – Linda Evans Shepherd and Eva Marie Everson

Станува збор за првата книга од серијалот „Готварскиот клуб“, на Линда Еванс Шепард и Ив Мари Еверсон. Книгата е проследена со кулинарски рецепти и добро раскажување.

Шесте дами се вистински предизвик за новинарот Клеј, кој се обидува да дознае интригантни детали за нивните животи, но тие се секогаш еден чекор пред него. Нивните молитви за жителите на Самит Вју, повеќе наликуваат на љубопитност за туѓите животи, отколку на желба за помош.

Синопсис

Шест пријателки на различна возраст, се собираат секој месец за да споделат вкусна храна, добри рецепти, желба за пријателство и по некоја молитва. Нивното пријателство навистина го зачинува животот во Самит Вју, Колорадо. Работите стануваат интересни кога нивните тајни полека, но сигурно почнуваат да се откриваат…Книга: „Готварскиот клуб“ - Линда Шепард и Ив Еверсон

Да Ви ги претставам дамите од готварскиот клуб:

Евангелин Бенсон стои на чело на овој женски клуб и состаноците се случуваат во нејзината куќа. Таа го основала клубот пред многу години, кога заедно со нејзината покојна пријателка Рут Ан, почнале да прават мали средби придружени со вкусни јадења и молитви. Еви живее во Самит Вју цел свој живот, и не е баш со раширени раце за добредојде на новите жители во нејзиното родно место. Таа не е склона кон промени, и никогаш не се омажила, ниту ја преболела тинејџерската љубов. Една вечер пред да се одржи септемврискиот состанок на клубот, нејзината внука од сестра пристигнува со скршено срце и големо изненадување за тетка си…

Лиса Лин е нов жител на Самит Вју, жена која е навикната да ги има работите во своја контрола, а истото ќе сака да го направи со клубот, што ја прави број 1 непријател на Еви. Нејзината опсесивна потреба да контролира сè, е резултат на тоа што не добива доволно љубов и внимание од својот сопруг.

Голди цел свој живот е мажена домаќинка, која не заработува сама за себе и ги трпи неверствата на сопругот. Но, сега е подготвена целосно да го промени својот живот и конечно да излезе од бракот што ја уништува.

Дона е храбра млада жена која работи како полициски службеник во Самит Вју и е ќерка на шерифот на градот кој воедно е непреболената љубов на Еви. Дона членува во клубот не бидејќи е голем љубител на готвењето, туку затоа што знае дека нејзиното присуство ќе ѝ биде како трн во око на Еви. Но, Дона е на пат да открие нешто многу важно, нешто што целосно може да ѝ го промени животот на една од жените во клубот и да му помогне да човекот кој ненадејно се појавува во Самит Вју, да си ја најде својата биолошка мајка.

Лизи работи како локална библиотекарка, таа е мирна и повлечена, но одеднаш презема силна иницијатива за да ѝ помогне на својата пријателка, жената на свештеникот, која боледува од рак.

Вони е мажена, но нема деца. Таа крие голема тајна од своите пријателки, но додека се обидува да го потисне минатото, тоа еден ден излегува на виделина.

Кој би помислил дека животот на 6 навидум обични домаќинки, може да биде толку возбудлив?Книга: „Готварскиот клуб“ - Линда Шепард и Ив Еверсон

Лична критика

Книгата е поделена на глави, а во секоја глава раскажува некоја од дамите на готварскиот клуб. Пред секое раскажување, даден е по еден рецепт кој таа го споделува со вас, а на крајот на книгата се дадени сите рецепти кои сте ги сретнале во текот на читањето, така што би можеле да кажеме дека станува збор за одлична новела, а воедно и книга-готвач.

Не мора да сте љубител на готвењето, искрено воопшто не ни пробав да зготвам ниеден рецепт од книгата, бидејќи повеќе се сконцентрирав на самата содржина. Животите на 6 религиозни домаќинки, излегоа навистина интересни, можеби и повеќе од очекуваното. Книгата е така лесна за читање и е проследена со добар хумор. Во неа ни се претставени 6 различни карактери на жени и нивните различни гледишта на светот, некогаш наивни, некогаш храбри и решителни, но секогаш интересни.



Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Слободното време го минува со голема шолја кафе и со добра книга во рака или пишувајќи го она што ѝ лежи на душата. Не може да поднесе неправда и негува емпатија кон луѓето. Како перфекционист опседнат да даде сè од себе, сонува да направи промена во светот околу неа. Креативна и желна за нови предизвици, со многу нови соништа секој ден, иако понекогаш плашлива од промена. По малку романтична со голема љубов кон англиските книжевни класици.

Поврзани содржини

Остави коментар