Флертувачи, додворувачи, шмекери...

Флертувачи, додворувачи, шмекери…

„Твојата коса е како стадо овци кои се спуштаат надолу по ливадата…“ Кога мојата професорка го прочита ова, искрено, прснав од смеење. Беше пред едно 7 години, ама оваа фраза никогаш нема да ја заборавам. Зошто сум се смеела? Човекот кој го напишал ова си бил вљубен, заслепен од убавината на девојката, од нејзината долга коса, и само да напоменам, бил многу поискрен од кое било момче што ќе ви пријде во ноќен клуб во денешно време.

Заводливост, кокетни насмевки, расфрлање со шарм? Нема ни флерт ни вистинско додворување, ни тие искри и жарчиња. Во денешно време сè се сведува на Сакаш да се муваме? Траги-комедија…Флертувачи, додворувачи, шмекери...Прв начин да ѝ се „пуштиш“ на некоја – искористи ги социјалните мрежи. Глумат манијаци, ти се чини некој ги плаќа будно да го следат твојот профил 24/7. Во ред, нови времиња и нови начини на ширење познанства, само собери храброст и покани ја девојката да се видите во живо и извежбај при таа средба да успееш да направиш макар пола од муабетот кој си го правел на ФБ. Друг начин е да „пуштиш јадица“ во ноќен клуб и да видиш која ќе се фати. Ама најчесто без праќање заводливи погледи или пијачки, туку манијачко ѕверење во женската, а дури да собере храброст заврши вечерта. Без ризик, игра на сигурност, не дај Боже да ѝ покажеш на женската дека стварно ти се свиѓа и би сакал подобро да ја запознаеш. Финти како од филмчињата, праќање порака на нејзината маса… ма не, подобро ќе пуштат стројници.

Е, стројниците во 21-ви век се една од најинтересните појави. Дури играш расипан телефон преку братучед ти до другарот негов кој ќе треба да ѝ каже на другарката на оваа што ти се свиѓа, пораката три пати ќе се измени или изгуби во превод, а додека стигне до девојката таа може и да се омажи. Биди маж – кажи ѝ во лице. Ха! Какви мажи, одамна изгуби тежина овој термин. Сега жените се поголеми „мажи“ за многу работи.

А жените, нема да ги поштедам само затоа што сум една од нив. Ок, момците не знаат да флертуваат (поголемиот дел, големо извинување до ретките исклучоци), ама и жените не се цвеќиња за мирисање. Ако си застанала на шанк и глумиш ледена кралица не очекувај дека некој околу тебе вртоглаво ќе паѓа. Друга работа, ако си се облекла како за на кастинг за во јавна куќа (со извинение), не очекувај дека ќе флертува со тебе некој нормален.

Како и да свртиш за сè си има две страни. А бидејќи нема начин да бидеме јасни кога станува збор за тоа дали си достапна за флерт (освен ако нејќеш да шеташ со натпис на челото), ќе мора да преземаме ризици.

Во секој случај, вреди да се ризикува. Момци, пробајте најнормален пристап, без глупости и филозофии и видете што ќе бидне. И да добиеш корпа, никому-ништо, никој не умрел од тоа. Замислете таа да била жената на вашиот живот, онаа по која сте трагале толку долго време, а вие сте уништиле сè преправајќи се дека сте пијани (за да изгледате кул и опуштено), и пристапувајќи ѝ со некаква крајно глупава фраза. Нели е греота да си уништите таква шанса? На крајот на краиштата, флертувањето е едноставно и лесно, не ви треба докторат за да ви успее.

До следното читање,

Флертувајте смело.

Вашата Ели.


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.