Совети кои ќе ја зајакнат вашата врска

Во секоја врска има падови и подеми и на секоја врска мора да се работи за таа да опстане. Колку и да звучи ова лесно, во реалноста воопшто не е. Некогаш врската бара пожртвуваност од партнерите, некогаш компромис, а некогаш само малку волја нејзиниот ритам да биде сѐ освен здодевен. Бидејќи за секоја врска се потребни двајца, би било убаво кога заедно со вашиот партнер би ги зеле следниве примери како предлог за тоа како да ја подобрите врската и да ја зачинувате секој ден малку по малку.

2-soveti-koi-kje-ja-zajaknat-vashata-vrska-kafepauza.mk_

1. Играјте заедно

Ова ги опфаќа сите можни идеи кои ви паѓаат на памет во моментов. Според психологот Арт Арон и неговите колеги, а на база на низа експерименти, на секоја врска ѝ се потребни возбуда и авантура. Па колку повеќе паровите заедно реализираат некои луди идеи и желби, толку врската ќе биде повозбудлива и за двајцата, во секоја смисла на зборот.

2. Зезајте се повеќе

Смеењето е многу важен фактор во секоја врска. Врската во која не знаете да се смеете на ваша и на сметка на вашиот партнер e врска во која вие не се чувствувате вистински свои и слободни. Шегите ќе го намалат стресот, ќе спречат непотребни кавги или, пак, ќе направат да ви биде полесно да зборувате за некои работи кои можеби ви е тешко да ги споделите.

3. Научете да слушате

Има огромна разлика меѓу слушање кога партнерот зборува и навистина впивање на информациите кои тој/таа ги споделува со вас. Ако сакате да бидете во среќна врска која ќе ве исполнува и двајцата, тогаш неопходно е да ги впивате и разберете зборовите кои ви ги упатува саканата личност бидејќи тоа е единствениот начин да знаете што и каде треба да се промени или прилагоди.

4. Кажувајте си почесто дека се сакате

Колку и да звучи излишно, кажувањето колку се сакате може навистина да промени многу. Ова не значи дека партнерот не знае дека вие го сакате, но секогаш е добредојдено да се слушне едно Те сакам. Споделувањето чувства е неопходна храна за врската, па со цел таа да биде појака од кога било, мора меѓусебно да знаете како се чувствувате, да си го кажувате тоа и никогаш да не очекувате дека партнерот од нигде никаде треба да ги знае вашите чувства. Не претпоставувајте и бидете слободни да го искажете тоа што го чувате во себе и отворени да го ислушате партнерот кога сака да го направи истото. Секое Те сакам ќе ве зближи милиметар повеќе, а некогаш тој еден милиметар знае да направи огромна разлика.

(1)-soveti-koi-kje-ja-zajaknat-vashata-vrska-kafepauza.mk

5. Пронајдете нешто во кое и двајцата верувате

Многу парови, кога станува збор за верување, се вртат кон религијата и наоѓаат утеха и сила во нешто поголемо од нив. Но не секогаш мора да значи дека религијата е единственото решение. Зборувајте со партнерот на оваа тема и најдете го она нешто кое ве врзува и двајцата, онаа спојка каде вашите верувања и ставови се преклопуваат и држете се за неа. Кога има нешто во кое и двајцата верувате и кое заедно ве води, многу е полесно да се пронајдете на истата патека кон една иста цел.

6. Оставете го настрана мобилниот телефон

За жал и колку и да звучи неверојатно, многу врски завршуваат со раскинување токму поради таа непромислена зависност од мобилниот телефон. Постојано со телефонот во раце, секогаш обрнувајќи многу повеќе внимание на виртуелниот отколку на реалниот свет. Но уште поневеројатно е колку вашата врска ќе оживее кога ќе согледате колку многу интересни и повозбудливи нешта се случуваат во реалноста. Нешта и луѓе кои може да ги допрете, личности кои ќе ги почувствувате и навистина видите и допрете. Ниту еден разговор не е подобар од оној во живо и ниту една слика не може да го замени погледот кој ќе го почувствувате на вас. Заборавете на телефонот и влезете во она што се вика живот бидејќи токму таму се случува она вистинското.

7. Простете

И кога сѐ друго ќе го изгуби своето влијание во врската, простувањето е она кое никогаш не подвалува. Иако ова е една од најтешките работи во врската, сепак е неизбежна доколку сакате да останете во неа. Нема шанси да не се повредите меѓусебно со зборови кои најверојатно не ги ни мислите или, пак, да не направите нешто сосема непромислено кое ќе ја разочара саканата личност. Но човечки е да се прости нели? Чувањето на лоши спомени и чекањето на вистинскиот момент за да му ги префрлите на вашиот партнер само ќе ве направи несреќни и поосамени во врската, а тоа ќе ве оддалечи еден од друг. Некои работи едноставно не вредат за врската да се фрли во вода.

(3)-soveti-koi-kje-ja-zajaknat-vashata-vrska-kafepauza.mk

Кога се сака, сѐ се може – барем така велат постарите. Па зошто ова не би важело и за љубовните врски? Каква ќе биде вашата врска и во која насока ќе се движи зависи целосно од вас и вашиот партнер, па бојте ја најубаво што може.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Дипломиран електроинженер по телекомуникации кој во слободно време обожава да пишува. Животен сон ѝ е да го прошета целиот свет уживајќи во добра книга и пријатно друштво. Настојува од секоја ситуација да го извлече најдоброто и не може да замисли денот да ѝ започне без шолја вкусно кафе.

Поврзани содржини

Остави коментар