Како влијае кофеинот врз вас и колку навистина може да ве држи будни?

Кофеинот ни помага брзо да ги разбудиме умот и телото и да можеме да се ставиме „во погон“ за задачите кои нè чекаат во текот на денот. Но, дали една доза ќе може да „држи“ цел ден и што можете да направите за да бидете ефикасни на работа, без да треба да се предозирате со кофеин? Кога влегува во организмот, кофеинот брзо го стимулира нервниот систем и го забрзува крвниот притисок, а со тоа и енергијата и расположението.

Како влијае кофеинот врз вас и колку може навистина да ве држи будни?

Секоја личност различно реагира на кафето. Кај некои не влијае врз сонот, додека кај други може да предизвика тахикардија. Оние кои имаат проблеми со спиењето или со кардиоваскуларниот систем треба да го ограничат консумирањето според индивидуалната потреба. Сепак, да ги разгледаме факторите кои влијаат врз тоа колку ќе трае дејството на кофеинот кај една здрава личност.

Колку време му треба на метаболизмот да го преработи кофеинот?

Во просек, трошиме половина од количината на кофеинот во следните пет часа откако ќе го испиеме. Најизразено дејство има во првите 15 до 45 минути. Многу луѓе во овој период чувствуваат наплив на енергија и потреба за уринирање, но овие симптоми исчезнуваат по првиот час.

Секое тело кое е редовно изложено на кофеин со тек на време станува отпорно на него, а оние пак, кои се почувствителни, дејството може да го чувствуваат и следниот ден. Генерално земено, нема правила и ограничувања. Како и за сè друго, ефектот зависи од земената доза, но и од личните карактеристики на лицето, како што се телесна маса, возраст и индивидуална чувствителност на кофеин.

Како влијае кофеинот врз вас и колку може навистина да ве држи будни?

Кои продукти содржат кофеин?

Кофеинот најчесто може да се најде во сите видови кафе, но го има и во црниот, зелениот и белиот чај, потоа во газираните пијалаци (особено во таканаречените црни сокови) и во енергетските пијалаци. Исто така, го има и во какаото и темното чоколадо, во сладоледите со вкус на кафе, производи кои содржат гуарана, во енергетските прашоци, протеинските житни плочки, во лекови против главоболка и во пилулите и капсулите за слабеење.

Колкави количини кофеин има во овие производи?

Во 30 милилитри свежо сварено кафе од мелени зрна има околу 95 милиграми, додека во еспресото има 64 милиграми кофеин. Во една шолја црн или зелен чај има 47 милиграми кофеин, а во половина литар енергетски пијалак има околу 160 милиграми. Најчесто, содржината на кофеинот е наведена на декларациите на производите.

Како влијае кофеинот врз вас и колку може навистина да ве држи будни?

Дали кофеинот влијае врз мајчиното млеко?

Бремените жени треба да консумираат кофеин во што помали количини, а во сосема мала концентрација може да се пренесе и преку мајчиното млеко. Најчесто, ако помине доволно време помеѓу пиењето кафе и доењето, кофеинот никако нема да влијае врз бебето, но секако, не смее да се претерува со испиената количина.

Како кофеинот влијае врз спиењето?

Целосниот ефект може да се почувствува во текот на целиот ден. Како што веќе споменавме, сето ова зависи само од индивидуалната толеранција на секој засебен организам. Додека едни нема да почувствуваат никаков проблем, други можеби нема да заспијат цела ноќ поради едната шолја кафе која ја испиле утрото. Во просек, една здрава возрасна личност може да испие 200-300 милилитри кафе без да почувствува последици по спиењето.

Доколку се сомневате дека токму кофеинот ви предизвикува проблеми ноќе, тогаш ограничете го или целосно исфрлете го. Обидете се пред спиење да применувате техники за опуштање како јога и медитација или вежби за рамномерно дишење. Исто така, воспоставете рутина и внесувајте кофеин во точно определен дел од денот, за да можете да воспоставите правилен циклус на спиење и будност без несакани влијанија.

Како влијае кофеинот врз вас и колку може навистина да ве држи будни?

Несакани ефекти од кофеинот

Некогаш е тешко да забележиме дека претеруваме со кафе или друг кофеински производ, но овие симптоми можат да ви укажат дека сте претерале:

  • нервоза
  • болка во стомакот и дијареја
  • неправилни отчукувања на срцето и забрзано дишење
  • несоница и немир
  • напади на анксиозност

Исто така, не смеете и нагло да го прекинете внесот на кофеин, бидејќи може да почувствувате проблеми со концентрацијата, главоболка и мигрена, вознемирени црева, несвестица или мачнина.

Следете ги симптомите и слушајте го телото, тоа самото ви кажува кога има потреба од нешто или кога е презаситено. Секако, обидете се на што поприроден начин да го регулирате нивото на енергија, односно со активен живот, здрава исхрана и квалитетен сон.

Дознајте кога кафето и кофеинот престануваат да работат.

САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       


За авторот
Голем љубител на „Star Wars“ и трилер-романи. И многу сакам мачки!

Поврзани содржини

Остави коментар