Како самите да ги прегледате вашите гради во 4 чекори?

Истражувањата покажуваат дека најчестиот вид рак кај жените е ракот на дојката. Добрите вести се тоа што стапката на излечени пациенти расте и доколку ракот се открие во почетниот стадиум, успешноста на лекувањето е речиси 100%.

Како самите да ги прегледате вашите гради во 4 чекори?

Поради ова, од голема важност е редовно да ги прегледувате вашите гради на лекар, но и самите. Експертите препорачуваат со домашен преглед да се започне во раните 20-ти. Важно е прегледот секогаш да се прави во истиот период од менструалниот циклус, со цел полесно да се забележат промените доколку ги има. Се препорачува да се прегледувате во последната седмица или последниот ден од циклусот. Погледнете како да го направите прегледот во 4 чекори.

Прв чекор

Набљудувајте ги вашите гради во огледало, со рацете поставени покрај телото или на колковите. Најпрво обрнете внимание на брадавиците и дали се пропорционални. Важно е од преглед до преглед да не се појави промена на нивната позиција. Обрнете внимание и на обликот и кожата на градите. Доколку градите се со вообичаената боја, големина и форма, доколку се пропорционални една на друга, без поголеми разлики во големината и без видливи отоци, тогаш нема простор за грижа.

Втор чекор

Подигнете ја едната рака над главата и обрнете внимание на истите нешта како и во првиот чекор. Направете го истото и со другата рака.

Трет чекор

Третиот чекор е физички преглед со допир. Подигнете ја левата рака и со десната допрете ја левата дојка, а потоа обратно. Правете мали кружни движења додека ја допирате дојката. Проверете ја целата дојка од врвот до дното и од страните, односно од клучните коски до стомакот и од пазувите до деколтето. Најдобро е да следите иста шема за да не прескокнете некој дел. Употребувајте нежен притисок за ткивото под кожата и посилен притисок за ткивото на дојката до градниот кош.

Четврт чекор

Повторете го третиот чекор, но во друга положба. Можете да лежите или да седите и повторно внимателно да ги прегледате градите. Важно е физичкиот преглед да го изведувате во разни положби за да не испуштите нешто. Ова можете да го правите и додека се туширате бидејќи водата ќе го олесни движењето на дланките.

Сепак, важно е да знаете дека овој преглед не може да го замени лекарскиот. Затоа најдобро е да го посетувате и вашиот лекар на секои 6 месеци до една година.

Погледнете и кои се промените на вашите гради кои можат да укажуваат на сериозен проблем.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Студент кој секојдневно се губи низ страниците на некоја книга. Пишувањето и јогата го прават нејзиниот ден целосен.

Поврзани содржини

Остави коментар