8 лоши навики и ситуации што го зголемуваат ризикот од мозочен удар

Мозочниот удар настанува како последица на оштетени крвни садови во мозокот кои се распрснуваат или блокираат и предизвикуваат недостаток на кислород во мозокот. Оваа состојба може да доведе до оштетување на мозокот, па дури и до смртен исход. Пушењето, дебелината и претходните случаи со мозочен удар во семејството се главни фактори на ризик. Но, неколку неодамнешни истражувања откриле други изненадувачки работи кои можат да го зголемат ризикот. Прочитајте во продолжение!

8 лоши навики и ситуации што го зголемуваат ризикот од мозочен удар

Консумирање диетални пијалаци

Неодамнешно истражување спроведено во Америка на повеќе од 80.000 жени, во период подолг од десет години, покажало врска помеѓу вештачки засладените пијалаци и зголемениот ризик од мозочен удар. Научниците истакнуваат дека резултатите можат да се однесуваат само на жени кои поминале низ менопауза, а истражувањето не може со сигурност да ги прогласи диеталните пијалаци за виновници. Но, сепак најубаво е целосно да ги исфрлите од вашата исхрана.

Грип

Една студија спроведена на Универзитетот Колумбија покажала дека во првите неколку недели по појавата на симптомите на грип, ризикот од мозочен удар расте приближно за 40%. Исто така, друго истражување спроведено во Шкотска покажало дека ризикот од мозочен удар е поголем после заболување од респираторен вирус.

Затоа, обрнете внимание на симптомите како што се потешкотиите со одење, говорење, проблемите со вид и другите знаци кои го се појавуваат пред мозочниот удар. Некои научници забележале дека ризикот може да биде зголемен и до една година од поминување на грипот.

Прекувремена работа

Истражување од 2015 година, објавено во списанието Лансет покажало дека луѓето кои работат повеќе од 55 часа неделно имаат 33% поголем ризик од мозочен удар од оние кои работат стандардни 40 часа.

Друго големо истражување спроведено во Данска покажало дека луѓето кои подолг период се изложени на стрес имаат речиси двапати поголем ризик од мозочен удар со фатални последици за разлика од оние кои не се под стрес.

Дрога

Илегалните супстанци како кокаин или метамфетамин се поврзуваат со мозочниот удар дури и кај младите, здрави луѓе.

Истражување објавено во Журналот за форензични науки открило дека во 279 случаи на мозочен удар со фатални последици, на возрасни што биле помлади од 45 години, околу 20% се поврзани со консумирање на метамфетамин или кокаин.

Мигрена со аура

Аурата е невролошки симптом кој најчесто е проследен со мигрена во облик на визуелно нарушување. Едно истражување од 2016 година покажало дека кај луѓето кои боледуваат од мигрена со аура, ризикот од исхемичен мозочен удар е двапати поголем отколку кај луѓето кои боледуваат од мигрена без аура.

„Ако боледувате од мигрена со аура, замолете го вашиот лекар да ги процени факторите на ризик за мозочен удар“, советуваат експертите.

Гласна бука

Британската срцева фондација предупредува на потенцијалните ризици од живеењето или работењето во подрачје со многу бука. Нема многу истражувања за поврзаноста помеѓу мозочниот удар и силната бука, но нивните резултати се загрижувачки.

Истражување од 2015 година, објавено во журналот Европско срце покажало дека зголемената прометна бука е поврзана со зголемен ризик од мозочен удар кај луѓето што живеат во близина на многу фреквентни места.

Крвавење на непцата

Луѓето со болни непца имаат двапати поголем ризик од мозочен удар или други сериозни кардиоваскуларни болести. Многу експерти се сомневаат дека постоењето на бактерија во усната празнина што предизвикува воспалителен процес, може да создаде дополнителен ризик.

Хроничните воспаленија во телото предизвикуваат многу здравствени проблеми вклучувајќи го и стврднувањето на артериите кои можат да го зголемат ризикот од мозочен удар.

Сигнални болести на непцата вклучуваат крвавење, потечени, црвени или осетливи непца, лош здив или кафеави наслаги на рабовите на непцата.

Претерано консумирање на алкохол

Друго истражување спроведено во 2016 година покажало дека пиењето од 6 до 9 коктели во текот на едно ноќно излегување, го зголемува ризикот од срцев и мозочен удар за 30% наредниот ден.

Од друга страна пак, умереното консумирање алкохол , односно еден пијалак за жените и најмногу два за мажите, може да помогне при одржување на здравјето на кардиоваскуларниот систем.

Доколку имате некоја од овие лоши навики или ви се случува нешто од горенаведеното тоа не значи дека ќе доживеете мозочен удар. Добро е да ги знаете ризиците кои доведуваат до негово појавување за да можете да го превенирате.

Немојте никогаш самите да си ставате дијагнози, секогаш консултирајте се со вашиот лекар за промените кои ги забележувате кај себе.

Откриете кои се навиките што го оштетуваат мозокот и го уништуваат помнењето.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       


За авторот
Психолог кој најдобро се изразува преку пишаниот збор. Нејзиниот личен лајтмотив гласи: „Остани своја и поинаква бидејќи само така ќе блеснеш во полн сјај!“

Поврзани содржини

Остави коментар