Што е подобро за забите на Вашето дете: Доење или формула?

Што е подобро за забите на Вашето дете: Доење или формула?

Доењето и формулата покажале позитивни ефекти врз развојот на новороденчињата, но кој тип исхрана резултира со помал ризик од појава и развој на кариес и создавање дефекти на емајлот на забите?

Што е подобро за забите на Вашето дете: Доење или формула?

Доењето претставува главен извор на исхрана на новороденчињата, а преку него се овозможува соодветно развивање и напредување во нивниот раст. Со појавата на формула како опција за исхрана на новороденчињата, наместо мајчиното млеко, се поставуваат многу прашања за тоа кој извор на хранливи материи е подобар за нив. Двата начини на исхрана покажуваат позитивни влијанија врз развојот, но едната секако има поголеми долгорочни придобивки.

Доењето е докажано дека има позитивна корист за имунолошкиот систем на новороденчето, како и за растот и зголемувањето на телесната тежина. Внесувањето на мајчиното млеко може да го запре формирањето на одредени нарушувања на Т-клетките, како што се целијакијата, резистенција на инсулин и обезност (дебелина). Невролошките ефекти имаат подолготрајно дејство кај новороденчињата кој биле доени, споредувајќи со оние кои биле хранети со формула. Според направените студии за когнитивен развој, било откриено дека постои поголема интелигенција кај децата кои биле доени, во споредба со оние кои биле хранети со формула.

Се чини дека и мајчиното млеко и формулата обезбедуваат адекватна исхрана, но дали едниот начин на исхрана може да биде посупериорен во однос на другиот, при формирањето на забите и како влијае на здравјето на забите?

Изворот на исхрана на новороденчињата е директно поврзан со ризикот од појава на кариес и дефекти на емајлот на забите.

Детските стоматолози се добро запознаени со денталниот кариес бидејќи тој е главен здравствен проблем кај 60% –  90% од децата. Дефектите на емајлот на забите, исто така, најчесто се забележуваат во раното детство. Тие вклучуваат широко распространети дефекти и хипоплазија во емајлот. Исто така присуството на дефекти на емајлот може да го зголеми ризикот од појава на кариес. Според направените студии се открива дека нискиот социоекономски статус е главен фактор кој придонесува за развојот на дефекти на емајлот и кариес во раното детство кај 72,9% од децата. Во оваа студија, мајките со низок социоекономски статус имале помало образование и сознанија за придобивките од доењето, што може да се поврзе со повисоката зачестеност на појава на дефекти на емајлот кај новороденчињата со пониско социоекономско потекло. Доенчињата од мајки со повисок социоекономски статус имале помал ризик од кариес, кој се смета дека е поврзан со повисоки стапки на успех со доењето.

Што е подобро за забите на Вашето дете: Доење или формула?

При проценка на ризикот од кариес, одделно од дефектите на емајлот, доењето е ефикасно во спречувањето на забниот кариес повеќе од формулата во првите шест месеци од животот. Овие резултати изгледаат ветувачки за промовирање на доењето, меѓутоа првиот заб вообичаено не еруптира до временскиот период од шест месеци. Штом забите започнуваат да еруптираат, повеќе видови на храна се вклучуваат во исхраната, што ја отежнува проценката на точните ефекти на мајчиното млеко врз забите. Со растот и развојот на новороденчињата во првите шест месеци, ризикот од појава на кариес на забите може да се зголеми како резултат на социоекономските и биолошките фактори. Биолошките фактори можат да бидат флуоридација на водата, хранење на барање и едукација во врска со доењето.

Во една студија од поголеми размери, при изведување на систематски преглед се извршила проценка на застапеноста на кариес, кај новороденчиња хранети со формула и друга група со мајчино млеко. Се докажало дека мајчиното млеко е поуспешно во спречувањето на појавата на кариес. Понискиот ризик од кариес се однесува на обемниот микробиом, како и хемиските фактори кои се наоѓаат во мајчиното млеко кои влијаат на имунолошкиот одговор во почетната фаза на заштита од кариес. Повисоки нивоа на јаглехидрати се присутни во формулата, во споредба со мајчиното млеко, а веќе одамна се знае дека тие се главни причинители во формирањето на кариес.

Иако се чини дека мајчиното млеко е помалку кариогено во однос на формулата за новороденчиња, други фактори исто така влијаат на ризикот од појава на кариес. Па така, честите хранења го зголемуваат ризикот од кариес, но повеќе кај новороденчињата кои се изложени на чести хранења со формула. Доколку новороденчето заспива додека се храни, мајчиното млеко се акумулира во устата на површината на забите. Оваа продолжена изложеност драматично го зголемува ризикот од појава на кариес кај новороденчињата. Мајките кои дојат со цел да ги смират своите новороденчиња за да заспијат, треба да бидат свесни дека тоа може да биде сериозна причина за развој на кариес.

Што е подобро за забите на Вашето дете: Доење или формула?

Додека етиологијата на забниот кариес е мултифакториелна, дефектите на емајлот често се предизвикани од медицински состојби во време на детството. Неколку медицински состојби се поврзани со етиологијата на дефекти на емајлот, дури и од моментот на раѓање. Раѓањето со помала родилна тежина е тесно поврзано со повисоките нивоа на дефекти на емајлот како резултат на неразвиената способност за производство на калциум.

Одредени инфективни и вродени заболувања кај децата можат да придонесат за формирање на дефекти на емајлот. Тука спаѓаат респираторни инфекции, сипаница, рубеола и воспаление на средното уво. Овие заболувања можат да предизвикаат треска, намалено ниво на кислород и да доведат до хипокалцемија кај детето или мајката. Овие болести не влијаат директно на амелобластите, но влијаат врз исхраната и растот. Доколку амелобластите не ги добиваат хранливите материи што им се потребни за да создадат емајл, може да се појават дефекти. Присуството на тешки заболувања помеѓу раѓањето и 3-та година се поврзани со формирање на дефекти на емајлот на забите, како на пример: пневмонија, астма, спина бифида, вродени срцеви заболувања, хепатитис Б, таласемија и менингитис. Децата кои доживуваат сериозна болест во првиот месец од животот имаат 10% поголема инциденца на појава на дефекти на емајлот. Во одредени случаи времетраењето на заболувањето има поголемо влијание во однос на специфичниот вид на болеста.

Што е подобро за забите на Вашето дете: Доење или формула?

Изворот на исхрана во текот на првите месеци од животот влијае на преваленцијата на појава на дефектите на емајлот. Супстанциите кои се наоѓаат во исхраната на новороденчињата можат да влијаат на развојот на дефектите на емајлот. Мајчиното млеко може да содржи диоксин, кој е создаден како нус производ од индустриските процеси. Диоксините можат да предизвикаат развојни проблеми и се поврзани со формирање на дефекти на емајлот. Системите кои брзо се развиваат кај новороденчиња се чувствителни на изложеноста на диоксин. Изворите на диоксин во млекото може да дојдат преку исхраната на мајките, преку консумирање месо, риба и школки. Професионалната изложеност, исто така, како што е работа во индустријата за хартија, за согорување и на местата за опасен отпад може да ги зголемат системските нивоа на диоксин кај мајката. Должината на времето кога новороденчето е изложено на диоксин не е релевантно за формирање на дефектите на емајлот. Нивоата на диоксин во формулата за новороденчиња се разликува, но генерално се пониски во однос на нивоата што се наоѓаат во мајчиното млеко.

И, победник е…

Кога се земени предвид сите фактори, се чини дека мајчиното млеко е поврзано со помал ризик од кариес во споредба со формулата за новороденчиња. Други фактори кои го одредуваат ризикот од кариес вклучуваат социоекономски и биолошки фактори, зачестено хранење и хранење за утеха. Нема доволно достапни докази за да се утврди кој извор на исхрана е поефикасен во намалувањето на формирање на дефектите на емајлот на забите.

Во стоматолошката пракса, треба да се обезбеди едукација за двете опции на исхрана на новороденчињата. Иако не сите мајки можат да дојат, тие можат да бидат охрабрени да им дадат мајчино млеко на своите новороденчиња преку измолзување и употреба на шишиња. Правилните техники на хранење треба да се научат, со цел да им помогнат на мајките при намалувањето на можноста за формирање на забен кариес. Мајките исто така треба да бидат охрабрени да ги вакцинираат своите деца со цел да ги избегнат инфекциите како што се сипаниците и рубеолата, кои се поврзани со формирање на дефекти на емајлот.

Детските стоматолози треба активно да учествуваат во едукацијата и споделувањето на овие информации кои директно влијаат врз одлуката на мајката за тоа кој метод на исхрана е најдобар за новороденчињата. Медицинските сестри се со мајките по породувањето во текот на престојот во болница и се совршени поборници за промоција на доењето. Доењето треба да биде силно охрабрено кај мајките на бебиња со мала родилна тежина. Дополнителни теми може да вклучуваат и совети за негативните ефекти од утешително хранење, употреба на шише во текот на ноќта, како и потребата од бришење на устата после хранење. Детските стоматолози се идеални едукатори за поврзување на исхраната на новороденчињата и нејзините ефекти врз усната шуплина. Споделувањето на оваа содржина со пациентите и другите здравствени работници може да ги подобри резултатите за правилен развој на забите и вилиците.

Пишува: д-р Бојан Ангеловски


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Читај на раат!

Поврзани содржини

Остави коментар