Фотографирањето ми дава мир во душава: Уживајте во уметничките фото-дела на Игор Данајловски

Игор Данајловски е роден во Тетово, но пораснал во Дизелдорф, Германија. Тој е професионален фотограф за пејзажи, но и банкар. Веќе 9 години ужива во фотографијата на пејзажи и во 2013-та година отворил фирма за фотографија на свое име. Во 2014-та Игор издал две фотокниги, кои можат да се пронајдат под насловите: „Ein Teil von Romeo & Julia – Die Stadt Mantua“ и „Schönes Mailand – Bella Milano“. Во 2015-та Игор ја направил првата изложба „Моменти во Европа“, спонзорирана од Европската Унија, со која неговите фотографии патувале низ цела Македонија. Во наредните години преку неговата фирма продавал уметнички фотографии, патувал низ Европа и создавал многу спомени. Неговите фотографии привлекуваат внимание и на Интернет, а за тоа сведочи една фотографија што на популарната страница www.500px.com достигнала неверојатна бројка од над 700.000 прегледи. Во 2018-та Игор одлучил да ги одвои бизнисите во неговата фирма, и денес е активен како фотограф за свадби, портрети и бизнис настани, но и како фотограф за пејзажи и уметност. Токму така и ја изградил уметничката куќа „Убавина фајн арт„ преку која ги споделува неговите фотографии на голема публика ширум светот.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by ubavina Fine Art (@ubavinafineart) on

1. Најпрво, раскажи ни за моментот кога реши да ја следиш твојата страст – фотографијата.

Тој момент беше точно кога ја добив мојата прва диплома на факултет. Си се наградив себеси со подарок во почетокот на 2010-тата година и си купив камера Никон Д90 со добар објектив. Оттогаш почнав континуирано да фотографирам. Најпрво почнав со пејзажи којшто ја отсликуваа мојата страст за фотографија и со тек на времето почнав сè повеќе да уживам во уметничкиот дух на правењето фотографии. Од тој ден, некаде во јануари 2010-та, се сè измени и си најдов ново хоби што ме исполнува. Но, тоа беше само почеток на долга приказна.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by ubavina Fine Art (@ubavinafineart) on

2. Дали сам го изгради својот стил или имаше ментори? И кои фотографи, македонски или странски, имаат најголемо влијание на твојот фотографски стил?

Кога почнуваш да се движиш во некој нов круг, имаш надеж да инспирираш луѓе, но исто така и тебе ти треба еден куп инспирација. Јас на времето почнав да заследувам популарни канали на Јутјуб и брзо открив дека Серш Рамели, голем фотограф од Парис, прави фотографии во стил којшто ми изгледаше баш уметнички. Фотографии со приказни, фотографии полни со емоција и убави моменти, направени со прецизност и со посебен стил на комбинирање на боите. Околу 3 до 4 години редовно ги следев неговите видеа на Јутјуб и сè повеќе сакав и јас да постигнам нешто на тоа ниво. Од друга страна пак, во последно време сè повеќе ме инспирираат фотографиите на Даниел Кордан и на Антон Агарков. Со Антон, во јуни ќе одиме заедно на фото експедиција во Алтаи, Русија.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by ubavina Fine Art (@ubavinafineart) on

3. Твојот Инстаграм профил изобилува со фотографии од природни и градски пејзажи. Зошто те привлекува токму овој вид фотографија? И дали однапред размислуваш кои места и сцени сакаш да ги фотографираш или пак кога и да се најдеш пред впечатлива сцена, таа самата те повикува да ја ставиш во рамка?

Пејзажите отсекогаш ме привлекувале. Како дете, мислам дека не бев доволно зрел за да ја забележам убавината на природата. Моето внимание кон природата и задоволството да патувам се пробуди многу покасно. Тоа беше во 2013-та година, кога за краток период живев во Милано и имав шанса да доживеам голем дел од Италија. Тогаш ми се пробуди страста за патување, за истражување нови места, за уживање во невидени локации, за експлорација на непознатото. Така, со тек на времето, почнав да правам и градски пејзажи. Тоа исто така беше почетокот на мојата фотографија со „долга експозиција“, кога со специјални филтри и опции на камерата почнав да креирам уметнички моменти.

Што се однесува до прашањето зошто овој стил на фотографија ме привлекува, едноставниот одговор е дека ми дава мир во душава. Фотографијата со долга експозиција со самото име кажува дека е нешто што трае подолго, не е само „клик“ и готово. Иако понекогаш правам и фотографии што не се толку детални од технички аспект, оние за коишто ми треба подолг период, некогаш дури и саати, се тие што ми носат посебна цел во мојата фотографија, а тоа е создавање на нешто што човечкото око не може да го перципира. Нешто поголемо, нешто поубаво. И затоа се трудам со полно срце и најдобро што можам.

Инаку, со вложување време, одлучувам каде, кога и како ќе одам да фотографирам. Јас мислам за професионален фотограф којшто фотографира надвор (пејзажи, градови…), тоа е најважниот фактор кој одлучува дали ќе испадне нешто од фотографијата или не. Имам строг процес на истражување, на планирање и на дефинирање цели. Со овој процес имам многу поголема шанса да не западнам во незгодна ситуација. На пример, ако сакам да фотографирам од една посебна точка на португалската ривиера, а при одењето до таму откривам дека патот завршува 5 километри пред местото, тоа би било навистина лошо и на крајот би морал да се вратам дома без таа фотографија. Затоа редовно работам со гугл мапс, со апликации како фотопилс, и со други апликации за барање соѕвездија, и постојано имам на ум кое време и од кој правец изгрева сонцето, како и каде ќе биде месечината и дали е полна или не. Сето ова се важни фактори, исто како и внимавањето на временската прогноза.

Но кога сум во разни градови ширум светот, понекогаш имам желба да го фотографирам тоа што во моментот го гледам и го доживувам. Таа страст ја открив минатата година кога со девојка ми бевме на експедиција во Мароко. Маракеш како град, на пример, нуди илјадници можности и места за класични „стрит“ и „тревел“ фотографии што не можат да бидат однапред планирани.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by ubavina Fine Art (@ubavinafineart) on

4. Дали следиш одредени принципи кога фотографираш? Дали има некое размислување или пак, одредена порака што сакаш да ја споделиш со сите свои дела?

Да, следам одредени принципи кога фотографирам, но искрено, тие дури после 2, 3 години работа ги открив и ги научив. Талентот е навистина важен, но за тоа дали некој ќе биде добар фотограф или не, одлучува способноста и волјата на човекот да учи, да биде спремен за ново и да знае да го употреби тоа што го научил за својата уметност. Јас си имам принципи на прецизност, на уметност, на композиција и љубов кон детали и бои.

Мојата главна порака што сакам да ја споделам со моите дела е дека секаде има убавина. Убавината мора да биде откриена, мора да биде претворена во нешто посебно, во посебен момент, во посебно светло. Тоа е мојот главен надеж и труд, да креирам посебни моменти. Моментите се тоа што на крај ни останува во сеќавање.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by ubavina Fine Art (@ubavinafineart) on

5. Секоја фотографија што ја објавуваш има посебен сјај. Може ли да ни кажеш нешто повеќе за процесот на обработка на секоја фотографија, како и кој софтвер го користиш?

Со задоволство. Прво сакам да кажам дека секој мора да си го открие својот правилен пат. Јас од почеток почнав да работам со Адоб Лајтрум, но со текот на времето, кога почнав со долгата експозиција и ноќната фотографија, почнав да ги изработувам фотографиите во Фотошоп. Во последниот период се одлучив да користам и Скајлум Луминар, што ми дава уште повеќе можности во пост продукцијата. Мислам дека на крајот најважно е да се знае правилно, но и со реалистична рака, да се преработуваат фотографиите, за да привлекуваат луѓе. Исто така сакам да потенцирам дека пост продукцијата не ја деформира фотографијата, туку ѝ дава посебен сјај со кој се враќаат нејзините бои и динамиката, којшто биле изгубени од сензорот на камерата. Иако користам Никон Д850 од 2017-та година, верувајте дека дури ни тој, со толку добра техничка опрема, не може 100% да го пренесе вистинското светло со својот сензор. И токму тогаш е моето време да стапнам на сцена и да ја презентирам фотографијата во вистинското светло.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by ubavina Fine Art (@ubavinafineart) on

6. И за крај, ќе сакаш ли да им ја откриеш тајната за впечатлива пејзажна фотографија на нашите читатели-фотографи?

Секако! Тајната е: Бидете оние што сте, не пробувајте да бидете некој друг. Нека ве инспирираат други луѓе, но на крај вистинската цел е да бидете вие инспирација за други луѓе. И баш во контекст на пејзажната фотографија мора да бидете внимателни и смирени. Трпението е можеби најважниот фактор за личен и за објективен успех. Вашата страст за фотографија може само да биде префрлена во слика ако си давате време и ја исполнувате вашата душа. Ако еден од тие фактори не постои, тогаш најверојатно нема да успеете.

Но, што е успех? Најголемиот успех е вие да бидете задоволни со вашите креации, а потоа следува успехот којшто ги привлекува луѓето однадвор. Борете се до крај, за секој зрак на сонцето, за секој миг под полната месечина во планините, борете се за секоја фотографија. Уметник ќе биде тој, што ќе биде поинаков од другите, подобар на посебен начин, среќен и исполнет со тоа што го прави, и ќе ги допре срцата на другите луѓе.

Со очите гледам едно, со објективот друго: Часови по фотографија со инстаграмџијата Боки Марков.

САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       


За авторот
Дипломиран психолог кој обожава да пишува. Автор на научно-фантастичната книга „На работ од времето“. Животно мото ѝ е дека не смее да помине ниту еден ден без кафе и танцување.

Поврзани содржини

Остави коментар