Разиграно лето: 10 детски активности кои ја развиваат фантазијата

Кога за некој се вели дека е креативен, тоа значи дека согледува врска помеѓу неповрзани искуства, идеи и производи, а она што е најдобро е тоа што секоја личност со своето раѓање има шанса да стане креативна. За да се оствари тој потенција потребно е ангажирање на родителите и остатокот од семејството уште од најраното детство, а подоцна и од воспитувачите и учителите. Креативноста е вештина која може да се развива, а за да почне да сјае во целост, потребно е да ѝ се овозможат прилики.

На детето треба да му се овозможи да истражува, да поправа, да испробува, да проверува, да размислува…

Поттикнувањето на креативноста ќе се исплати долгорочно затоа што креативните луѓе според сознанијата од психологијата, се поотворени кон својата околина, се посамоуверени и похрабри, покажуваат иницијатива, имаат чувство за хумор, истрајно работат на задачите додека не ги завршат и се многу понезависни од другите.

Летото е период кога децата имаат многу повеќе време, идеално за практикување креативни активности. Излегувањето во природа, но и целосно новите задачи во самиот дом, им ја зголемува желбата за истражување, па затоа во продолжение ќе ги изнесеме идеите кои можете да ги испробате со вашите деца.

1. Каменчиња кои кажуваат приказна

Без оглед дали сте на море или дома, во природа секогаш можете да пронајдете каменчиња кои можете да ги претворите во една посебна приказна. Потребно е добро да се исчистат и да се измијат, а потоа заедно со вашето дете, да нацртате на нив различни облици со темперни боички како на пример, сонце, риби, мече, поток.

Откако ќе се исушат, можете да почнете со раскажување приказна. Детето нека одбере пет каменчиња, а потоа на база на клучните поими кои се прикажани на нив нека проба да смисли сопствена приказна која може или да ја запише или да ви ја каже усно.

2. „Стаклен“ концерт на отворено

Ако забележувате дека вашето дете ги сака звуците или едноставно сакате да му пружите ново искуство, направете сами „инструменти“ за концерт на отворено. Набавете неколку стаклени шишиња со различен облик и димензии, а потоа во секоја од нив ставете одредена количина вода. Ќе ви биде потребно и дрвено стапче со кое детето ќе треба да удира и создавањето на сопствена музика може да започне. Секако, ова се препорачува за малку постари деца.

3. Самовилска градина

Ако вашето девојче ги сака самовилите и природата односно верува дека некаде длабоко во шумата живеат вистински самовили, зошто со неа да не направите мала самовилска градина во тегла? Потребна ќе ви биде само една тегла, малку земја, мов, некоја фигура од чоколадни јајца и многу фантазија.

4. Започнување со хербариум

Една од активностите која може да се прави во текот на целото лето, без оглед на која локација и да се наоѓате, е правењето хербариум, односно мапи со исушени билки. На тој начин детето ќе почне да обрнува посебно внимание на природата и да учи за неа, а како што ќе се полни мапата ќе се чувствува како вистински мал научник.

5. Морски споменар

Ако се наоѓате на море и собирате морски школки, искористете ги за да направите споменар. Тоа можете да го направите така што на едната страна на школката ќе залепите слика и потоа ќе барате парови, а на крајот, од сите тие сликички, детето може да смисли и морска приказна.

6. Театар со сенки

Театарот со сенки е најстар во човечката култура, а неговата разиграност ги воодушевува децата. Можете да го направите многу лесно и дома со помош на едно бело платно и светилки, а детето ќе биде воодушевено од сознанието што можат да направат неговите раце.

7. Сликање на платно

Откако еднаш ќе го искористите споменатото платно, можете да го претворите во мало уметничко дело. На пазарот можат да се најдат бои кои се перат наменети за деца, а ако им дадете можност, тие и надвор во природата ќе можат да ги покажат своите ликовни способности. Големи се шансите дека ќе се изненадите од резултатите и од нивното воодушевување.

8. Изработување на лепеза

Децата можат да ја покажат својата уметничка страна и со изработката на некои реквизити без кои во текот на овие денови не можеме да живееме – лепези. Доволна е само малку поцврста хартија која сепак ќе може да се превиткува и ликовен прибор, кој сигурно веќе го имате дома. На детето покажете му еден пример за изработка на лепеза, а потоа дозволете му само да направи своја верзија и да ја нацрта онака како што тоа сака.

9. Оригами

Древната јапонска уметност на превиткување на хартија ги вежба мозочните ќелии, а полесните облици децата можат и сами да ги направат. Освен тоа, на нашиот пазар постојат и пакети кои веќе ја содржат потребната хартија и упатствата наменети баш за децата, но доколку не сакате да се трошите за тоа, интернетот е преполн со видеа со одлични примери за оригами.

10. Семејно стебло со прсти

Изработката на семејното стебло е најчестиот облик на визуелна документацијата на некое семејство, а многу е едноставно да го направите со децата. Доволно ви е само малку добра волја и хартија, а во овој случај и водени боички или темперни.

Наместо детето со боички да ги црта гранките и листовите на дрвото нека го прави тоа со прстите на кои претходно ќе нанесете бои. Оваа активност може да се примени и со помали деца, а со себе ви носи барем два часа забава.

Прочитајте ги и овие 7 совети и идеи за негување на креативноста на вашето дете.

САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       


За авторот
Психолог кој најдобро се изразува преку пишаниот збор. Нејзиниот личен лајтмотив што ја придвижува гласи: „Остани своја и поинаква. Само така ќе блеснеш во полн сјај!“

Поврзани содржини

Остави коментар