Многу прашања, малку одговори, создадете решенија!
Автор: Ана
Она што сакам да го споделам со вас денес е поставено под секторот „Уметност“; ликовна уметност, театар, кино, опера и балет… Пред некоја вечер почнав да размислувам: Зошто изложбите, претставите и културните случувања се многу ретко посетувани од народов? Сосема легитимно си го поставив прашањево. Знам од лично искуство дека на ваквите случувања се појавуваат само одредени луѓе, една група на љубители на уметноста. Да постојат, но се малку! Па оттука се запрашав, зошто само тие? Зошто да не дојдат и оние кои немаат големо познавање за уметноста? Зарем ќе им пречи да погледнат парче уметност?
Од друга страна пак, ми текна… Можеби и не се доволно информирани за ваквите случувања низ градот… Можеби треба да постои поголем ангажман за рекламирање на истите… Како и да е, тажно ми е што иако можеме самите да си помогнеме за подигање на културното ниво во земјава, ние си одмагаме. Тажно е што нашите уметници прават повеќе изложби надвор од Македонија и таму им се попосетувани од тука, тажно е што нашите театарски претстави се повеќе гледани и ценети од странската публика, отколку од домашната. Искрено, се сомневам во тоа дека луѓево и ги знаат воопшто овие работи…
Свесна сум дека нашава музичка естрада не е нешто посебно, но сепак имаме неколку кои вредат за нашето внимание и поддршка, а сепак се појавуваат еднаш во пет години, со концерт или нов албум кој и така нема да биде нешто посебно баран. На крајот на краиштата, па и самите артисти губат желба да креираат и создаваат, кога на крај нивното дело не е доволно ценето. На прашањето „Зошто не ги посетувате театрите?“ , скоро секогаш истиот одговор „Нема услови, театарот е пред распаѓање “. Да пред распаѓање е, но поради ваквите размислувања! Па вие не одите таму да ги гледате столиците и да видите дали избришале прашина! Одите да погледнете и уживате во она што актерите го спремиле за вас…
Исто така се запрашав што се случува со младите уметници, глумци, артисти…? Што се случува со нивната иднина…? Како реагираат тие, кога гледаат каков одзив дава народот на она што тие го љубат и почнуваат да го создаваат…? Тажно е. Воопшто не ме радува фактот дека не постојат многу луѓе кои ќе им посветат внимание какво што всушност заслужуваат.
Многу прашања, многу размислувања, а малку одговори. Сепак има решенија. Не треба да се откажуваме. Уметноста е секаде околу нас. Треба да ја цениме и почитуваме. За нас младите уметници и покрај сè, не постои место за грижа, ако некој не сака да дојде и да го испочитува вашето дело, вие однесете го кај него. 🙂
Драги мои, ви дадов тема за размислување… Можеби токму некој од вас некогаш ќе ја има можноста да ги промени овие работи, ако се случи тоа не се двоумете да преземете нешто… Дотогаш, посетувајте ги театрите, изложбите, претставите! Сите тие луѓе кои работеле на нив, дале дел од себе за да ви го направат вам денот поинтересен, дале дел од себе за да ви пренесат нешто, не го одбивајте!
Недела е прекрасен ден за да ја посетите уметноста во вашиот град. Направете си кафе и пиејќи го размислувајте што ќе посетите. Има многу настани кои чекаат на вас!
.
Пабло Пикасо рекол:
„Уметноста ја брише прашината од секојдневниот живот.“
Дајте му свежина на вашиот!
До следното читање,
Ви посакувам убав ден,
Со љубов насликана од сè срце,
Ана
