Што претставува алкалната диета и дали навистина функционира?

Денес постојат толку многу диети и режими на исхрана што е навистина тешко да одлучите кој план е најдобар за вас, а кој е неефективен (па дури и опасен). Во продолжение прочитајте нешто повеќе за алкалната диета.

Што претставува алкална диета и дали навистина функционира?

Што претставува алкалната диета?

Основната идеја на овој режим на исхрана е да се замени киселата храна со производи кои имаат рН вредност 7 или повеќе. рН вредност 7 е неутрална. Сè што има пониска вредност се смета за кисело. Сè што има повисока вредност е база. Се верува дека консумирањето алкална храна ќе го одржи рН нивото на вашата крв што е можно поалкално. Покрај тоа, се смета дека оваа диета може да го намали ризикот од развој на бројни болести, вклучувајќи рак и артритис, да го зголеми нивото на енергија, да ги намали воспалителните процеси и да има позитивно влијание на целокупното здравје.

Што можете да јадете?

Секоја храна со алкална рН вредност е дозволена, вклучувајќи го поголемиот дел од овошјето и зеленчукот, тофу, соја, некои јаткасти плодови (како бадеми) и семки (како ленено семе).

Што не смеете да јадете?

Овде спаѓа секоја храна која создава киселост во телото. Тоа се месо, јајца, поголемиот дел од млечните производи (дозволено е козјо млеко), преработена храна, кофеин и алкохол.

Дали функционира оваа диета?

Според нутриционистите, диетата не функционира. Иако храната во алкалната диета е навистина здрава, нема научни докази според кои алкалните производи ја менуваат рН вредноста во вашата крв. Телото го регулира нивото на рН вредноста во телото, па речиси е невозможно да се влијае на него со исхраната. Иако алкалната диета охрабрува консумирање овошје и зеленчук, односно повеќе растителна храна, и забранува консумирање преработена храна, сепак недостигаат научни истражувања кои ќе ја поддржат нејзината ефикасност.

Дали алкалната диета може да предизвика каква било штета?

Храната која е дозволена во овој режим на исхрана не е нездрава. Но, ограничувањето на само неколку групи храна (дури и ако тие се добри) не се препорачува, особено ако диетата не е докажано ефективна. Покрај тоа, Роберт Јанг, човекот кој ја смислил оваа диета моментално е во затвор бидејќи лекувал без дозвола. Сепак, за каква промена и да се одлучите во вашата исхрана, секогаш е најдобро прво да се консултирате со вашиот лекар.

Прочитајте нешто повеќе за најпопуларните диети.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Студент кој секојдневно се губи низ страниците на некоја книга. Пишувањето и јогата го прават нејзиниот ден целосен.

Поврзани содржини

Остави коментар