Лекции кои ги научивме од „Сексот и градот“

Култната женска серија „Сексот и градот“ престана да се емитува во 2004 година, неземајќи ги предвид репризите. Потоа се снимија и два филма, но не беа толку успешни и популарни колку самата серија. Кери, Шарлот, Саманта и Миранда беа во постојана потрага по љубов, пријателство, стабилност и сигурност, всушност оние работи по кои трагаат сите девојки и жени.

Лекции кои ги научивме од „Сексот и градот“

Можеби не живееме во Менхетен и немаме непресушен извор на дизејнерска облека и чевли, но сепак повремено можевме да се поистоветуваме со нивните проблеми, случувања, желби и интереси. Овие четири жени оставија голем впечаток кај љубителите на серијата и влијаеа на нашето размислување за одредени теми во љубовта. Ова се дел од лекциите кои ги научивме од „Сексот и градот“.

Не прифаќајте врска со маж кој лошо се бакнува!

Саманта имаше навистина впечатлива улога. Жена која не се плаши да биде отворена, искрена, да им пркоси на старомодните правила и без влакна на јазик да зборува за сексот. Според неа, доколку мажот лошо се бакнува, не е добар во кревет и не е „материјал“ за врска. Можеби звучеше грубо и малку нелогично оваа претпоставка, но размислете. Начинот на кој се бакнува покажува колку е внимателен, страствен, грижлив… Така што, Саманта нè научи на многу важна работа – кога нема хемија при бакнежот, нема хемија во ништо.

Геј пријател е совршен за моногамна врска

Кери го имаше Стенфорд, а Шарлот својот геј пријател Антонио. Љубовниците доаѓаа и си заминуваа, но тие секогаш остануваа. Доброто во тоа да се има геј пријател е тоа што имате совршена комбинација на маж со помалку тестостерон и многу поголема желба за шопинг. Плус, совршени се кога ви треба рамо за плачење бидејќи од нив добивате и машка и женска преспектива.

Лекции кои ги научивме од „Сексот и градот“

Не одолговлекувајте врска која е осудена на пропаст!

Ако постојат знаци дека сте во врска со човек кој не ви одговара, и тие знаци речиси секој ден ве „удираат“ по глава, тогаш време е да ставите крај. Најголема грешка која многу често ја правиме е надевањето дека работите ќе се променат на подобро. Игнорирањето на проблемите не е решение. Иако Кери знаеше дека Ејдан не е за неа, настојуваше врската да успее и видовме како завши тоа. Шарлот се трудеше да биде совршена жена во многу несовршен брак и секако дека не успеа. Можеби е само филм, но кога би биле искрени пред самите себе би станале свесни дека тоа е честа појава во реалниот живот.

Најважна и највозбулива врска е онаа која ја имате самите со себе!

Овие четири дами бараа љубов, но не промена на својот идентитет. Тие се сакаа себеси такви какви што се, и речиси никогаш не ги ставаа љубовните врски пред нивното пријателство. Мажите се надополнување, засладување, посакуван додаток или романса, но не ваша неопходна половина без која не можете да опстанете.

Да се биде сингл е сосема во ред

Една многу важна работа на која нè научи серијата. Да се биде сингл не е воопшто страшно. Можеби не секогаш статусот сингл им носеше среќа, но не значи дека кога си во врска секогаш цветаат рози. Да можеш да уживаш и да се забавуваш имајќи го статусот сингл, значи да си независна и самостојна.

Лекции кои ги научивме од „Сексот и градот“

Не играјте недостапни пред мажи кои се недостапни!

Некогаш треба да играте игри, некогаш да ги отворите картите и ситуацијата да ја препуштите на играта на судбината. Некои мажи се само за забава, но има и такви на кои не би требало така лесно да им дозволиме да си заминат. Никој не би ве чекал цела вечност додека да завршите со вашите игри, ниту пак би ви го подарил своето срце на послужавник неочекувајќи ништо за возврат. Има периоди кога треба да им се пристапи на нештата на сериозен начин и кога не треба да се играат игри.

Сепак, најважно е покрај себе да имате маж кој ќе ве засмејува

Шарлот беше во потрага по совршен маж и секогаш кога ќе помислеше дека го пронашла, огромна маана која не може да се игнорира ѝ го попречуваше патот. На крај го одбра мажот кој карактерно ѝ одговараше и ја освои со своите погледи кон животот. Помислете, кога ќе помине првичната заљубеност, пеперутките во стомакот и физичката страст, што останува? Кога станува збор за долготрајна врска или брак, на сите ни треба човек кој на крајот на денот, после сите грижи и проблеми ќе знае да нè насмее.

На секого му требаат пријатели!

Ѕверката донесе добар заклучок во една од епизодите. Саманта, Шарлот и Миранда беа трите најголеми љубови во жиотот на Кери, а тој беше среќен што застана на четврто место. Можеби најважната работа на која нè научи оваа серија е дека пријателките се од особена важност и мора да бидат вреднувани.

Лекции кои ги научивме од „Сексот и градот“

Нешто добро може да излезе кога спротивностите ќе се привлечат

Можеби се рекло дека спротивностите се привлекуваат, но сите знаеме дека врски помеѓу две сосема различни личности никогаш не успеваат. Меѓутоа, доколку постои некаков баланс и станува збор за разлики кои можат да се поднесат и луѓе кои се трпеливи и имаат волја да вложат труд за врската да успее, нешто многу добро може да излезе од таа врска. На тој начин можеме да се развиваме, да ги подобриме нашите сфаќања, да се надополнуваме еден со друг.

Да ги земеме како пример Миранда и Стив. На почетокот разликите меѓу нив изгледаа како небо и земја, па нивната врска заврши. Но, не помина предолго време за врската да се обнови. Овој пат Стив поседуваше свој сопствен бар и му стана јасно дека во животот мора да се одлучи на посериозен чекор и да се фати за работа, а Миранда знаеше како повеќе да се опушти и да ужива во животот. Тие двајца меѓусебно се поттикнаа на позитивна промена.

Оној „вистинскиот“ не мора да биде совршен!

По долги години потрага по совршените мажи кои ќе одговараат на поставените критериуми, девојките сепак завршија со мажи кои не се вклопуваат во таквите профили. Кери со човек кој не е толку романтичен и нема премногу време за да се посвети на врската, Миранда со келнерот Стив, Шарлот со ќелавиот евреин Хери, а Саманта, на изненадување на сите, остана во една љубовна врска! Еве ја поуката: Давајте им шанса на луѓето, не ги одбивајте од себе веднаш, би биле изненадени од она што ќе го откриете.

Лекции кои ги научивме од „Сексот и градот“

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Слободното време го минува со голема шолја кафе и со добра книга во рака или пишувајќи го она што ѝ лежи на душата. Не може да поднесе неправда и негува емпатија кон луѓето. Како перфекционист опседнат да даде сè од себе, сонува да направи промена во светот околу неа. Креативна и желна за нови предизвици, со многу нови соништа секој ден, иако понекогаш плашлива од промена. По малку романтична со голема љубов кон англиските книжевни класици.

Поврзани содржини

Остави коментар