Храната ги зближува луѓето ширум светот: Запознајте ги најпознатите кујни во светот

Храната ги зближува луѓето ширум светот: Запознајте ги најпознатите кујни во светот

Доколку планирате да посетите некоја од овие дестинации, не пропуштајте ги нејзините специјалитети.

Храната ги зближува луѓето ширум светот: Запознајте ги најпознатите кујни во светот

Гастрономијата е важен дел од патувањето, а мароканските парчиња јагнешко месо со круши, тајландското зелено кари или шпанското „гаспачо“ се највкусни кога се дегустираат во земјите од каде потекнуваат.

Храната е универзална тема која ги зближува луѓето ширум светот, а запознавањето со специјалитетите од кујната на дестинацијата на која сте, е, исто така, најдобар начин за запознавање со луѓето кои живеат таму. Ви претставуваме некои светски познати кујни, кои може да ве охрабрат да тргнете на гастро-патување.

Мароко

Храната ги зближува луѓето ширум светот: Запознајте ги најпознатите кујни во светот

За една нација да развие голема светска кујна, експертите велат дека таа треба да исполни неколку услови. Мора да биде на плодно земјиште од кое ќе добие различни квалитетни состојки, да припаѓа на голема цивилизација, историски да била изложена на странски културни влијанија и да има кралско семејство чии готвачи ќе бидат основата за развој на врвна гастрономија. Мароко ги исполнува сите 4 услови и таму дефинитивно може да пробате некои од највкусните и најфините комбинации на вкусови и зачини во светот.

Исто така, ќе бидете воодушевени од вкусот на месото на скара, благодарение на многуте зачини што се користат за подобрување на вкусот. Но, ароматичните чорби, сувото грозје, кускусот, зачинетата и засладена салата, сите видови колачи и ориентални слатки ќе ви го покажат богатството на гастрономијата на оваа земја. Едно од најценетите јадења во Мароко е „бастилја“ и овој специјалитет порано се правел од месо од гулаб, но денес се користи пилешко месо. Се прелива со сос од кромид, зачинет со шафран и билки. Потоа се замотува во кора како питите кај нас и се попрскува со цимет и шеќер.

Едно од најпознатите мараконски јадења, кои ќе имате можност да го пробате во различни варијанти, е „тажин“. Именувано е според садот со конусен капак во кој се чува. Во овој специјалитет, во интересните комбинации на месо и зеленчук често се додава лимон, сушени и јаткасти плодови, наут, и сето тоа се готви долго на тивок оган. Најпознати им се комбинациите на јагнешко месо со круши и пилешко со зелени маслинки и зашеќерен лимон. „Тажинот“ се сервира со свеж леб, натопен во богат сос.

Улична храна

Уличната храна во Мароко, исто така, вреди да се истражува. На штандовите е наредено свежо овошје од кое на лице место ви прават освежителни сокови (задолжително пробајте сок од калинка или портокал), потоа има суво овошје и многу слатки домати. Сите продавници нудат секакви видови на маслинки. Ќе го осетите мирисот на свежо нане кое се користи за подготовка на омилениот чај, а на пазарот за зачини се чувствуваат помешани мириси и ароми од мелени пиперки, куркума, цимет, ким, анасон и останати мешавини кои ќе посакате да ги купите и однесете дома.

Ако станете рано наутро, побарајте на улиците некој од штандовите на кои се подготвува „мсемен“ – омилениот марокански појадок. Тоа се тенки правоаголни палачинки кои се служат со путер и мед и кои ќе ги разбудат сите ваши сетила.

 Тајланд

Храната ги зближува луѓето ширум светот: Запознајте ги најпознатите кујни во светот

Како една од важните азиски крстосници, Тајланд со векови ја збогатува својата кујна со влијанија од Индија, Кина, Малезија и Индонезија. Тајланд има усвоено кулинарски техники и состојки од секоја од овие земји и ги комбинира со неговото гастрономско наследство. Тајландската улична храна има посебна привлечност. За нејзиното богатство и разновидност зборува фактот дека милион луѓе секојдневно се хранат на улица. Во 1970 тите, истражувачите на гастрономијата го посетиле Тајланд и откриле исклучително здрава, вкусна и исклучително евтина храна. Така започнала популаризацијата на оваа храна на запад. Денес е една од најпочитуваните гастрономии во светот.

Карактеристично за тајландската кујна е комбинацијата од 4 основни вкусови – солено, слатко, горчливо и кисело. Многу често се користат листови од коријандер, листови од лимон, сок од лимета, лук, лути пиперки, сок од тамаринд, паста од риба, ѓумбир и кокосово млеко.  Комбинирајќи ги овие состојки со свежо месо, риба, морска храна и зеленчук, тајландските улични готвачи ги мешаат сите вкусови преку краток термички третман, а тие на овој начин ја одржуваат свежината и специфичната арома на храната.

Уличните штандови се специјализирани за одредени јадења. Меѓу омилените е кари, посебно зеленото кари со пилешко. Во светот се познати тајландските пржени тестенини со пченица, кикирики, јајца и чили. Исто така, можете да пробате зачинето пилешко завиткано во лист и луто-кисела супа. Ако не сте премногу гладни, закуските со маринирано свинско или пилешко месо се идеални за грицкање при одење. Омилен десерт е сутлијаш со кокосово млеко и манго, популарна е и пржената банана, како и разните варијанти на пудинг со кокос и овошје. Разгледувањето на штандовите со храна е едно од главните туристички искуства во Тајланд.

Продолжете да читате на следната страница


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Смислата на животот ја бара преку уметноста и креативноста. Пишувањето е нејзино секојдневие.

Поврзани содржини

Остави коментар