Како да се справите со опсесивната поранешна девојка на вашето сегашно момче?

Неодамна запознавте прекрасно момче, ги поминавте сите фази на запознавање и одење на типични состаноци како кино, кафе, прошетка, вечера. Убаво ви е да поминувате време заедно и постепено почнаа да ве препознаваат како официјален пар. Вие сте на седмо небо и сè оди како „подмачкано“. Токму во моментот кога мислите дека нема што да тргне наопаку се појавува надворешен фактор на кој не можете многу да влијаете: озлогласената поранешна девојка.

Што кога поранешната девојка на вашето момче не ве остава на мира?

Да не се лажеме. Раскинувањата се многу тешки, особено ако се работи за долгогодишна врска. Меѓутоа, во светот на возрасните, раскинувањата обично се случуваат поради добра причина и партнерите би требало да имаат меѓусебна почит и разбирање по разделбата, со цел и двајцата да можат што е можно побезболно да продолжат понатаму. За жал, во одредени ситуации тој процес на преболување не се одвива истовремено кај двајцата партнери и се случува едната половина од поранешниот пар да не го прифати раскинувањето како конечно и сè уште да се надева дека спасот на врската е возможен. Разбирливо е ова да се случува неколку недели, па и месеци по прекинот на врската, од страв да не се остане сам и осамен, но ако ваквото однесување продолжи и откако другата половина влезе во нова врска, може да прерасне во проблем.

Дали поранешната девојка на вашето момче постојано му пишува пораки без некоја особена причина? Му ѕвони на мобилен за да го чуе и оди на местата каде што излегувате? Ако одговорот на овие прашања е да, вие си имате работа со опсесивна поранешна девојка која се нема помирено со прекинот на врската. Сигурно ви доаѓа да направите сцена и да ѝ се изнавикате, но со тоа нема ништо да постигнете освен да ја влошите ситуацијата. Еве како да се справите во ваква ситуација…

Обидете се да ја разберете

Имајте разбирање и ставете се на нејзино место. Таа поминува низ тежок процес на преболување и сè уште има силни чувства за некој кој свртел нова страница во животот. Не грижете се. Таа не ви претставува никаква закана бидејќи вашето момче да сакаше да биде со неа, немаше да биде со вас туку сè уште ќе беше со неа.

Кажете му на вашиот партнер како се чувствувате

Немојте да ги криете вашите емоции! Мажите не знаат да читаат мисли и дури и да имате совршена духовна поврзаност, жените се комплицирани. Доверете му се и кажете му како се чувствувате поради целата ситуација. Ако знае како влијае сето ова на вас, ќе го сфати проблемот посериозно и ќе може подобро и посоодветно да реагира.

Немојте да се свртите против партнерот

Таа токму тоа сака да го постигне. Таа е сосема свесна дека со нејзините постојани повици ќе предизвика тензија помеѓу вас двајца. Не ѝ го дозволувајте тоа. Останете смирени и не му префрлајте на партнерот. Вашата врска е многу посилна од драмата што сака таа да ви ја наметне.

Останете достоинствени

Можеби сте во искушение да го земете мобилниот на партнерот и да ги разгледате сите пораки и пропуштени повици за да видите дали има нешто што не ви кажува. Не паѓајте на тоа ниво. Сега не е време да станете сомнителни и да изгубите доверба. Верувајте му во целост и не се мешајте таму каде што не ви е местото. Оставете тој самиот да се справи со неговата поранешна девојка.

Укажете му на партнерот дека треба да постави граници

Дали тој одговара на нејзините повици и враќа на пораките? Дали се согласува да разговара со неа за истите работи по стоти пат? Можеби е само учтив и не сака да ја повреди во името на сè она што го имале, но бидете внимателни! Тоа можеби ѝ влева дополнителна надеж и понатаму го поттикнува нејзиното однесување. Ова не е фер спрема вас и кажете го тоа отворено. Кажете му на мирен начин дека сето ова негативно влијае на вас и советувајте го да постави цврсти граници.

Што кога поранешната девојка на вашето момче не ве остава на мира?

Игнорирајте

Имајте трпение и не обрнувајте внимание на нејзините постапки. Немојте да се опседнувате со неа и да го опсипувате партнерот со прашања за нивната врска. Тоа е нешто лично помеѓу нив двајца и тој ќе ги сподели сите детали кога ќе биде подготвен за тоа. Едноставно не му придавајте значење на тоа што таа се обидува да го постигне и не си го уништувајте моментот, туку уживајте во врската.

Колку и да се чувствувате немоќно во моментот, не паѓајте во искушение со вас да надвладеат емоциите и бурно да реагирате. Задржете ја насмевката на вашето лице и не плашете се да ја пружите сета љубов што ја имате во себе!


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       


За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар