Конфликт за време на празниците: Овие 7 теми најчесто предизвикуваат расправии во семејството

Конфликт за време на празниците: Овие 7 теми најчесто предизвикуваат расправии во семејството

Семејните расправии се премногу чести за време на празниците, без разлика дали се однесуваат на неправилното воспитување на децата или на потрошените пари за подароци. Во овој период се зголемува нивото на стрес и многу семејни проблеми може да испливаат на површина. Покрај тоа, секогаш постои еден роднина кој смета дека Божиќ е соодветен момент за да ви постави наметливи прашања во врска со вашиот приватен живот. Прочитајте кои се најчестите проблеми со кои се соочуваат луѓето за време на празниците и како да се справите со нив.

Конфликт за време на празниците: Овие 7 теми најчесто предизвикуваат расправии во семејството

1. Роднини кои ги повторуваат старите аргументи или грешки од минатото

За жал, има нешто во луѓето што ги тера да чепкаат во старите рани и да ве потсетат на некои работи од порано на коишто не сакате да се сеќавате.

Решение: Прифатете ја старата болка на неутрален начин и доволно е само да кажете „жал ми е што се чувствувате така“. Уште подобро е ако успеете да го пренасочите разговорот и да почнете да разговарате за некоја помалку стресна и понова тема. Ако луѓето продолжат да се обидат да разговараат за старите теми, можете смирено и директно да им кажете дека не сте заинтересирани за тој разговор и дека повеќе сакате да разговарате за нешто друго.

2. Несогласувања за тоа како треба да се однесуваат децата или како треба да бидат воспитани

Вашиот начин на родителство и воспитување може да е многу поразличен од начинот и очекувањата на вашите роднини, а поради тоа, тие постојано ви кажуваат дека децата ви се невоспитани или дека не смеат да се однесуваат на таков начин.

Решение: Вашиот начин на воспитување на децата не треба да ги интересира останатите. Но, често има генерациски поделби на мислењата за тоа како треба да се однесуваат децата. Ако коментарите ве вознемируваат, избегнете ја таа ситуација или едноставно нагласете им на роднините дека постојат различни начини на воспитување.

Ако вие сте тие што коментираат за воспитувањето на туѓите деца, потсетете се дека не е ваша одговорност да ги опоменувате децата за начинот на кој се однесуваат.

3. Роднини кои вршат притисок врз другите за нивната иднината

Членовите на семејството, особено постарите, обично имаат очекувања за следните чекори што ги преземате, па им текнува да ве прашаат за вашите идни планови токму на празничните собири. Прашањата кои најчесто ќе ги слушнете се: „Мислиш ли некогаш да стапиш во брак?“, „Заедно сте веќе неколку години, кога ќе имате бебе?“, „Дали сè уште си на истото работно место? Дали си размислувал да ја смениш работата?“ итн.

Решение: Ако вие сте тие што ги поставуваат овие прашања, прашајте го роднината дали е заинтересиран да зборува за оваа тема. Ако одговори дека е, повлечете го настрана и поставете ги прашања додека сте насамо. Ако роднините не сакаат да разговараат за таа тема, тогаш повлечете се и не поставувајте премногу приватни прашања.

Ако вам ви поставуваат прашања или ако примате несакани совети, обидете се да го насочите разговорот кон други теми. Кажете некоја шега, одговорете дека за тоа би сакале да зборувате подоцна или јасно нагласете дека не сакате да зборувате за таа тема.

4. Конфликт околу тоа чие семејство ќе го посетите ако сте во нова врска

Дискусијата околу тоа каде ќе ги поминете празниците може да биде многу непријатна, особено ако имате притисок од вашите родители или од родителите на партнерот. Освен тоа, по повеќегодишната традиција, тешко ви е овие празници да ги поминете далеку од вашето семејство.

Решение: Уште на почетокот на врската кажете ги вашите очекувања и нагласете го тоа што ви е важно во врска со празниците. Отворено разговарајте за семејните традиции, но и за вашите финансии и можности за патување и за посетување на родителите и на роднините за време на празниците.

5. Аргументи или вознемиреност за тоа колку да потрошите за подароци

Семејните буџети се разликуваат и тоа не е никогаш појасно отколку за време на празниците. Купувањето скапи подароци нема да ве направи подобар член на семејството, но прекумерно трошење за време на празниците може да резултира со долг.

Решение: Пред да заминете во шопинг, разговарајте со семејството за тоа што им е потребно и какви подароци сакаат, па можете дури и да го нагласите вашиот буџет ако сметате дека тоа е потребно. Исто така, избегнувајте шопинг во последен момент бидејќи импулсивното купување подароци може да ве доведе до финансиска неволја.

6. Предизвикување непријатни чувства поради повторување на срамните приказни од детството

Избегнувајте споделување срамни приказни од детството или од тинејџерските години, особено во присуство на вашиот нов партнер. Можеби ќе сакате да му прераскажете некоја случка што ја направила вашата мала братучетка, но таа нема да биде воодушевена од тоа и можеби ќе се чувствува засрамено.

Решение: Избегнувајте да раскажувате приказни за другите членови на семејството кога темата не е љубовна, љубезна или добронамерна, особено ако имате некој нов гостин за време на празниците.

7. Родители кои сакаат да го испланираат времето на своите возрасни деца

Понекогаш, за време на празниците кога целото семејство е заедно, родителите забораваат дека нивните деца пораснале и често се обидуваат да им кажуваат колку долго треба да останат заедно со семејството, што треба да направат во нивните 20-ти години, па дури и да коментираат за изгледот, за работата или за врската на своите деца.

Решение: Ако сакате да дискутирате за ова, направете го тоа пред празниците. Младите личности можат со почит и јасно да им кажат на своите родители за што сакаат да разговараат, а за што не. Кажете им на родителите дека ги цените нивните предлози, но сепак, сакате да ви веруваат дека можете да бидете снаодливи и дека сакате сами да дојдете до заклучоци од следните чекори што ќе ги преземете.

Прочитајте што треба да направите за вашата врска да ги преживее празниците.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Со пишување може да постигне многу. Никогаш не се откажува од своите соништа.

Поврзани содржини

Остави коментар