Грижата за „вистинскиот“ изглед на нашите тела нѐ спречува вистински да живееме

Стравот од дебелината нѐ прави повлечени и контролирани. Но, што ако престанеме да се плашиме?

Грижата за „вистинскиот“ изглед на нашите тела нѐ спречува вистински да живееме

Карл Маркс славно ја има наречено религијата: „опиум за луѓето“ бидејќи ги одржува масите покорни, исплашени и контролирани. Денес, имаме нов опиум: опседнување со дебелината.

Она што ги прави луѓето, а особено жените да се чувствуваат контролирано и исплашено во денешно време е верувањето дека нашите тела не се доволно добри – дека имаме премногу сало, или премалку, или едноставно дека не се како што треба.

Премногу сало? – „Мора да внимаваш со јадењето.“ Премалку сало? – „Јади чизбургери.“ Сало на „погрешни“ места? – „Облекувај се за да го сокриеш.“ Овие пораки доаѓаат од секаде, од кругот на нашето семејство, од докторите, колегите, луѓето кои непоканети го кажуваат своето мислење, непознати луѓе на улица и најмногу – од медиумите.

Во нашата природа е да трагаме по прифаќање од страна на другите, и бидејќи опседнувањето со дебелината стана „нормално“, се држиме за тоа со години. Зборуваме со вина за слабеење и диети. Ѝ даваме повеќе значење на храната бидејќи калорискиот внес го детерминира нашиот карактер.

Ги напаѓаме нашите тела или пак си даваме изговори за нивниот изглед. Го проценуваме здравјето и вредноста на другите луѓе врз основа на тоа колку се тие дебели или слаби. Всушност, ако одбиете да зборувате за дебелината со други луѓе, тоа за нив ќе биде непријатно. Па, нека биде!

Нашата опсесија со дебелината не е веќе само во нашите глави – таа е културно санкционирана и социјално поддржана. Нашата култура смета дека секој има право да ги суди телата на другите 24/7. Па, тоа нѐ прави да се чувствуваме обезмоќено, несигурно и нестрпливо да го бараме брзото решение за да се промениме.

Правењето на луѓето да се чувствуваат несоодветно е одличен начин да се привлече нивното внимание и да им се извлечат парите од џеб. Ги направивме диетите, апчињата и плановите за слабеење модерен акт за поправање на несовршености.

Но, бидејќи „совршеното тело“ е цел по којашто никогаш нема да престанеме да трагаме, секогаш ќе има уште работа за да се постигне.

Ако не сопреме, може да изгубиме многу време обожавајќи го „совршеното тело“ што еден ден сакаме да го постигнеме, но и многу енергија казнувајќи се себеси дека сѐ уште не сме го постигнале. Тоа нѐ остава без време и енергија за да ги посветиме на нашите страсти, авантури, задоволства, развој и љубов.

Колку време и енергија имате потрошено фокусирајќи се на дебелината на вашето тело? Колку време и енергија имате потрошено на дебелината на другите луѓе? Замислете што би се случило ако барем дел од нив тргнете настрана за нешто поважно.

Може да научите да танцувате салса. Или да испланирате и да отидете на некое забавно патување во светот. Или да поканете некое момче што ви се допаѓа на состанок и да се заљубите. Или да снимите песна. Да започнете свој бизнис…

Престанете да ѝ ја давате таа моќ на дебелината да биде сѐ она што сте. Не трошете си го целиот живот на безначаен и невозможен статусен симбол – тоа е како да го посветите целиот живот во гонење на еднорог елен и да бидете несреќни сѐ додека не го фатите.

Ајде да си ја вратиме назад моќта. Да престанеме да бидеме тивки и исплашени. Да одбиеме да ѝ дозволуваме на дебелината да нѐ спречува вистински да живееме. Да не им дозволуваме на грижите за дебелината да ни ги уништуваат нашите денови, недели, декади.

Наместо тоа, најдете ги нештата што ви го осветлуваат патот, ви даваат смисла и ве прават среќни. Заменете ги сите муабети за дебелината со разговори за овие нешта. Давајте им комплименти на вашите пријатели за овие нешта. Читајте за овие нешта. Дајте си време, енергија, пари и моќ за овие нешта.

Научени сте да се опседнувате со дебелината, па ќе биде потребно време и напорна работа за да ги пренасочите времето и вниманието кон нешто друго. Ќе бидат потребни храброст и сила да се спротивставите на она коешто било толку силно што постанало дел од вас. Но, отпорот доаѓа од вас, отпорот почнува со вас.

Погледнете како балерина со прекумерна тежина докажува дека секое тело е убаво на свој начин.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       


За авторот
Читај на раат!

Поврзани содржини

Остави коментар