Ја направивме првата фотографија од црна дупка

Хоризонтот на настани е точка од која нема враќање, сферен регион кој ја опкружува црната дупка од која ништо, дури ни светлината не може да избега. Не знаеме што се наоѓа внатре, но знаеме дека нашиот универзум завршува нагло после оваа граница со непознатото.

Ја направивме првата фотографија од црна дупка

Сега, после две децении интернационална соработка, некои од најмоќните радиотелескопи во светот успеаја да направат фотографија од хоризонтот на настани на супермасивна црна дупка. Со ова се докажа дека претпоставките од Ајнштајновата теорија за релативност се точни, дури и во најекстремното космичко опкружување.

Црната дупка на фотографијата се наоѓа во центарот на масивната елиптична галаксија Messier 87 (М87) во соѕвездието Девица, на растојание од околу 55 милиони светлосни години. Фотографијата ја очекуваше целиот свет и беше објавена во неколку научни трудови.

Супермасивните црни дупки ја диктираат еволуцијата на галаксиите во кои се наоѓаат, па директниот поглед кон хоризонтот на настани отвора нови можности за проучување на овие небесни тела. Масата на фотографирана црна дупка е колку 6,5 милијарди сонца, а хоризонтот на настани е со дијаметар од речиси половина светлосен ден.

Во хоризонтот на настани на М87

И покрај големината и масата на црната дупка, ниту еден телескоп на планетата не може да направи нејзин портрет, бидејќи е премногу далеку. За да се справат со ова, астрономите употребија метод во кој ја комбинираа моќта на набљудување на 8 од најмоќните радиотелескопи во светот. Event Horizon Telescope (EHT) е виртуелен телескоп, кој е широк колку нашата планета и доволно моќен да фати барем дел од најмасивната црна дупка за којашто знаеме.

„Ја направивме првата фотографија од црна дупка. Ова е извонреден научен подвиг, направен од тим од над 200 истражувачи“, изјавил Шепард С. Долеман, директор на проектот ЕНТ.

Иако црните дупки се црни, доколку има материја во близина на хоризонтот на настани, екстремното триење во релативистичката околина ќе ги отстрани електроните од атомите, создавајќи неверојатни огномети. Поради ова, првата фотографија од ЕНТ прикажува темен круг опкружен со прстен од светлина. Овие емисии на светлина се веднаш до хоризонтот на настани, каде што се наоѓаат екстремно жешки гасови со температура од неколку милијарди Келвини. Самиот хоризонт на настани се појавува како силуета на темен диск пред светла позадина – нешто што ги докажува предвидувањата на теоретските физичари. Интересно е што со оваа фотографија се покажа колку всушност биле точни предвидувањата од релативноста.

Нова ера во астрономијата за црните дупки

Проектот ЕНТ ќе продолжи да ја набљудува М87, но има и втора мета – супермасивната црна дупка во центарот на нашата галаксија, со маса од 4 милиони сонца. Иако оваа црна дупка е поблиску од М87, сепак постојат низа предизвици. Еден од проблемите е што таа е помала, па емисијата е многу пократка, со тоа отежнувајќи го набљудувањето. Покрај тоа, во галаксијата има многу меѓуѕвездена прашина што го отежнува фотографирањето. Поголемиот дел од просторот помеѓу нас и М87 е празен, па отстранувањето на другите објекти од фотографијата е полесно.

Сè уште не знаеме кога ќе имаме можност да ја видиме и „нашата“ црна дупка, но со технологијата зад ЕНТ, нашето знаење за овие мистериозни објекти ќе се зголеми.

Дознајте нешто повеќе за најголемите неодговорени прашања од физиката.

САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       


За авторот
Студент кој секојдневно се губи низ страниците на некоја книга. Пишувањето и јогата го прават нејзиниот ден целосен.

Поврзани содржини

Остави коментар