Следете ги овие правила и животот ќе ви стане совршен!

Бидете позитивни. Размислувајте ведро. Луѓето околу вас се среќни и возбудени – бидете едни од нив! Секој ден давајте малку од себе и сè што правите, правете го до максимум. Но исто така и уживајте по пат. Морате да го сакате тоа што го правите.

Следете ги овие правила и животот ќе ви стане совршен!

Ако работата не ве исполнува, променете ја! Ако работата ви е некреативна – променете ја! Ако работата ви е нешто што ве оддалечува од долгогодишниот сон – променете ја! Животот е премногу краток да бидете заглавени 8 часа во денот, секојдневно.

Образувајте се. Никогаш не престанувајте да работите на себе. Човекот учи додека е жив, па собирајте што е можно повеќе информации. Наместо една, скокајте по две скали! Не можете да бидете престари за знаење.

Здравиот појадок исто така е многу важен, а не занемарувајте го и овошјето. Не јадете доцна навечер, избегнувајте го белиот шеќер, белото брашно, белата сол, белиот леб… Истражувајте нови здрави производи, јадете протеини, но избегнувајте јаглехидрати и заситени масти!

Цедените сокови се и поздрави одошто мислите, а водата во големи количини може целосно да ви го смени животот. Физичката активност и квалитетниот сон треба да ви бидат приоритети во животот. Најдете среќа во вежбањето и спиењето.

Престанете да пушите. Престанете да пиете! Почнете да се распрашувате како можете да им помогнете и на другите што се борат со ваков вид зависности. Грижете се и за животната средина – пронајдете организација за заштита и помогнете што е можно повеќе.

Бидете пријатни, чувствителни, културни. Не користете погрдни зборови. Барајте го доброто во луѓето и никогаш не престанувајте да се борите за човештвото. Не губете ја довербата, бидете искрени и директни и секогаш кажувајте го тоа што го мислите.

Трошете го времето на корисен начин – воздигнете се културно, проширете ги видиците, разговарајте со интелектуалци. Одете на опера, читајте книги, гледајте документарни филмови. Сменете го начинот на кој размислувате и гледате на светот.

Од корен искорнете ги негативните мисли. Ако не можете сами, посетете психотерапевт. Работете на себе и во духовна смисла. Зајакнете го рационалниот ум, подобрете ја емоционалната сила и стишите го импулсивниот дел (но не отстранувајте го целосно!).

Обидувајте се добро да заработувате. Парите гарантираат самостојност и слобода. Не дозволувајте да зависите од друг и носете мудри финансиски одлуки. Штедете, но повремено почестете се и со поскапи задоволства.

Трошете паметно – за најновата опрема за вежбање, за аронија и брусници, за курсеви за веб-дизајн и работилници за работа на себе. Не заборавајте и на излегувањата со најблиските, што ќе ве наполнат со позитивна енергија.

Бидете организирани – менаџментот на времето лесно се учи. Правете ги луѓето околу вас среќни. Внимавајте на семејството и пријателите, посветувајте им повеќе време и енергија, но гледајте тоа да биде константно и подеднакво. Не заборавајте на важните датуми!

Патувајте. Бидете толерантни. Размислувајте глобално. Ослободете се од конзервативните, традиционалните и малограѓанските мисли. Поминувајте време во природата и воспоставете целосен контакт со вашиот ум.

Или не правете ништо од ова!

Постојат толку многу правила за совршен живот, но само вие знаете точно што ви треба. Искористете ги оние што сметате дека би ви помогнале, а игнорирајте ги останатите. И следен пат кога некој ќе ви каже како да живеете, насмејте се и продолжете си по своето!


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       


За авторот
Дипломиран психолог кој обожава да пишува. Автор на научно-фантастичната книга „На работ од времето“. Животно мото ѝ е дека не смее да помине ниту еден ден без кафе и танцување.

Поврзани содржини

Остави коментар