Какво влијание имаат рутините пред спиење на вашата љубовна врска?

Спиењето влијае на секој аспект од нашиот живот. Квалитетот и квантитетот на сонот ни помага да функционираме како што треба, но игра и голема улога во одржувањето на љубовните врски. Недостатокот на сон предизвикува нервоза и лошо расположение, а мора да признаете дека тоа не се привлечни особини што би сакале да ги има вашиот партнер.

Какво влијание имаат навиките на спиење на вашата љубовна врска?

„Кога партнерите се исцрпени, тие не можат да си покажат грижа, поддршка и љубов. Не постои сомнеж дека недостатокот на сон може да доведе до стрес, напнатост и конфликти во врската“, објаснува психологот Ли Ленд.

Меѓутоа експертите тврдат дека и она што го правите пред спиење може да влијае на врската. Во продолжение дознајте кои навики на спиење се одразуваат лошо на вашата љубовна врска…

Не се гушкате пред спиење

Креветот треба да претставува светилиште за вас и вашиот партнер и токму затоа гушкањето е многу важен елемент на секоја успешна врска.

„Паровите кои спијат прегрнати, постојано остваруваат интимна поврзаност. Ова е прекрасна навика која ќе ве зближи и ќе ве направи посреќни“, тврди експертот за врски Сузан Винтер.

Не ја потценувајте ниту моќта на водењето љубов со партнерот, што е очигледно најдобриот начин за да се зближите во спалната.

„Повеќето парови се премногу зафатени со нивните телефони и не се доволно мотивирани за да имаат секс. Некои, пак, намерно се воздржуваат затоа што сакаат да му одржат лекција на партнерот поради некој нерешен конфликт“, изјавува брачниот терапевт Мелоди Ли.

Сексот е многу корисен за секоја врска и служи како потсетник за партнерите дека треба да функционираат како тим.

Го користите телефонот додека сте во кревет

Можеби и самите сте забележале дека мобилните телефони се вистински убијци на романтиката.

„Ниту една друга технолошка направа не предизвикала толкава осаменост во врските како смартфоните“, открива Ли.

Според едно неодамнешно истражување, испитаниците кои сметале дека нивните партнери се зависни од смартфоните не биле баш задоволни од врската. Експертите советуваат дека треба да се договорите со партнерот да ги оставите телефоните еден до два часа пред спиење и да го посветите тоа време за да си поразговарате и да ги споделите вашите мисли.

Какво влијание имаат навиките на спиење на вашата љубовна врска?

Не разговарате во кревет

Отворениот и искрен разговор со партнерот е еден од најголемите знаци на здрава врска. Разговорите во кревет претставуваат една посебна форма на комуникација кај вљубените. Креветот нека биде вашето засолниште. Ако паровите си покажат нежност и љубов пред спиење, тие однапред ќе го одредат целото расположение за наредниот ден и ќе си го гарантираат долгото траење на врската.

Си легнувате лути

Сигурно сте чуле повеќе пати дека не треба да си легнувате лути, но кај експертите постојат поделени мислења во однос на тоа дали овој совет е целосно вистинит. Неодамнешните истражувања покажале дека ако заспиете веднаш штом сте создале лошо сеќавање, многу потешко ќе ви биде да заборавите на него подоцна. Според овие резултати, подобро е да ги решите проблемите пред спиење.

Но, некои експерти не се согласуваат со ова.

„Постои голема веројатност дека проблемот нема да биде решен ако и двајцата партнери се поспани и непродуктивни. Жестоката напнатост ќе доведе до ’вртење грб’ еден на друг, а последиците од тоа се нерасположени утра“, изјавува Ли.

Нејзиниот совет е да ги оставите тешките разговори за тогаш кога и двајцата ќе бидете смирени, одморени и подготвени за решавање на проблемот.

Спиете одвоено

Интересно е тоа што многу експерти се согласуваат дека спиењето сами може да биде добро за вашата врска, но само кога станува збор за неколку часа или ноќи, не за подолги временски периоди.

„Ако си легнувате во различно време, тоа може да биде позитивно за врската, бидејќи и двајцата ќе имате можност да поминете некое време сами во креветот и добро да се наспиете“, објаснува психотерапевтот Рејчел Сусман.

Но, внимавајте! Одвоеното спиење не треба да влијае на вашиот сексуален живот кој сите знаеме дека е од големо значење за секоја љубовна врска.

Доколку ве заинтересира оваа тема, погледнете што зборува начинот на кој спиете со партнерот за вашата врска.

САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       


За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар