Разубавете му го Денот на вљубените на партнерот според неговиот љубовен јазик

Постојат неколку видови љубовен јазик, а секој од нас си има различен. Љубовниот јазик покажува на кој начин партнерот сака да му ја покажете љубовта кон него и овде спаѓаат зборови, услуги, добивање подароци, квалитетно заедничко време и физички допир. Доколку го знаете љубовниот јазик на вашиот партнер, многу полесно ќе ги задоволите неговите потреби. Погледнете како да му го разубавите и денешниот ден со помош на неговиот љубовен јазик.

Разубавете му го Денот на вљубените на партнерот според неговиот љубовен јазик

1. Зборови

Ова е многу полесно да се каже отколку да се направи. Доколку вашиот партнер сака да му ја покажете љубовта со зборови, треба да изберете навистина моќни и значајни. Покрај тоа, вашиот партнер мора да верува во нив. Овој Ден на вљубените обидете се да му напишете писмо или поема на партнерот со што ќе му покажете колку се грижите за него.

Кажете му колку е неверојатен во секоја смисла. Не ги изоставувајте и комплиментите за вашата врска. Објаснете му колку сте горди на него и дајте му некој комплимент за неговите несигурности. Доколку на пример се обидува да напише книга, кажете му колку добар писател е. Кажете му дека тој ви е сè.

Доколку сте музичари или имате некаков талент за музика, можете да одите чекор подалеку и да напишете песна за партнерот. Ова ќе направи да се чувствува навистина посебно и сакано. Доколку сте уметник, можете да насликате нешто и да напишете некоја слатка порака. Откријте што ви оди најмногу и бидете креативни. Најважно е да бидете искрени и да ја покажете вашата љубов.

2. Услуги

Доколку вашиот партнер најмногу ги цени услугите што ги правите за него, денес можете да го исчистите домот. Можете да му го направите омилениот оброк, или да отидете во неговиот омилен ресторан. Исперете ја облеката, одете во продавница, односно направете што било од неговите секојдневни обврски. Оваа љубов е повеќе практична отколку романтична и ова е љубов изградена во реалноста. Вашиот партнер не сака да се чувствува сам во врската и не сака да го носи целиот товар. Сака да знае дека без разлика на сè, вие ќе бидете покрај него дури и кога нема да го побара тоа од вас.

3. Добивање подароци

Доколку вашиот партнер сака подароци, треба да ги посетите продавниците. Цвеќиња, чоколадо, играчки… обидете се да одберете нешто што навистина ќе го обележи овој ден. Подароците ѝ се важни на оваа личност, но тоа не значи дека е материјалист. Со други зборови, подарокот воопшто не мора да биде нешто скапо, туку нешто што навистина ќе му значи на вашиот партнер.

Подарете му на партнерот нешто што отсекогаш го сакал или нешто ретко и уникатно. Тоа може да биде книга, музички албум или нешто со значење коешто ќе го сфатите само вие двајцата. Иако можеби желбата за подароци ви изгледа себична, партнерот повеќе го сака фактот дека сте помислиле на него, па затоа сте му купиле нешто. Овие луѓе сакаат изненадувања и големи гестови, па можете дури да го изненадите и со патување. Што било необично, навистина ќе го израдува.

4. Квалитетно заедничко време

Доколку вашиот партнер спаѓа во оваа група, тој го сака целото ваше внимание. Денес направете да се чувствува како единствената личност во просторијата. Не гледајте во телефонот, оставете ја работата за подоцна, овој ден е само за него. Без разлика дали ќе имате интимна вечера дома или пак ќе одите негде, разговарајте за вашите чувства и потсетете се зошто сте се вљубиле. Ова не треба да биде период за плитки разговори.

Направете партнерот да се чувствува како да е со најдобриот пријател што го сака онаков каков што е. Можете да правите нешто што го сакате и двајцата, а можете и да го посетите местото каде што прв пат сте се сретнале.

5. Физички допир

Ова е најсензуалниот љубовен јазик. Вашиот партнер буквално сака да ја чувствува вашата љубов. Па, најдобро е да одберете нешто интимно како на пример да одите заедно во спа центар. Можете да се обидете и да рекреирате некоја од сексуалните фантазии на вашиот партнер. Сепак е Денот на вљубените, па можете да бидете навистина креативни. Вашиот партнер сака да се чувствува посакувано, па овозможете му го тоа.

Дознајте и што навистина сакаат мажите за Денот на вљубените.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       


За авторот
Студент кој секојдневно се губи низ страниците на некоја книга. Пишувањето и јогата го прават нејзиниот ден целосен.

Поврзани содржини

Остави коментар