Моето прашање е: високо или не?

Моето прашање е: високо или не?

Автор: Високо Ц

Ќе ви откријам една тајна (иако мислам дека досега сте сфатиле). Високо Ц не е тонот на мојот глас. Високо Ц е високо во сантиметри, или како што милуваат моите пријатели често да кажат, повисока сум од повеќето луѓе во мојот живот.Моето прашање е: високо или не?И иако висината во многу случаи се покажала како предност (не ме боли раката кога се држам во автобус на пример), во многу други ситуации посакував да сум барем некој сантиметар пониска. Најчесто, кога купувам панталони, бидејќи секогаш ми фалат десетина сантиметри должина. Кога би имала To Do листа, веројатно една од топ 10 точките на неа би била „Петиција до нашите бутици и продавници да донесат панталони кои ќе имаат подолги ногавици“.

Една од поразочарувачките ситуации е моето излегување по клубовите. Со мојата висина лесно можам да ги видам сите присутни и неретко се чувствувам како воајер. Затоа, претпочитам да седам. Да не ви кажувам и дека, како љубител на високи штикли, често се случува да имам поглед од птичја перспектива и неретко не сум во тек со разговорот кој го водат моите пријатели бидејќи треба да се искривам надолу (што го боли мојот р’бет). Ама предност е кога сакаш да го викнеш келнерот нели? 🙂

Дополнителниот проблем и веројатно оној кој повеќе ме мачи, е наоѓањето на соодветно висок примерок од спротивниот пол. Не ме разбирајте погрешно, немам јас проблем со пониските мажи од мене и немам проблем да излегувам (читај: dating) со нив. Во еден период од мојот живот ја имав најголемата колекција на апостолки и балетанчиња. 🙂

Ама сепак се прашувам: каде се кријат мажите повисоки од 180 сантиметри???

Не велам дека ги нема, но повеќето се зафатени, а слободните… ок… тоа е друга тема на муабет и не е во корелација со оваа.

Сериозно. По враќањето од мојата последна посета на Белград, каде морам да ви кажам дека има поприлично високи (читај: повисоки од мене) мажи, се чувствував како џин во детска градинка.

Имаше денови кога бев во искушение да направам свој профил за Tall women and Taller men на еден од сајтовите за online dating.

Што ме премисли? Веројатно тоа што сите ние патиме од стереотипи од различни видови. И кога велам сите, мислам сите. Стотици форуми на тема зошто жените сакаат повисоки мажи, зошто општеството има предрасуди кон високите жени кои се со пониски мажи и обратно, високи мажи со прилично ниски жени. Илјадници коментари како жените сакаат да се чувствуваат заштитено покрај мажот, да пропаднат во неговата прегратка, да не мораат да се откажуваат од слаткиот порок – висока штикла.

Воедно, илјадници коментари како висината нема врска и не е битна доколку двајцата се среќни и се сакаат, мажи кои се чувствуваат моќно покрај повисока жена, мажи кои не сакаат жената да делува посилно од нив.

Кој е вистинскиот одговор?

Не знам навистина. И затоа побарав помош од неколку dating експерти. Што кажаа? Ништо посебно. Не губи надеж беше најсветлата точка на нивното објаснување. А да. И не се ограничувај себеси. (Па, нели и јас го велам тоа!?)

И нема да ви прераскажувам сѐ, затоа што ќе ми треба една недела, а ме чека моето долго еспресо во висока шолја. 🙂

But know this…

Животот е полн со изненадувања. Различни луѓе, различен карактер, (во контекст на муабетот) високи и ниски, слаби и не толку слаби, моќни, повлечени, привлечни, гласни, забавни и не толку забавни. Ако се ограничите во барањето, ќе завршите вртејќи се во круг. Затоа, заборавете на луѓето кои НЕ ве импресионираат, колку и да изгледаат како вашиот/вашата идеален/идеална партнер/партнерка. Престанете да барате, туку едноставно отворете се, срушете го ѕидот од стереотипи и предрасуди и уживајте. Никогаш не знаете кого ќе запознаете следната недела. Можеби токму тој/таа е вистинскиот/вистинската.

Ве сака вашето

Високо Ц!



Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.