Кои се 10-те здравствени придобивки од спиењето покрај личност што ја сакате?

Квалитетниот сон е неопходен за здравјето, исто како што се храната, водата и воздухот. Експертите велат дека доколку спиете до некој друг, тоа може дури и да ја подобри вашата добросостојба. Освен ‘рчењето, крадењето на ќебето, ненамерното клоцање и низа други пречки во текот на спиењето со партнерот, многубројни истражувачи упатуваат на тоа дека делењето кревет со друга личност, има придобивки на долг рок. Еве кои се 10-те придобивки, од спиењето до некој што го сакате, објаснети од страна на научниците.

Кои се 10 те здравствени придобивки од спиењето покрај личност што ја сакате

„Спиењето е како златен синџир, којшто ги поврзува здравјето и нашите тела во една целина.“ – Томас Декер

1. Ви овозможува побрзо да заспиете

Дали следново сценарио ви звучи познато: Сами сте во креветот и вашиот ум започнува да лута. Вашиот мозок повторно почнува да се активира и вие почнувате премногу да размислувате. Обидот да се исклучите од будниот живот ви станува сè потежок, а чувството на вознемиреност расте. Од друга страна, кога го делите креветот со некој што го сакате, можете многу полесно да се релаксирате, бидејќи таа личност ви дава чувство на безбедност. Кога нашето тело е сосема опуштено, можеме да заспиеме за само неколку минути.

2. Го намалува нивото на вашиот стрес

Новинарката Андреа Питерсен којашто пишува за „Wall Street Journal“ на експертски теми како психологија, здравје и невронаука, објаснува дека нивоата на хормонот на стресот кортизол се намалуваат, кога го делите креветот со личност којашто ја сакате. Воедно, се лачи и окситоцин, популарен како хормон на љубовта, којшто ја намалува анксиозноста кај луѓето. Кога нивото на стрес е на ниско ниво, се намалуваат ризиците за заболување од срцеви болести, рак и други сериозни хронични болести.

3. Се намалуваат воспаленијата на телото

Питерсен објаснува дека освен тоа што се намалува нивото на стрес кога спиете до некој што го сакате, воедно се намалува и нивото на цитокини, коишто се одговорни за создавањето болка и инфламација во нашите тела. Како и да е, кога имате друго топло тело до вас во креветот, ваквите физички проблеми магично можат да исчезнат. Впрочем, на кого му се потребни анелгетици ако има терапија со гушкање секоја вечер!?

4. Го намалува крвниот притисок

Истражувачите од Универзитетот во Северна Калифорнија спровеле експеримент за спиење и интима на 59 жени, коишто воделе дневник за прегратките и милувањата коишто ги добивале од нивните партнери. Откако ги анализирале нивоата на окситоцин и го провериле нивниот крвен притисок, тие откриле дека оние коишто имале највисоко нивоа од овој хормон на љубовта, имале и најнизок крвен притисок. Овој хормон делува и како природен лек против ангина, бидејќи помага во минимизирање на стегањето на крвните садови. Д-р Дејвид Хамилтон, авторот на книгата „Зошто љубезноста е добра за вас“ (Why Kindness Is Good for You) ги објаснил за „Daily Mail“ резултатите од спроведениот експеримент.

5. Овозможува идеални услови за спиење

Кога спиеме, температурата на телото започнува да опаѓа. Бидејќи на вашето тело му е поладно, топлината од личноста којашто спие до вас, ќе ви овозможи да се чувствувате пријатно и удобно. Според Натали Дотович од Националната фондација за спиење, споделувањето ќебе заедно со некој друг во креветот, ќе ви овозможи да ви биде уште потопло. Убаво е да имате идеални услови за спиење, со соодветен микс од топло и ладно, зарем не?

6. Квалитетниот сон ви дава енергија

Кога ги имате совршените услови за спиење со некоја друга личност покрај вас, тогаш имате најквалитетен сон, па не се будите раздразнети или со лоша главоболка. Напротив, имате оптимистичен пристап кон денот што е пред вас, умот ви е бистар и освежен и подготвен за позитивно размислување.

7. Го подобрува имунолошкиот систем

Ако го делите креветот со вашата подобра половина, тоа честопати може да доведе до водење љубов, а тоа од своја страна го подобрува вашиот имунолошки систем. Според експертите од Универзитетот Вилкс во Пенсилванија, паровите коишто на редовна база се интимни во кревет, имаат поголеми шанси полесно да се изборат со гриповите и вообичаените настинки, бидејќи нивните тела ослободуваат повеќе антитела, коишто го прават нивниот организам поздрав.

8. Го забавува процесот на стареење

Шкотскиот невропсихолог Дејвид Викс во својата книга „Тајните на оние што изгледаат помлади одошто се“ (Secrets of the Superyoung) напишал дека делењето кревет со личност којашто ја сакате и со која редовно се галите и водите љубов, може да придонесе да изгледате дури 10 години помлади. Освен тоа, бидејќи со спиењето до љубената личност ви се намалува нивото на стрес, вашето тело автоматски се чувствува многу помладо.

9. Се синхронизирате со вашиот партнер

Паровите коишто си легнуваат во кревет во исто време (и по можност се будат во исто време) имаат добро синхронизирани биолошки часовници. Тие си стануваат еден на друг одлични социјални мерачи на време. Според едно истражување објавено во Журналот за брачна и семејна терапија (Journal of Marital and Family Therapy), оваа синхронизираност може да покаже колку паровите се задоволни од нивната врска.

10. Физичката блискост во текот на спиењето ја подобрува вашата врска

Друго истражување спроведено во Универзитетот во Хартфоршир ги анализирало ефектите од физичкиот контакт во текот на спиењето, помеѓу 1000 парови. Резултатите откриле дека оние парови кои спиеле на далечина од 2.5 см еден од друг, што покажува дека тие или се гушкале или лежеле многу блиску едни до други, генерално земено имале успешни љубовни врски. Во ова истражување, најмалку 86.5% од паровите спиеле во оваа позиција.

Може да ве интересира и како да спиете во вашата омилена позиција, без да му наштетите на здравјето?


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       


За авторот
Љубопитна новинарка и маркетерка со истражувачки дух, која е во вечна потрага по доза креативност. Животно мото ѝ е дека без утринско кафе, испеана песна и барем малку возбуда, не треба да ѝ помине ниту еден ден. Неостварен сон - да го прошета светот.

Поврзани содржини

Остави коментар