Што претставува духовната зрелост?

Во денешното општество имаме навистина дводимензионално разбирање за зрелоста. Повеќето луѓе ја дефинираат како собирање искуства кои доаѓаат со процесот на стареење, но ова не е вистина.

Што претставува духовната зрелост?

Зрелоста има мала поврзаност со надворешните искуства и речиси целосно зависи од нашето внатрешно процесирање на светот. Можеби сте имале бројни предизвици и тешкотии во животот, но ако не сте биле присутни и свесни што ви се случувало и ако не знаете како тоа ви помогнало да созреете и да научите нешто, тогаш сите искуства се само моменти.

Вистинската зрелост е состојба на внатрешна слобода, така што можете свесно да реагирате или да бидете доволно одговорни за да го забележите крајниот резултат на вашите мисли, чувства и постапки и нивното влијание врз вас, другите луѓе и светот. Развивањето на вистинската зрелост има влијание на многу делови од вашиот живот, па погледнете што всушност значи тоа.

1. Зрелоста е храброст

Зрелоста вклучува внатрешна слобода, а слободата е резултат од храброста. Односно, да бидете доволно храбри за да размислувате и да се однесувате поразлично. Во општество каде што зрелоста претставува бркање кариера, партнер, семејство и материјализам, потребна е голема храброст да го најдете патот на вашето срце и да се поврзете со вашето вистинско јас.

2. Зрелоста е искреност

Многу луѓе ја избегнуваат вистината за тоа кои се така што натрупуваат верувања, етикети и улоги во нивните животи. Но зрелата личност, на нејзиното долго патување за себеоткривање, ги гледа сите лажни улоги. Чест пример за духовна незрелост е избегнувањето на темните елементи од човечката природа, односно верување дека сте го надминале вашето „ниско јас“ и сте го допреле „повисокото јас“. Во овој случај се однесувате како „ниското јас“ воопшто да не било дел од вас. Исто така, овде спаѓа и мешањето на гласовите од вашите повреди од минатото со вашата интуиција.

3. Зрелоста е љубов

За многу луѓе, љубовта значи само добивање љубов. Да љубите некој само кога и тој ве љуби не е многу зрел начин на љубење. Да бидете зрели значи дека можете да љубите некој безусловно, дури и ако таа личност не ве сака. За вас, љубовта што ја имате кон себе ви е сосема доволна.

Духовно зрелата личност љуби бидејќи вљубеноста ѝ помага да ги прошири своите видици и да се поврзе со божественото. Таа не љуби само затоа што сака да биде љубена. Доколку и другата личност љуби на истиот начин, тогаш оваа љубов станува уште помоќна.

4. Зрелоста е сочувствителност

Многу религии ќе ве научат да правите добро поради сожалување. Но во овој случај важна е вашата емпатија за вистински да ја почувствувате и да ја разберете болката на другите. Многу луѓе се сочувствителни, но само поради ветувањето за некаква награда. Но ова е навистина деструктивно и е совршен пример за незрелост.

Добрата личност не прави добро бидејќи мора и не е водена од несвесни желби како моќ, престиж и контрола. За да направите што било добротворно, вашата мотивација мора да доаѓа од внатрешниот мир и слободата.

5. Зрелоста е простување

Мразењето на луѓето може да биде зависно. Ви дава лажно чувство на моќ и мислите дека се штитите кога мразите некого. Ова однесување ве тера да мислите само на вашата важност. Но ова е уште еден начин на кој мизеријата и самосожалувањето ве прават среќни. Вистинското простување значи преземање одговорност и донесување одлуки со кои нема да го оправдате чувството на омраза и гнев. Треба да сте доволно свесни за да знаете дека овие чувства само го намалуваат квалитетот на вашиот живот.

6. Зрелоста е прифаќање

Зрелоста значи да знаете што можете да промените, а што не. Личноста која живее во постојана состојба на конфликт со светот е роб на нејзините внатрешни реакции. Оваа личност не е слободна да одговори.

Ова не значи дека зрелата личност не е свесна за неправдата и хаосот во светот. Зрелата личност едноставно не пружи отпор. Таа е доволно свесна да знае дека не може да го промени целиот свет. Не можете да ги решите проблемите на светот доколку делувате од вашиот внатрешен гнев. Да се прифатите себеси и другите, значи да научите како да се движите во овој свет без да завршите на дното.

Будењето на зрелоста е почеток на процесот на внатрешно цутење. Ова е почетокот на патувањето кон исполнувањето на вашиот вистински потенцијал.

Погледнете ги и знаците кои покажуваат дека се претворате во мудра и зрела душа.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       


За авторот
Студент кој секојдневно се губи низ страниците на некоја книга. Пишувањето и јогата го прават нејзиниот ден целосен.

Поврзани содржини

Остави коментар