10 митови за интровертните личности

Интровертите се повлечени луѓе кои најубаво се чувствуваат кога се сосема сами. Друштвото на други луѓе на некој начин им ја троши енергијата, додека самотијата им ги полни батериите. Па така, доколку забава со гласна музика и полно луѓе кои се забавуваат прави да се чувствувате како да сте во затворска ќелија, веројатноста дека сте интроверт е многу голема. Иако често се опишувани како срамежливи и несоцијализирани или, пак, им се припишуваат секакви болести и ментални нарушувања само затоа што се различни, тие се сосема нормални од здравствена гледна точка и едноставно претпочитаат да бидат сами.

Child's face looking through a hole in paper

Од научна гледна точка, според фактите наведени во книгата „Предност на интровертите: како да се напредува во светот на екстровертите“ од Марти Лејни, оваа состојба се објаснува преку различните доминантни патишта кои невротрансмитерите ги следат во нервниот систем на интровертните и ектровертните личности. Доколку податоците во оваа книга се точни, тогаш може да се заклучи дека интровертите се пречувствителни на допаминот, така што преголема надворешна стимулација ги истоштува и заморува. Бидејќи процентуално 25% од човековата популација се карактеризираат со особини на интровертна личност, деталното проучување и дефинирање на интровертите е отежнато и сѐ уште е во тек, па поради ова настануваат митови и погрешно перципирање на карактеристиките на интровертите.

1. Интровертите не сакаат да зборуваат

Напротив – интровертите не зборуваат освен кога навистина имаат нешто да кажат. Тие мразат безначајни разговори, но доколку начнете тема за која се заинтересирани, тогаш нема да престанат да зборуваат.

2. Интровертите се срамежливи

Срамежливоста нема никаква врска со интровертноста. Во глобала тие воопшто не се плашат од луѓето ниту, пак, имаат фобија од социјализирање. Едноставно им треба причина за да зборуваат, како на пример тема за која имаат интерес и познавање.

3. Интровертите се некултурни

Тоа што можеби прави да мислите дека интровертите се некултурни е фактот дека тие не сакаат правење лице, туку ги ценат реалноста и искреноста. Бидејќи сѐ поретко овие две работи може да ги сретнете во денешното комуницирање на луѓето, целиот процес знае да биде непријатен и истоштувачки за интровертите.

4. Интровертите не ги сакаат луѓето

Ова е целосно погрешно. Интровертите навистина ги сакаат оние неколку пријатели кои ги имаат. Иако истите можат да се бројат на прсти, поради неколкуте причини кои се погоре наведени, доколку сте пријател со интровертна личност, тогаш не само што вие навистина заслужувате почит, туку и имате лојален пријател за до крајот на животот.

5. Интровертите не сакаат да излегуваат во јавност

Може да се каже дека не сакаат да бидат излезени на подолго време, но не и дека не сакаат воопшто да излегуваат. Сакаат да ги избегнат компликациите кои настануваат доколку се вклучат во јавните активности, а бидејќи многу брзо и лесно сфаќаат работи, нема потреба да излегуваат за долго. Ним им е потребно да одат дома каде ќе ги наполнат батериите и ќе имаат можност да го разгледаат и проучат здобиеното знаење.

6. Интровертите секогаш сакаат да бидат сами

Тие знаат да уживаат во своите мисли и во сопственото друштво. Сакаат кога имаат загатки и проблеми за решавање и сакаат да сонуваат. Но се чувствуваат многу осамено кога немаат со кого да ги споделат своите откритија. Иако уживаат кога се сами, сакаат кога имаат искрена врска со некоја личност.

7. Интровертите се чудни

Интровертите се индивидуалисти. Совршено добро функционираат кога се сами и не сакаат да следат групи на луѓе. Напротив, сакаат да бидат ценети за нивните самостојни постигнувања и не носат одлуки базирани на општо прифатеното мислење или тоа што е актуелно. Тоа не ги прави чудни, туку различни.

8. Интровертите се настрани генијалци

Сконцентрирани на сопствените мисли и чувства, интровертите се луѓе кои посветуваат внимание на сопствената личност и тоа што ги интересира. Способни се во секоја смисла на зборот да ги следат случувањата околу нив, но во ниту една ситуација тие случувања не се попримамливи од нивниот внатрешен свет кој е стимулирачки за нив.

9. Интровертите не знаат да се опуштат и да се забавуваат

Иако многу јасно зошто останатиот дел од светот би го објаснил нивното однесување вака, ова е сосема погрешно. Интровертите можеби не се забавуваат во присуство на други луѓе, но неверојатно многу се опуштени и расположени кога се сами дома или во природа. Се исклучуваат и повлекуваат во големи гужви поради тоа што тие им ја трошат енергијата и се доста заморувачки за нив.

10. Интровертите можат да се поправат и да станат екстроверти

Не можат да се поправат и сменат бидејќи нема што да поправат. Тие се сосема нормални и единствени и многу способни и интелигентни. Можат да придонесат неверојатно многу кон општеството, а разликата во однос на екстровертите е тоа што тоа го успеваат сосема сами од таа една и единствена причина дека така функционираат со полна пареа.

Интровертите заслужуваат почит како и сите останати луѓе. Иако различното и непознатото отсекогаш е нешто што ги плашело луѓето, тоа не е причина интровертните личности да бидат избегнувани и неприфатени од општеството. Напротив, има многу нешта кои можеме да ги научиме од нив.

САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       


За авторот
Дипломиран електроинженер по телекомуникации кој во слободно време обожава да пишува. Животен сон ѝ е да го прошета целиот свет уживајќи во добра книга и пријатно друштво. Настојува од секоја ситуација да го извлече најдоброто и не може да замисли денот да ѝ започне без шолја вкусно кафе.

Поврзани содржини

Остави коментар