Сѐ во животот е навика и кога се сака сѐ се може

Сѐ во животот е навика и кога се сака сѐ се може

Кога ќе кажеме дека нешто не можеме да направиме или немаме време, тоа е всушност само една голема лага која си ја кажуваме себеси за да се убедиме дека не постои ништо повеќе што можеме да направиме мислејќи дека така нема да ни биде криво. Но факт е дека како што лесно можеме да се навикнеме на спиењето до касно, неправењето ништо по цел ден и одењето по кафиња или со други зборови – на трошењето време без врска што за жал многу млади денес го практикуваат, исто толку лесно може да се навикнеме и на практикувањето полезни работи со цел на крајот на денот да знаеме дека не ни поминал за џабе. И дури тогаш кога сме премногу зафатени за да се погледнеме во огледало, а да не зборуваме за уживањето во животот кој пролетува покрај нас, факт е дека ако нешто навистина ни значи тогаш секогаш може да најдеме време да му посветиме.

(1)-se-vo-zhivotot-e-navika-i-koga-se-saka-se-se-mozhe-kafepauza.mk.jpg

Сѐ е лесно кога ќе одлучиме дека тоа ни е поважно од неправењето ништо и сѐ добива поголем удел во нашиот живот кога ќе сфатиме дека тоа ни претставува поголемо задоволство од што било друго. Иако секогаш брзаме и секогаш сме зафатени со милион обврски, па ретко си дозволуваме на нешто да се посветиме со цело срце и душа, постојат начини на кои сепак можеме да си ги извежбаме умот и телото да го бараат тоа од нас. Одредени промени во нашето секојдневие и рутини во кои целосно ќе се опуштиме можат да влијаат на нас како рестартирачки моменти по кои ќе се чувствуваме поубаво, поспособни за претстојните обврски, но и посвесни дека не е сѐ во работата.

Туширање/бањање

Нема поубаво и посмирувачко чувство од моментот кога стоите под тушот, целосно се исклучувате од надворешниот свет и едноставно се препуштате на врелите капки вода кои се лизгаат по вашето тело. Тоа се моменти кога ѝ дозволувате на водата да ги измие сите ваши проблеми, преокупации и грижи, иако е тоа барем за момент. Дозволете си го ова чувство почесто и дајте им ја на телото и умот потребната релаксација.

Пиење кафе или чај

Ретко чиј ден поминува без шолја топло кафе или чај. Па дури и кога немате време, откажете се од нешто што и реално не ви е од толку голема важност за да можете да уживате во ова мало слатко задоволство наречено кафе/чај, а кое ќе ви значи многу во текот на денот. За оние ранобудниците, совршениот период би бил наутро додека сите уште спијат, а за оние кои не сакаат да си го жртвуваат спиењето, тоа може да е кој било дел од денот кој ќе решат да го одвојат за ова краткотрајно уживање.

(2)-se-vo-zhivotot-e-navika-i-koga-se-saka-se-se-mozhe-kafepauza.mk.jpg

Јадење

Дисциплината во јадењето е дисциплина во животот. Доколку сте свесни што и како јадете и колку всушност здраво се исхранувате, тогаш лесно може да прифатите и спроведете промени не само во вашата исхрана, туку и во вашиот живот. Здравото исхранување целосно се одразува на водењето поздрав и посмирен живот, а со самото тоа живот во кој ќе уживате повеќе посветувајќи повеќе време на она што навистина го сакате. А кога имате време да посветите на она во кое уживате, тогаш многу полесно ќе ви биде да ги правите и оние работи кои морате, но не толку ги сакате.

Вежбање

Постојат неколку причини поради кои луѓето вежбаат: сакаат да ослабат, да станат посилни или, пак, поздрави. Но ниту една од овие причини не нè прави целосно задоволни со самите себе бидејќи целта ни е да станеме подобри правејќи нешто што не ни се допаѓа. Вежбањето ќе има позитивен резултат само тогаш кога целосно ќе му се посветиме бидејќи потребно ни е место и време да се исчистиме од негативната енергија и да си ги наполниме батериите. Тогаш, токму поради убавото чувство на релаксираност и исполнетост, повторно ќе одвоиме време за вежбање. Иако истоштени и заморни, после вежбањето ќе имаме повеќе волја за завршување на обврските.

(3)-se-vo-zhivotot-e-navika-i-koga-se-saka-se-se-mozhe-kafepauza.mk.jpg

Сите овие пристапи кон дисциплина во нашиот живот ни овозможуваат да воведеме некој ред во него и свесност кон она што го чувствуваме, правиме или за кое размислуваме и потајно имаме желба да го воведеме/отстраниме од нашето секојдневие. Тогаш, знаејќи што (не) сакаме, ќе успееме да се поврземе со потребите на нашиот ум и тело и да се посветиме повеќе на она што влијае добро на нас, а со тоа и на луѓето околу нас и нашите активности. Кога ќе се навикнеме да го правиме она што е убаво и добро за нас, а тоа можеме да го постигнеме наоѓајќи време и задоволство во горенаведените рутини, многу поефективно и посконцентрирано ќе се посветиме на оние неминовни обврски во текот на денот.

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Дипломиран електроинженер по телекомуникации кој во слободно време обожава да пишува. Животен сон ѝ е да го прошета целиот свет уживајќи во добра книга и пријатно друштво. Настојува од секоја ситуација да го извлече најдоброто и не може да замисли денот да ѝ започне без шолја вкусно кафе.

Поврзани содржини

Остави коментар