Психотерапевтите откриваат зошто емотивното неверство станува сè почесто меѓу брачните партнери

Колку од вашите венчани пријатели, колеги и познајници имаат личност со која се гледаат надвор од бракот? И не мислиме на оние што бараат секс за задоволување одредени физички потреби, туку на оние што почнуваат да чувствуваат нешто повеќе за некого што не е сопругот или сопругата, без разлика дали имаат секс со него/неа или не. Ова станува толку често, што веќе ретко кој го крие од околината. Секако, не велиме дека сите личности во сериозна врска или брак го прават ова, но истражувањата покажуваат дека бројката секојдневно се зголемува. Па, како психотерапевтите ја објаснуваат оваа драстична промена?

Психотерапевтите откриваат зошто емотивното неверство станува сè почесто меѓу брачните партнери

Порано постоеле пет-шест силни причини кои ги поврзувале брачните партнери, додека пак денес има две, односно три ако тие имаат деца. Во врската се очекува задоволство, а во денешно време ретко се наоѓа човек со кој би можеле постојано да бидеме задоволни. Модерниот начин на живеење доаѓа со еден вид константно незадоволство во долготрајните врски, што е особено изразено кај оние што гледаат љубовни ТВ серии и филмови. Ним им изгледа дека сите останати да живеат подобро и постојано се во потрага по тоа што сметаат дека им недостига, целосно заборавајќи на позитивните нешта во врската. Оваа потрага води кон емоционално неверство.

Мажите најчесто го прават тоа бидејќи новата партнерка ја доживуваат како возбудлива, а жените бидејќи не се чувствуваат доволно сакани. Ако пак, во бракот недостига секс, и двете страни бараат начин како надвор од него да ги задоволат своите потреби. Сите овие нешта настануваат како последица на размислувањето дека бракот нема да трае и дека кога-тогаш ќе заврши. Токму од овие очекувања зависат и емоциите и верноста што се вложуваат во самата врска, па кога истата се доживува како минлива, многу помалку се вложува во неа.

За споредба, во минатото луѓето стапувале во брак со замисла да го поминат животот заедно, па дури и кога наидувале на лоши периоди, тие давале сè од себе за да го одржат својот однос. Денес, луѓето стапуваат во брак за моменталната сигурност и остануваат дел од него сè додека не сметаат дека нашле нешто подобро или пак, додека не наидат на првиот поголем проблем. Луѓето едноставно сакаат да поминат полесно во секоја сфера од животот, особено во љубовната, па затоа и имаат сè помалку причини што ги врзуваат со одбраниот партнер.

Погоре спомнавме дека освен децата, брачните партнери имаат уште две други причини што ги задржуваат во врската. Психотерапевтите откриваат дека првата причина е љубовта, а втората е од економска природа – бидејќи заедно полесно можат да подигнат кредит, да купат стан… Третата причина се децата, но младите родители неретко забораваат дека имаат по две улоги во својот живот – тие најпрво се сопруг и сопруга, а дури потоа мајка и татко. Кога го ставаат родителството на прво место, и долго време се идентификуваат само со своите улоги на мајка и татко, притоа занемарувајќи го својот однос како партнери, тие со тек на време се отуѓуваат и потоа природно почнуваат да бараат поддршка надвор од бракот, а тоа неизбежно води кон емоционално неверство.

За авторот
Дипломиран психолог кој обожава да пишува. Автор на научно-фантастичната книга „На работ од времето“. Животно мото ѝ е дека не смее да помине ниту еден ден без кафе и танцување.

Поврзани содржини

Остави коментар