Најголемите разлики помеѓу здравите и нездравите љубовни врски

Кога станува збор за љубовните врски, не постои универзална формула која води кон успех. Со оглед на тоа што сите луѓе се различни и уникатни на свој начин, потребно е да го најдете оној баланс кој само вам ви одговара. Имајќи го тоа на ум, постојат неколку видови однесувања кои укажуваат на нездрава врска. Доколку се пронаоѓате во следниве негативни ситуации, тогаш можеби е време да размислите за вашиот однос со партнерот.

Најголемите разлики помеѓу здравите и нездравите љубовни врски

1. Извинување

Здрава врска: Вие и вашиот партнер можете отворено да разговарате за сите оние нешта кои не чинат, како и да ги признаете вашите грешки, а потоа лесно да продолжите натаму.

Нездрава врска: Скоро и да нема извинувања во вашата врска. Ова најчесто се случува бидејќи некои луѓе се плашат да бидат ранливи пред својот партнер.

2. Ценење

Здрава врска: Вие најчесто се фокусирате на позитивните нешта во вашата врска, додека одвреме-навреме ги спомнувате и оние кои би сакале да се поправат.

Нездрава врска: Најчесто се фокусирате на негативните нешта и постојано го нагласувате она што ви смета. Ако постојано сте фрустрирани поради лошите нешта, време е да смените нешто.

3. Тишина

Здрава врска: Кога сте заедно, немате многу тивки моменти или незрели караници бидејќи сè успевате да решите со ефикасна комуникација.

Нездрава врска: Постојано се игнорирате, се жалите и се држите еден со друг на тенок лед. Вие никогаш не знаете на што сте, ниту пак дали тој или таа се сè уште заинтересирани за вас.

4. Доверливост

Здрава врска: Вие верувате дека вашиот партнер ќе направи сè што ветил. Исто така во целост му/ѝ верувате и воопшто не се грижите за неговите или нејзините постапки.

Нездрава врска: Вие не сте сигурни дали тие ќе го одржат ветеното. Во токсичните врски секогаш постои нагласена анксиозност и недоверба, а тоа најчесто води кон крај.

5. Бес

Здрава врска: Караниците помеѓу вас не се чести, а изливите на бес се уште поретки. Бидејќи вие со време ги решавате сите ваши проблеми, многу брзо успевате и да ги надминете.

Нездрава врска: Доволно е да не можете да ги најдете клучевите за да предизвикате Трета светска војна. Вам едноставно тешко ви е да сфатите дека може да постои друго мислење освен вашето.

6. Самотија

Здрава врска: Сосема е во ред ако вашиот партнер излезе со пријателите на пијалак, бидејќи вие исто така сакате да се видите со најблиските. Но, не ви пречи ни да ја поминете вечерта сами.

Нездрава врска: 30 пропуштени повици, 25 пораки… Зависноста во врската може да стане навистина опасна. Вие треба да научите како смирено да поминувате време и одвоено.

7. Разговор

Здрава врска: Можете слободно да го искажете вашето мислење и смирено да размените ставови. Вие зборувате со „отворени карти“ бидејќи знаете дека нема да бидете критикувани.

Нездрава врска: Сè држите длабоко потиснато во себе. Стравот да не случајно го изнервирате партнерот е суптилен знак дека нешто не е во ред. Вие не треба да се плашите од вашето мислење, ниту пак од вашите емоции.

За авторот
Дипломиран психолог кој обожава да пишува. Автор на научно-фантастичната книга „На работ од времето“. Животно мото ѝ е дека не смее да помине ниту еден ден без кафе и танцување.

Поврзани содржини

Остави коментар