Љубовни клишеа

Љубовни клишеа

Секојдневно сме опкружени со клишеа. Дури уште од школските клупи, и не само љубовни. „Наставничке, може да си одам, ме боли стомак/ме боли глава/женски проблеми/ми умре мачката?!“ Љубовни пораки, писма, песни, слатки зборови. Како и колку тие влијаат на нас? Некогаш ги кажуваме без воопшто да размислиме за нивното значење. Тие се како кратки и лесни верзии за без мака да се искаже она што (не) се мисли. Моето прашање е, колку жените „паѓаат“ на клише постапки и фрази кога станува збор за љубовта?

Љубовни клишеаДечкото ѝ пишува пораки секоја вечер пред легнување и секое утро по станување. И така си докажуваат љубов. И што би значело тоа, ќе те сакам дури имам кредит или додека тато ми ја плаќа сметката? И најчесто тоа се веќе слушнати пораки, веќе видени фрази, сето тоа е само препишано или повторено од филм. Не секој е романтична душа, не секој знае да се изрази вистински романтично кога сака да искаже љубов, ама наместо да го цитираш Рајан Гослинг, смисли друг начин да ја покажеш љубовта.

Друга клише постапка која ми оди на нерви, купување подарок секој месец. Си славите „месечнина“? Подарокот треба да биде израз на љубов и милост, онака ти текнало, од срце ти дошло да купиш некоја ситница. Да биде вистинско изненадување, а не да се глуми изненаденост кога се знае дека на тој и тој датум во месецот ќе си „размените“ подароци.

И во никој случај да не ја заборавиме најклише постапката од сите – јавното запросување. Колку појавно толку подобро. Ја сакаш девојка ти и сакаш да ја запросиш, ама само таа слушнала, а не цела Македонија, така што не ти се важи. Е сега, од друга страна, има клише постапки кои се и тоа како слатки. Кога од нигде никаде ќе ти отвори врата од автомобил или ќе го задржи столчето за да седнеш, е таквите клишеа држат вода, барем според мене.

Клише изрази. Секој „експерт“ за љубов и за врски знае да ги цитира. Колку се вистинити?

Клише израз број 1: Далечината ја разгорува вистинската љубов. Ма немој. Како прво, далечината не ја разгорува љубовта, туку ја гасне. Каква и да е, љубовта бара географска блискост. Скајп, интеренет, пораки, телефон… ништо ако ја немаш личноста во близина. Кога ќе престанеш да добваш бакнежи за добра ноќ, готово е, преку интернет нема хемија.

Клише израз број 2: Љубовта ќе ја најдете кога најмалку ќе ја барате. Тоа е исто како некој да ви рече седи си и од небо пари ќе ти паднат. Ја паметите приказната со нашиот големец Колозов? Тој сакаше сам цар да се стори. Пиј си кафенце, азното само ќе си дојде. Да, ама во приказна. За да добиеш нешто во вистинскиот живот треба да го бараш, а не „да се правиш на Тошо“. Од небо паѓа дожд и снег, ама не љубов.

Клише израз број 3: Спротивностите се привлекуваат. Да, баш затоа животните се парат со животни од друг вид, и металци се во врска со фолкери итн. Секој си бара некој спроти себе. Колку и да не изгледа така навидум, луѓето кои се заедно, паровите, друштвата, ужасно многу си се прикладни едни на други. Она што привлекува е сличноста. Заедничкото хоби или делење исти интереси. Спротивностите се надополнуваат ако ги има до одредена граница.

И колку повеќе навлегувам во темава, сè повеќе страв ме фаќа. А што ако и она „те сакам“ станало клише? Станува здодевно ако постојано се кажува, не ти се верува ако доаѓа од уста која лесно се расфрла со медни зборови, ама не е клише ако истовремено и се докажува.

А ова моево, пиј си кафе, читај Кафе пауза, напиши некоја реченица од мерак, да не е клише ситуација? Со оглед на тоа што не се замислувам Кери од „Сексот и градот“, мислам дека не е. Сè што е ваше и ве исполнува максимално, да не ви е грижа дури и да изгледа по малку клише.

До следното читање,
Вашата Ели.


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.