Знаете ли да се менаџирате себеси?

Автор: Петар Лазаров

За една личност, вработен, професионалец, менаџер, сопственик, кој било, да биде комплетен и успешен, во справување со секојдневните предизвици (на работа и приватно), освен неговите професионални вештини и знаења, мора да знае како да се менаџира себеси, своите капацитети и емоции. Односно, да знае да се справи сам со своите препреки и бариери.

„Сите размислуваат да го променат светот, но никој не размислува да се промени самиот себеси.“ – Лев Н. Толстој

znaete-li-da-se-menadzhirate-sebesi-kafepauza.mk

Самоменаџирањето претставува склоп на вештини, методи и стратегии со кои една индивидуа ќе може ефективно да ги насочи своите активности кон остварување на своите цели, но и да знае како тие ќе се одразат на другите. Самоменаџирањето се однесува на: поставување и на исполнување на целите, донесување на одлука, менаџирање на стрес, самомотивација, иницијативност, фокус, организација, планирање, менаџирање на време и најважно за нашата ментална и физичка стабилност. Вработен, со карактеристики што би сакала да го има секоја компанија. Доколку успеам во 500 зборови да ви објаснам и да ви помогнам да ги зајакнете сите овие карактеристики, прво сам себеси ќе си помогнев, а потоа ќе се прогласев за мастер, 9-ти дaн, црн појас. Нажалост тоа не е толку лесно. Тоа бара огромна работа, посветеност, жртва и време. Но, еве неколку совети што може да ви помогнат малку и да ви дадат иницијација повеќе да размислувате и да работите на концептот на самоменаџирање:

1. Да бидеме свесни дека треба да работиме на себеси:

„Свесност“ е вистинскиот збор. Ако немате проблем со овие активности, тогаш вие нема потреба да губите време на самоменџирање:

  • Не чекате никој да ве мотивира, вие самите си ги исполнувате сите задачи.
  • Немате проблем со пробивање на рокови, бидејќи сте добро организирани и испланирани.
  • Немате стрес или лесно се справувате со сите стресни ситуации, притисоци итн.
  • Не кажувате изговори зошто не може да се реши некој проблем, туку веднаш се фокусирате да пронајдете креативно решение за секоја ситуација.
  • Самостојно ги завршувате задачите и не чекате некој друг да ве „подбутне“.
  • Кога ќе ве извади некој од такт, не се истурате на другите.
  • Размислувате пред да кажете нешто и мислите како тоа ќе се одрази на другиот.
  • Внимавате на својата исхрана и работите на јакнење на вашиот ментален и физички капацитет.

2. Познавање на самиот себеси

Самоменаџирањето значи свесност за себе и за своите особини. Кога последен пат сте застанале и сте направиле самоанализа – кои се вашите слаби страни и каде и колку треба да работите за да ги зајакнете?! Каде го губите времето, дали сте мрзеливи, што ве мотивира, дали сте проактивни, зошто давам изговори итн.? ВАЖНО! Внимавајте да не донесете погрешен заклучок, бидејќи многу често знаеме да бидеме нереални за себе самите (си даваме преголема важност).

3. Самоменаџирањето претставува склоп на вештини, методи и стратегии

Една од најважните точки. Самоменаџирањето не е текст, еден ден работа или книга што се чита за 5 дена. Тоа е цел систем на методи и знаења што треба макотрпно да се имплементираат за да дадат ефект. Не постои брз начин на остварување на целите. Сè си бара посветеност, жртва и многу работа. Направете план за самоменаџирање и работете според него. Ако сте рекле дека ќе вежбате секој втор ден, немој да се откажете (и да си најдете изговор) после 3-то вежбање.

4. Самоменаџирање значи менаџирање на емоции

Емоциите се тие што нè водат во животот, што нè прават силни или слаби во некои моменти. Читајте повеќе и работете на развој на вашата Емоционална интелигенција (EQ). Его, емпатија, страв, лутина, омраза, љубов, нагон, сите тие се виновни за реакциите и акциите што ги правиме (сакани или несакани).

5. Самоменаџирањето е рутина

Треба да бидеме свесни дека за да направиме каква било промена, таа треба да ни влезе во навика. А некоја работа да ни влезе во навика треба да ја повторуваме минимум 21 ден (најновите истражувања велат дека оди и дури до 60 дена). Да видите колку е тешко да смениме некоја навика, пробајте еден едноставен тест: од денес почнете 21 ден да ги четкате забите со другата рака (наместо со таа со која секој ден го правите тоа).

6. Работете на вашиот ум и тело

Менталните вежби ќе ви помогнат полесно да се справите со стрелите и со боксовите што ги примате секојдневно од околината и од опкружувањето, а физичките ви се издувен вентил и ќе ви помогнат да ја извадите негативната енергија собрана преку денот и ќе ви обезбеди простор за акумулација на нова, свежа енергија.

Живејте живот што е убав однатре, не само што личи убав однадвор!
Петар Лазаров и Калин Бабушку, основачи на Македонија Експорт, се автори на прирачникот Tip of the week кој изобилува со совети за личен и професионален развој. Повеќе информации ќе најдете на нивната страница на Фејсбук.



Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       


За авторот
Читај на раат!

Поврзани содржини

Остави коментар