На листата за овој викенд: Совршен читачки маратон

Кој библиофил не би фантазирал да го помине викендот дома без да прави ништо друго, освен да се дружи со купишта книги? Фантазија! Ментална стимулација! Колку ли само ви треба бегство од реалниот свет во светот на имагинацијата каде што ниту една драма не е ваша. Па, наместо да чекате да се појави митскиот слободен викенд во вашиот зафатен живот – испланирајте еден!

Следете ги овие совети за да креирате специјален план за време на викендот во вашиот дом. Доколку студеното време ве тера да посакате топол напиток, мека фотелја и дебела книга, би можеле да си го остварите сонот, ако сакате.

1. Изберете датум (продолжените викенди се идеални)

Прво, ви треба план. Однесувајте се кон планот за викендот како кон патување. Не може да патувате без да имате соодветно место за престој. Затоа завршете ги сите работи пред да почне вашиот викенд од соништата и не ќе мора да се грижите за ништо.

Откажете ги сите други планирани активности, за да се посветите само на читањето. Ако сте во искушение да додадете само уште една мала работа на листата за викенд, запрашајте се: Дали вреди да се откажам од мојот читачки викенд? Па, тоа е нешто што можам да си го дозволам само еднаш или двапати годишно?

Ако е тешко да ги откажете другите планови, преправајте се дека нема да бидете дома: „О, па јас нема да бидам дома, ќе одам на семинар“.

2. Наполнете го фрижидерот

Купете си полуподготвена храна и закуски за да не мора да готвите. Запомнете, овој викенд е посветен само на читањето. Не мора ниту да нарачувате храна. Тоа ќе ви одземе многу време. Кој ќе го чека доставувачот? Најмногу време што треба да поминете во кујна е за нешто набрзина да подгреете.

Не заборавајте и на напитоците. Кој е вашиот омилен – кафе, чај, диетална кола или вода?

3. Направете си топло „гнездо“

Подгответе ги вашите омилени перница, ќебе и џемпер. Исто така важно е да си спремите меки чорапчиња и пижами, а пронајдете ја и вашата омилена гигантска чаша. Ова е вашата униформа за викенд и никој од вашите омилени ликови од книгите нема да ви суди.

Дали уживате во музиката додека читате? Пронајдете ги вашите омилени песни и направете плејлиста – и сето тоа подгответе го пред да започне читачкиот маратон.

4. Овој викенд нема чистење

Исчистете пред да започне викендот. Нема чистење со правосмукалка, бришење прашина, перење алишта. Само читање! И евентуално, миење садови.

5. Што да правите со децата?

Набавете им анимирани филмови, аудио-книги, големи сложувалки и лего-коцки. Испратете го и партнерот на дружба со пријателите и исклучете го телефонот. Фокус само на книгите!

6. Кои книги да ги изберете?

За библиофил како вас, тоа е најлесната работа. Сигурно во спалната веќе имате куп книги што чекаат да бидат прочитани. Одберете три со помош на „еци, пеци, пец“, или една ако тоа ви се чини многу. И читајте во слободен стил, со дремки помеѓу.

И за крај, не заборавајте да ја нахраните вашата мачка. И таа е важен дел од овој совршен план. 🙂

Еве уште некој предлог за вашата совршена викенд уживанција: Најдобри начини на кои можете да го поминете претстојниот викенд!



САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Смислата на животот ја бара преку уметноста и креативноста. Пишувањето е нејзино секојдневие.

Поврзани содржини

Остави коментар