Единствената работа која треба да ја барате кај вашиот партнер

Речиси секој ден на интернет порталите и во списанијата излегуваат текстови кои нè поучуваат на 10-те или 5-те карактеристики кои треба да ги бараме кај нашиот иден партнер. Многумина се раководат по истите, сметајќи ги за „Библија“ на љубовните врски. Вистинското прашање е дали може една комплицирана работа како романтичните врски и наоѓањето вистински партнер да се сведе на овие листи? Колку овие листи со карактеристики вистински се од помош и дали во суштина се нешта кои нè тераат да бидеме површни и плитки?

Најчесто дел од тие листи се надворешниот изглед, занимањето и социјалниот статус, за кои не можеме да кажеме дека воопшто не се важни, но постои друг проблем. Што ако, го/ја најдете тој „совршен“ партнер, кој ги исполнува критериумите од тие листи, но во суштина не ве прави да се чувствувате добро во своја кожа?

Единствената работа која треба да ја барате кај вашиот партнер

Дали треба да се фокусираме на она што го сакаме кај еден партнер или на она што не го сакаме? Психологот Марк Д. Вајт, сугерира дека можеби правилниот пристап е да се фокусираме на квалитетите што ги сакаме кај идниот партнер. На пример, наместо да речете дека не сакате низок дечко, ќе речете дека сакате висок, наместо да кажете дека не сакате некој кој ќе има прекумерна тежина, ќе речете дека сакате некој кој е во форма. Многу полесно се стигнува до целта кога знаеш што сакаш и автоматски имаш попозитивен пристап за разлика од фокусирањето на она што не го сакаш.

Но, повторно ни останува прашањето, колку вистински ги сакате или ви требаат тие нешта кај вашиот партнер и дали воопшто можете да ги најдете сите нешта од вашата листа кај една личност? Факт е дека многумина одбираат партнери кои не поседуваат голем дел од карактеристиките што тие личности ги барале кај својот партнер. Зошто е тоа така?

Сите листи со критериуми кои ги составуваме во нашите глави, не нè носат до личноста која вистински ни треба. Дали би било правилно да одбиете да излезете со личност, која според вашите критериуми, не го задоволува статусот што го барате кај вашиот партнер? Со сите тие листи во нашите глави, автоматски ги пречкртуваме потенцијалните идни партнери без да им дадеме шанса да ги запознаеме. Па тогаш, што е она што всушност треба да го бараме кај еден партнер?

Одговорот е многу едноставен, начинот на кој се чувствувате кога сте со него/неа. Затоа дајте им можност на луѓето, запознајте ги наместо да ги оттргнувате од себе поради тоа што не поседуваат некој од вашите критериуми. Факт е дека речиси е невозможно да го најдете тој совршен партнер креиран во вашите глави.

Дали тоа значи дека треба да се откажеме од какви било критериуми? Не. Но со сигурност значи дека треба да обрнеме повеќе внимание на она што е вистински важно. А тоа е како се чувствувате вие. Дали може да бидете свои пред партнерот, дали се чувствувате удобно во сопствената кожа, дали ве прави да се чувствувате полни со самодоверба, дали ве мотивира и верува во вас, дали може да ви послужи како рамо за плачење на крајот од напорен и тежок ден?

Затоа, заборавете ги тинејџерските критериуми од типот на: сакам да е висок, плав, со сини очи, налик принцот од Пепелашка, имајте неколку „возрасни“ критериуми на ум, но примарно, барајте партнер кој прави да се чувствувате добро и кој ве прави среќни, тоа е сè што во суштина е важно.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Слободното време го минува со голема шолја кафе и со добра книга во рака или пишувајќи го она што ѝ лежи на душата. Не може да поднесе неправда и негува емпатија кон луѓето. Како перфекционист опседнат да даде сè од себе, сонува да направи промена во светот околу неа. Креативна и желна за нови предизвици, со многу нови соништа секој ден, иако понекогаш плашлива од промена. По малку романтична со голема љубов кон англиските книжевни класици.

Поврзани содржини

Остави коментар