Тест: Дали сте интровертна или екстровертна личност?

Тест: Дали сте интровертна или екстровертна личност?

Дали некогаш чувствувате дека живеете во свет полн со галама, турканици и метеж? Дали некогаш чувствувате дека не можете да се вклопите во таквиот свет, исто како да не припаѓате во него? Сузан Кејн во својата книга „Тивки: Моќта на интровертите во свет кој не може да престане да зборува“ (Quiet: The power of introverts in a world that can’t stop talking), ги наведува предностите на срамежливите и тивки личности во свет кој навидум е наменет само за екстровертите. Нејзината книга е базирана на 5-годишно истражување на полето на психологијата и невробиологијата, како и на многубројни интервјуа.

Овој интересен тест е преземен од нејзината книга, и се состои од 20 прашања на кои треба да одговорите со „точно“ или „неточно“, одбирајќи го оној одговор кој во повеќе случаи важи за вас. Доколку досега сте имале некакви двоумења, со овој тест ќе може да бидете на сигурно, дали сте интровертна личност, односно повлечена и затворена во себе, или екстровертна, односно дружељубива и отворена.

Тест: Дали сте интровертна или екстровертна личност?

1. Преферирам разговор меѓу двајца повеќе отколку разговор или активност во голема група.

2. Повеќе сакам да се изразувам себеси со пишување.

3. Уживам кога сум сам/а.

4. Ми се чини дека се грижам за богатството, статусот и славата помалку од моите врсници.

5. Не ги сакам оние мали и безначајни муабети кои си принуден да ги направиш кога ќе се сретнеш со некој, повеќе сакам долг и исполнет разговор на тема која ми е важна.

6. Луѓето често ми велат дека сум добар слушател.

7. Не сакам да преземам ризици.

8. Уживам да работам нешто што бара целосно да ѝ се препуштам на работата без многу прекинувања.

9. Не сакам да кревам многу прашина околу моите родендени, и сакам да ги славам само со најблиските пријатели или членови на моето семејство.

10. Луѓето ме опишуваат како некој кој зборува тивко, меко и внимателно.

11. Не сакам да ја покажувам мојата работа или да дискутирам за истата со другите додека не е завршена.

12. Не сакам конфликти.

13. Најдобро работам сам/а.

14. Размислувам пред да зборувам.

15. Се чувствувам навистина исцрпено по некоја социјална средба, дури и тогаш кога сум уживал/а.

16. Често одбегнувам да ја кренам слушалката кога ѕвони телефонот.

17. Кога би можел/а да одберам, би одбрал/а викенд во кој немам апсолутно никакви обврски отколку викенд во кој имам премногу обврски и закажани состаноци.

18. Не сакам мултитаскинг.

19. Лесно можам да се сконцентрирам на нешто.

20. Преферирам лекции наспроти семинарски предавања.

За овој тест Кејн вели дека на колку повеќе прашања сте одговориле со „точно“, толку поинтровертни личности сте. Во случај да имате приближно еднаков број на прашања одговорени со „точно“ и „неточно“, во тој случај сте амбиверт, личност која има приближно еднаков број карактеристики на интроверт и екстроверт, односно е некаде во средина.

Исто, Кејн тврди дека не постои личност која во 100% од ситуациите е интроверт или екстроверт. Некој може да биде поотворен во одредени ситуации, а срамежлив во други. Секако, не заборавајте дека не постои правилен резултат на овој тест, може да бидете повеќе склони кон отвореност со другите или самостојност и затвореност во себе, но тоа не значи дека едното е поправилно или подобро од другото.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Слободното време го минува со голема шолја кафе и со добра книга во рака или пишувајќи го она што ѝ лежи на душата. Не може да поднесе неправда и негува емпатија кон луѓето. Како перфекционист опседнат да даде сè од себе, сонува да направи промена во светот околу неа. Креативна и желна за нови предизвици, со многу нови соништа секој ден, иако понекогаш плашлива од промена. По малку романтична со голема љубов кон англиските книжевни класици.

Поврзани содржини

Остави коментар