Што може да се случи ако престанете да ја бојадисувате косата?

Бојадисување на коренот, осветлување, затемнување… Има различни начини на кои можеме да ја смениме природната боја на косата. Но, зарем досега не ви здодеа посетата на фризерските салони? Голем дел од жените дури не ја паметат природната боја на својата коса, но дали некогаш сте се прашале што би се случило доколку престанете да нанесувате разни тонови и ја оставите косата природна, онаква каква што ви била кога сте биле мало девојче?

(1) Што може да се случи ако престанете да ја бојадисувате косата?

1. Можете да заштедите пари

Без оглед дали чинот на бојадисување го правите сами во домашната бања пред огледало или редовно го посетувате луксузниот салон на вашиот стилист, бојадисувањето помалку или повеќе, чини пари. Доколку одлучите да се вратите на вашата природна боја на косата, секако ќе заштедите некој денар.

2. Вашата коса ќе изгледа поздрава

Иако бојадисувањето на косата и сите различни техники се усовршени и секојдневно одат нанапред, сепак оставаат одредена трага. Паузата од редовното нанесување различни хемикалии, ќе ја релаксира косата и ќе ја врати во првобитната состојба, а ефектот ќе биде уште поголем доколку ги отстраните и оштетените врвови.

(2) Што може да се случи ако престанете да ја бојадисувате косата?

3. Но, можеби ќе биде потешка за обликување

Ова особено е проблем за оние кои имаат природно права коса. Здравите, нетретирани прамени се помазни и посвиленкасти, што е добра работа, додека не дојде момент да ја уредите во некаква лежерна фризура, која бара да се направи плетенка или лесни брановидни форми.

4. Влакното на косата може да изгледа потенко

Голем број девојки и жени доаѓаат до ефект на погуста коса токму преку бојадисувањето. Добри стилисти умеат преку комбинација на различни бои да направат вашата коса да изгледа многу поквалитетна и погуста од нејзиното природно издание. Со бојадисувањето многу често се добива волумен и цврстина на влакното.

(3) Што може да се случи ако престанете да ја бојадисувате косата?

5. Ќе треба да воведете нов начин на одржување на косата

Можеби мислите дека ќе ви требаат помалку производи за одржување на вашата коса која има природен пигмент, но немојте да се изненадите доколку одеднаш се соочите со потребата од различни спрејови, восоци и пени за да ја наместите косата и да ја постигнете фризурата што сте ја носеле претходно.

6. И, можно е да ви стане здодевно

Повеќето девојки и жени, освен за да изгледаат убаво, косата ја бојадисуваат и за да ја искажат својата индивидуалност и стил. Иако, враќањето на природната боја има свои предности, секако можете да се соочите и со здодевност. Едноставно кога ќе се погледнете во огледало ќе ви недостасува нешто поинакво. Секако, во тој случај не мора веднаш да се фатите за кутиите со бои, може да размислите и за ново потстрижување, но сепак одлуката е ваша.

За авторот
Книжевник, новинар, сонувач... Го обожува утринското кафе без шеќер. Верува дека убавите нешта се кријат во мали и едноставни пакувања.

Поврзани содржини

Остави коментар