Како да ја вратите вербата во љубовта?

Како да ја вратите вербата во љубовта?

Сигурно постојат моменти кога се шетате низ градот, сонцето весело грее, ги гледате сите оние среќни љубовни двојки како се држат за рака и си помислувате: „Љубовта навистина е насекаде околу нас“. Но, тука се и останатите 6 дена во неделата кога ја отворате насловната страница на Фејсбук и гледате дека уште тројца од вашите пријатели се свршиле, а сѐ што вие сте направиле е огромна дамка од црвено вино на вашите бели фармерки.

Како да ја вратите вербата во љубовта?

Не е лесно да се верува во љубовта, бидејќи тоа е нешто што не можеме да го контролираме, дефинираме или предвидиме. Особено ако сте веќе подолго време сингл и сте поминале безброј љубовни состаноци кои завршувале со врска од максимум 3 месеци. Во таков случај лесно е да донесете заклучок дека љубовта е нешто што го наоѓаат другите, но не и нешто што ќе се појави во вашиот живот.

Но, обидете се да сонувате. Продолжете да се надевате дека еден ден љубовта и вас ќе ве пресретне на вашиот животен пат. Доколку ви треба малку помош за да си ја вратите вербата во љубовта, кога сакате да кренете раце од неа и целосно да се откажете, прочитајте ги следниве неколку едноставни тактики кои се неверојатно ефикасни…

Прочитајте добра љубовна приказна

Кога ќе помислите дека љубовта е илјадници километри подалеку од вас, читањето добра измислена љубовна приказна може да ви помогне да сонувате и да почнете да се надевате. Уште подобро е ако пронајдете некоја вистинска љубовна приказна, која несомнено ќе ви ја врати вербата во љубовта.

Променете го вашиот внатрешен дијалог

Дали кога чувте дека вашата колешка од факултет, која не ја сметате баш за најдобрата личност на светот, е во среќна љубовна врска и планира да се мажи, ве обзема љубомора и фрустрација? Љубомората им се случува на сите и нормално е да не сте имуни на неа, но обидете се да се исполните себеси со надеж, наместо со омраза и веднаш ќе го подобрите расположението. Наместо да се прашувате зошто тој не ви враќа на пораките, размислувајте за тоа каде ќе запознаете некој нов. И кога ќе здогледате среќен пар на улица ако веднаш ги превртувате очите, обидете се да бидете среќни за нив. Сфатете го тоа како показател дека еден ден и вие ќе го имате истото.

Одете на повеќе љубовни состаноци

Ова може да има и спротивен ефект бидејќи статистички гледано поголемиот дел од вашите љубовни состаноци нема да бидат успешни, но не дозволувајте едно лошо искуство да ве спречи да излезете со некого и да останете затворени дома со недели. Лесно е да бидете сами и да одбегнувате да запознаете некој нов. Но, единствениот начин на кој ќе можете да ја сретнете љубовта на вашиот живот е ако излегувате и ако им дадете шанса на момците кои ви се додворуваат. Нема да можете да верувате во љубовта, ако не сте активен учесник во нејзината игра.

Како да ја вратите вербата во љубовта?

Научете да се сакате себеси

Сигурно сте уморни од тоа да го слушате ова секојдневно, но ако се сакате себеси, ќе можете да ги сакате и сите останати. Ќе бидете посреќни, позабавни и ќе можете да ја извлечете најдобрата верзија од себеси. Грижете се за вашето тело и за вашето ментално здравје. Ако секогаш се потценувате и си велите дека не сте доволно добри, убави или паметни, тогаш и другите луѓе ќе ве доживуваат на тој начин. Постојано потсетувајте се себеси дека сте посебни и дека секој би бил среќен да ве има. Ќе видите како луѓето ќе почнат да ве гледаат токму на тој начин кога ќе ве запознаат.

Живејте во моментот

Можеби тоа што моментално сте сингл не е толку страшно, но секогаш кога ќе почнете да размислувате каде ќе бидете за една или пет години, одеднаш почнуваат да ве преплавуваат чувства на анксиозност, вознемиреност и неизвесност. Општеството постојано ви наметнува притисок дека мора да се омажите на одредена возраст и да почнете да раѓате деца, бидејќи можно е понатаму да стане предоцна. Но, проблемот е што не можете да ги контролирате тие работи. Живејте во моментот и секоја секунда од денот доживувајте ја целосно. Бидете присутни во вашата сегашност, наместо да ја анализирате вашата иднина која сѐ уште не пристигнала.

Сетете се зошто сте сингл

Ако навистина сакавте да имате некој само за да ви го пополни празното место во креветот или за да имате со кого да отидете на викенд, сигурно ќе најдевте партнер досега. Лесно е да најдете физичко тело за да ви биде момче или девојка, но тешко е да се најде вистински партнер. Треба да поминете низ многу трње за да ја најдете прекрасната роза. Треба да се цените себеси и да имате високи стандарди, а за да дознаете што навистина барате од една врска, прво треба да поминете некое време сами. Тоа не значи дека не сте доволно привлечни или неспособни за љубов. Во најмала рака, тоа значи дека вие сте доволно храбри за да ја почекате. Сега, единствено што ви преостанува е да соберете храброст за да продолжите да верувате во неа.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар