Внимание: Ако тој ги прави овие 5 нешта, тогаш можеби сте во врска со социопат

Понекогаш сите ние знаеме да се изгубиме во возбудата која ја носат со себе новите нешта, па токму затоа и да го изгубиме она кое е најдобро и најздраво за нас. Тоа најчесто се случува во љубовните врски, каде што го гледаме партнерот низ розови очила и често игнорираме знаци на опасност кои всушност нè предупредуваат што побрзо да се тргнеме од него. Токму затоа погледнете ги следниве знаци кои никогаш не смеете да ги игнорирате.

Внимание: Ако тој ги прави овие 5 нешта, тогаш можеби сте во врска со социопат

1. Вашиот партнер брзо се разлутува, често вика или фрла нешта

Не постои човек кој одвреме-навреме не се разлутува, но доколку тоа се случува често, тогаш би требало да обрнете поголемо внимание на вашиот партнер. Искажувањето гнев со повишен тон може да ја намали тензијата, фрустрацијата и болката, доколку е направено на безбеден начин, но тоа никогаш не треба да се прави со цел да се контролира секоја дадена ситуација. Користењето лутина за да се воведе страв во врската не е прифатливо однесување.

Обидете се да ја откриете насоката кон која е насочена лутината на вашиот партнер. Дали вие сте оние кои ги примаат неговите непријатни зборови? Дали од вас се очекува да ја апсорбирате целата негативност, дури и кога не сте поврзани со ситуацијата? Дали често тој ве обвинува за неговото негативно расположение? Дали забележувате страв во вашето тело кога тој ќе се разлути? Ако одговоривте позитивно на кое било од овие прашања, време е да направите еден чекор наназад и да ја преиспитате вашата улога во оваа врска.

2. Вашиот партнер покажува знаци на таинствено однесување или претерано лажење

Факт е дека не можете да имате здрава љубовна врска без искреност. Таа не треба да биде тема за преговарање помеѓу партнерите, па токму затоа доколку чувствувате дека тој има лоши намери, големи се шансите дека сте во право. Доколку вашиот партнер делува како да чува тајни за одредени делови од својот живот, тогаш тоа е знак дека тој не е искрен со вас. Исто така, доколку редовно одбива да разговара за својот ден и ги крие своите секојдневни активности од вас, тогаш ова може да биде знак за уште поголем проблем. Ако некој не е подготвен да ги сподели деталите од својот живот, тогаш како би можеле да се поврзете на поинтимно ниво? И уште пострашно, што поточно тој крие од вас?

Имајте на ум дека постои разлика помеѓу повлечените личности и оние кои се таинствени. Можеби вашиот партнер сака 1, 2 часа тивко и слободно време по работата или пак, добива мејлови од работа до доцна во текот на вечерта и едноставно не сака да ве мачи и вас со нив. Овие знаци можат да укажуваат на личност со силни приоритети, наместо на личност која живее двоен живот.

3. Вашиот партнер покажува драстични и ненадејни промени во однесувањето или расположението

Можеби сте нашле врска која одлично ви одговара. Вие сте компатибилни, имате цврста мрежа пријатели, уживате во одличен сексуален живот и едноставно обожавате да поминувате време еден покрај друг. Вие сте пресреќни во овој момент. Но, доколку сите овие нешта можат да исчезнат за само неколку секунди, тогаш дефинитивно треба да внимавате.

Постојат илјадници причини зошто може да се промени однесувањето или расположението на вашиот партнер, како големи и негативни животни промени на личен или професионален план. Траумата може да има навистина лудо влијание врз нашиот ум, како и врз добросостојбата, па токму затоа и треба да се обидете да го откриете изворот на неговото однесување. Доколку не постојат вакви застрашувачки сценарија, тогаш насочете се кон вашата интуиција. Дали станува збор за моментална фаза или пак, знак за уште поголем проблем?

4. Вашиот партнер покажува знаци за екстремно посесивно однесување

Вие треба да се интересирате за секојдневието на вашиот партнер. Токму затоа и го прашувате како си поминал во текот на денот. Но, доколку тој се интересира премногу детално за вашиот ден, тогаш тоа е знак за загриженост. Некои од најраните знаци за семејно насилство започнуваат со навидум безопасни прашања. Ако тој го замени прашањето, „Како ти помина денот?“ со прашања како, „Со кој беше денес?“ или „Кое време беше до продавница?“ тогаш тој можеби покажува претерано посесивно однесување.

Ако овие видови прашања се комбинирани со неговата потреба постојано да знае каде сте, така што ве проверува на работа, ве посетува ненајавен или пак, ви се јавува претерано, тогаш вие можеби се ставате во потенцијално опасна ситуација доколку одлучите да останете покрај него.

5. Вашиот партнер никогаш не вели: „Извини“

И покрај тоа што ова изгледа како да не е опасен знак, сепак неспособноста да се каже „извини“ на партнерот може да има големи последици. Доколку тој одбива да се извини кога направил нешто погрешно, тогаш постои знак за нееднаквост во оваа врска. Но, оваа нееднаквост може да биде интерпретирана на два начина, а вашата задача е да откриете за кој станува збор со цел да можете соодветно да реагирате.

Во првото сценарио, неговата неспособност да се извини може да биде еден начин на кој тој проектира доминација или супериорност во врската. Токму затоа и со ова однесување тој ја префрла својата одговорност врз вас. Тоа е огромен знак за опасност во врската. Од друга страна пак, понекогаш неспособноста за извинување има подлабоки корења во својата внатрешност. Извинувањата се еден начин на кои вие признавате дека не сте совршени, па токму затоа и ова разоткривање е многу потешко за оние луѓе кои не сакаат да се чувствуваат ранливо пред својот партнер.

За авторот
Дипломиран психолог кој обожава да пишува. Автор на научно-фантастичната книга „На работ од времето“. Животно мото ѝ е дека не смее да помине ниту еден ден без кафе и танцување.

Поврзани содржини

Остави коментар