Што ќе се случи со вашата врска доколку криете дури и најмали тајни од партнерот?

Тајните се неизбежен дел од секојдневниот живот на секој човек. Сите ние имаме свои мисли, слобода, желби и амбиции. Нормално е тоа што постојат работи кои сакаме да си ги задржиме за себе, особено ако станува збор за нешто засрамувачко или трауматично. Секако дека не можеме на сите луѓе да им ги кажеме нашите лоши одлуки и катастрофални проценки. Луѓето кои немаат тајни претеруваат со споделувањето детали од приватниот живот, а тоа понекогаш знае да биде непријатно.

Што ќе се случи со вашата врска доколку криете дури и најмали тајни од партнерот?

Но, дали истото важи и за љубовните врски и браковите? Дали е во ред да чувате тајни од човекот со кого сте решиле да го поминете животот? Одговорот е не. Можеби ќе ви звучи екстремно, но ако криете работи од партнерот, подобро е уште веднаш да ѝ ставите крај на врската. Зошто би сакале да бидете со човек кому не можете целосно да се отворите?

Зошто воопшто имаме тајни? Најчесто чуваме тајни со добри намери, за да не ги повредиме чувствата на саканите. Но, како што можеби знаете, патот до пеколот е поплочен со добри намери. Можеби мислите дека му правите услуга на партнерот со тоа што чувате некои работи за себе, но тајните знаат многу да се натрупаат и порано или подоцна, купот ќе се сруши како кула од карти.

Дури и најмалите лаги и тајни можат да ја нарушат вашата врска. Ако дознаете дека вашиот партнер ве излажал или сокрил нешто од вас, тоа засекогаш ќе го промени вашето мислење за него. Оттогаш натаму ќе знаете дека тој е способен да ве лаже и секогаш ќе се прашувате дали крие нешто од вас.

Секогаш е подобро да ја кажете вистината. Ако чувате тајни од човекот со кого сте во врска, нема да можете да го сакате доволно за да останете засекогаш заедно. Доколку сакате врската да трае, мора да бидете целосно искрени, но и целосно ослободени од секакви осудувања.

Љубов е кога сакате некого тука и сега. Ги познавате неговите недостатоци, мани и неуспеси но сепак го сакате. Не се обидувате да го промените, туку целосно го прифаќате. Ако не можете да се соочите со вистината, тоа значи дека не сте подготвени да се борите за врската. Тајните ја трујат љубовта. Тие се како мали капки отров кои порано или подоцна ќе го предизвикаат крајот на врската.

Што ќе се случи со вашата врска доколку криете дури и најмали тајни од партнерот?

Понекогаш чуваме тајни затоа што сакаме да бидеме подготвени доколку дојде до раскинување. Не сакаме да ги откриеме мрачните страни на нашето минато, бидејќи не сме сигурни дека засекогаш ќе останеме во врска со одредена личност. Но, ако се подготвуваме за најлошото, распадот на врската е неизбежен.

Тешко е целосно да се отворите некому и да ја покажете сета ваша ранливост. Тоа значи дека сте подготвени да се изложите себеси на голем ризик и опасност. Потребна е голема храброст за да се направи тоа.

Но, ако не можете целосно да му се доверите на вашиот партнер, тоа значи дека не вреди да трошите време на таа врска. Ако не можете да го покажете вашето вистинско лице и не сте сигурни дали станува збор за безусловна љубов, тогаш најдобро е да продолжите понатаму.

Вечната љубов бара безрезервна посветеност. Вашите мисли, дела, намери, зборови и начин на комуникација ќе ви помогнат да ја постигнете оваа посветеност. Тоа значи дека не смеете да чувате тајни. Не заборавајте дека љубовта е синоним на искреноста. Овие два поима зависат еден од друг и без нив врската е осудена на пропаст. Бидете искрени и не плашете се да ги откриете вашите најдлабоко скриени тајни. Доколку станува збор за вистинска љубов, бидете сигурни дека партнерот ќе ве прифати и сака целосно, со сите ваши мани и недостатоци.

Доколку ве заинтересира оваа тема, прочитајте кои работи никогаш не смеете да ги криете од вашиот љубовен партнер.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар