8-те лица на стравот: Како да се соочите со нив?

Опасностите во животот се реални, но стравовите се наш избор. Сосема е природно човек да се плаши од промени. Но, доколку стравот ве кочи во желбата да го подобрите вашиот живот и да донесувате важни одлуки, тогаш тука се наоѓа сржта на проблемот. Во продолжение прочитајте ги советите на популарниот блогер Лео Бабаута кој открива кои се најчестите стравови и како конечно да ги победиме.

8-те лица на стравот и како да се соочите со нив

„Во некои проблеми стравот е очигледен причинител за нивната појава. Прашање е само како да се ослободиме од него. За некои други, пак, стравот како причинител не е толку очигледен“, вели Бабаута.

Неговиот список е импресивен, а неговите ставови повеќе од интересни и аналитични. Тој советува дека треба најпрвин да размислиме за самиот проблем, а потоа да ја бараме причината зошто тој ни се повторува.

1. Одолговлекување

Веројатно се плашиме од неуспех или од тешката и напорна работа. Дури и кога го трошиме времето на социјалните мрежи, наместо нешто да сработиме, ние се плашиме дека ќе пропуштиме нешто важно.

2. Долгови

Постојат неколку можни причинители, но како главен се издвојува фактот што трошиме повеќе отколку што заработуваме и поради таа навика, купуваме и уживаме во работи кои реално ни претставуваат луксуз. Таа навика за трошење може да се јави како последица на анксиозноста и стравот дека ќе се случи нешто што не сакаме да се случи, но и од осаменоста и помислата дека не сме доволно добри.

3. Проблеми во врската

Проблемите во врската настануваат од најразлични причини, а меѓу нив се наоѓаат и многу стравови: од одбивање, губење контрола, целосно прифаќање и соочување со „другата личност“…

4. Физичка неактивност

Ако се откажеме од редовниот тренинг, тогаш ќе се појави и стравот дека нешто пропуштаме, но и стравот од тешките вежби и напорот што би требало да го вложиме.

5. Правилна исхрана

За овој проблем важи истото што важи и за вежбањето. Разликата е во тоа што тука се вклучени и емоционалните аспекти на проблемот кои се слични на финансиските и на желбата за купување.

6. Изборот на професијата

Можеби не знаете со што точно сакате да се занимавате, а тоа значи дека никогаш не сте посветиле доволно време да размислите за тоа. Ако знаете со што сакате да се занимавате, а ништо не сте направиле околу тоа прашање, тогаш станува збор за страв од неуспех или страв од помислата дека не сте доволно квалификувани за таа работа.

7. Стрес предизвикан од обврските

Кога имате многу обврски, проблемот не е во количината туку во брзината со цел сѐ да завршите навреме, а тоа значи дека секогаш си го поставувате себеси следниов нереален идеал: Сѐ ќе сработам навреме“. Тука повторно се јавува стравот од неуспех, но тоа не треба да ве обесхрабрува. Никој не може сѐ да постигне и да заврши навреме. Бабаута ни вели да ја прифатиме стварноста, бидејќи така најдобро ќе се снајдеме со обврските, па дури и да не успееме да завршиме некои од нив, барем ќе научиме нешто во процесот.

8. Дали сум доволно добар/ра?

„Сите овие стравови водат до една работа: недостаток на самодоверба. Ние го гледаме стравот како непријател кој треба да го поразиме, за да не бидеме поразени. Но, стравот сме всушност самите ние. Луѓето се суштества кои живеат во свет кој постојано се менува и тоа е застрашувачко. Се плашиме дека промените ќе нѐ поразат, ќе нѐ осудат, дека во тие промени нема да можеме да се снајдеме“, објаснува Бабаута.

Меѓутоа нашата цел не треба да биде уништување на стравот.

„Тој не може да биде уништен, бидејќи ако уништиме еден страв, секогаш ќе ни остане некој друг. Тоа ќе се одвива во текот на целиот живот. Стравот не е нешто што може да се искорени, тој е составен дел од животот“, вели Бабаута.

Но, можеме да направиме нешто околу тоа. Можеме да бидеме свесни за своите стравови и за тоа дека нѐ спречуваат во нашата борба. Да ги прифатиме како дел од нашата приказна. Бабаута објаснува и дека треба да бидеме благодарни на себе, на тоа кои сме и што сме, да се цениме себеси и да ги цениме другите, како и животот и сите моменти од него.

„Бидете благодарни на шансата која ви се дава, наместо да се плашите од промените кои таа ги носи. Немојте да создавате идеали. Ако нема идеали за успех, нема ниту страв од неуспех“, заклучува Бабаута.

За авторот
Новинар. Самопрогласен актер. Џедај. Животна форма еволуирана да живее од филмови, видеоигри, музика, хумор и технологија. Хоби и рекреација: Појадок, ручек, вечера.

Поврзани содржини

Остави коментар