Зошто е толку тешко да се одбере добар подарок?

Навистина е тешко да подарите добар подарок. Повеќето од нас сакаат да го пронајдат совршениот подарок за луѓето кои најмногу ги сакаме, но често не знаеме ни од каде да почнеме. Купуваме нешто за коешто сме сигурни дека ќе предизвика радост, но сме погрешиле. Или често чекаме до последен момент и купуваме што било во паника.

Зошто е толку тешко да се одбере добар подарок?

Давањето подароци е традиција што постои ширум целиот свет, но сепак им претставува проблем на многумина. Пет одделни истражувања покажале дека луѓето најмногу сакаат да добиваат подарок што го побарале. Ова изгледа навистина лесно, но оние кои купуваат подарок сметаат дека изненадувањето ќе биде многу подобро, па често одбираат сами.

Обично луѓето што подаруваат подарок си замислуваат како ќе биде прифатен. Најчесто очекуваат восхит и изненаденост од личноста на којашто ѝ го дале подарокот. Но оние кои го добиваат подарокот често се попрактични и се фокусираат на неговата употребливост и долгорочно допаѓање.

На пример, сопругот ѝ купува дијамантски обетки на сопругата очекувајќи да ја изненади. Си замислува како ќе извика од среќа кога ќе ја отвори кутијата. Но реакцијата е друга. Таа сакала влечки, блендер или пар ракавици и повеќе би ѝ се допаднале овие подароци наместо обетките, без разлика колку се убави.

Замислете си и друго сценарио. Некоја жена ѝ купува на мајка си (која сака кафе) ваучер од некоја кафетерија. Овој подарок е евтин, но значи повеќе. Од друга страна, мајката иако навистина сака кафе, повеќе би сакала ваучер што ќе може да го употреби за разновидни работи.

Истражување од 2016-та покажало дека луѓето кои подаруваат подароци сакаат да даваат опипливи предмети што можат веднаш да се употребат, како на пример дијамантските обетки. Но луѓето кои добиваат подароци повеќе сакаат да добијат искуство, како на пример влезници за концерт. Исто така, трошењето повеќе пари за саканата личност не значи дека ќе ја импресионирате. Ако некој ви каже дека сака паричник од 1.000 денари, немојте да му купувате чанта од 3.000. Истражувањето исто нагласило да ги избегнувате донациите во име на личноста на којашто сакате да ѝ подарете нешто. Луѓето не ги сакаат овие подароци бидејќи не добиваат речиси ништо со тоа.

Се разбира, подарувањето покрива многу повеќе од она што го опфатиле истражувањата. Замислете си дека вашата сопруга сака блендер и вие ѝ го купувате како подарок за Божиќ. Можеби таа ќе се разочара кога ќе сфати дека добила нешто што најверојатно би си го купила и самата. Иако често нè советуваат да обрнуваме внимание на она што го зборуваат саканите со цел да одбереме совршен подарок, важна е и грижата. Ако вашата најдобра пријателка се пожалила за нејзините брчки, не значи дека ќе ѝ се допаднат ботокс инјекции како подарок, без разлика колку корисни ви изгледаат.

Некои луѓе сметаат дека треба да ги споделите вашите интереси и страсти преку вашите подароци. Но, и ова не секогаш е вистина. Една жена која учествувала во анкета за подароци изјавила дека најлошите подароци што ги добила биле оние од брат ѝ. Тој бил голем фан на серијалот „Војна на ѕвездите“, па постојано ѝ купувал подароци со таа тема.

А што е со смешните подароци? Овие подароци не секогаш им се смешни на другите. Друга жена од истата анкета изјавила дека сопругот ѝ подарил топка која правела звук како кршење на стакло кога ќе ја фрлите. Сопругот мислел дека подарокот е урнебесен, но таа не била воодушевена.

„Имавме две бебиња. Сакав парфем за да се чувствувам поубаво, ваучер за масажа, или некое викенд патување настрана со него. Но ја добив оваа глупава топка.“

Некои сметаат дека е најважна помислата, а ова можеби е вистина. Сепак, можеби би требало добро да размислите и за подароците што ги подаруваат вашите сакани. Тие ќе го добијат она што го сакаат, а вие нема да поминете часови барајќи совршен подарок.

Погледнете и кои се најдобрите подароци за вашата сакана според мислењето на неколку девојки.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Студент кој секојдневно се губи низ страниците на некоја книга. Пишувањето и јогата го прават нејзиниот ден целосен.

Поврзани содржини

Остави коментар