8 чекори кон подобрување на вашата креативност и продуктивност

Кога сме навистина страсни за некоја работа воопшто не ни е тешко да ја сработиме. Се стремиме кон тоа да ја направиме што подобро и поразлично, да бидеме што поуспешни и позадоволни со самите себе. Целосно сме посветени на тоа што го правиме, па се случува целосно да се изгубиме во тоа што дури го губиме чувството за време. Но не секогаш можеме да се потпреме на креативноста како наша особина. Некогаш дури ни на мотивацијата која игра огромна улога тука. Но како и за сè друго, потребно е да преземеме некои мерки со цел што помалку да се соочуваме со добро познатата блокада и да ја зголемиме продуктивноста во тоа што го правиме.

kreativnost-kafepauza.mk

1. Почесто правете работи кои ве интересираат

Ова доаѓа како вежба за вас и вашиот мозок. Што почесто правиме работи во кои можеме да се внесеме, толку мозокот побрзо ќе ни работи. А кога во нешто сме попродуктивни и покреативни, полесно можеме да се фокусираме на работата. Дури и кога станува збор за завршување работа која ви е доделена – сконцентрирајте се на оној дел од неа кој ве мотивира да ја завршите.

2. Поставете јасни цели

Преземаме акции и правиме работи со цел нешто да постигнеме. Поставете си јасни цели кои ќе ве водат и ќе ви бидат потсетник за тоа зошто го правите тоа што го правите. Целта може да ви биде да нацртате совршена слика, да испеете беспрекорно некоја песна или навреме да ја завршите работната обврска. Фокусирајте се на целта, а тоа ќе резултира со поголема продуктивност. Ако премногу се обидувате, тоа може да ве обземе, ако премалку се обидувате, нема да биде доволно. Најдете ја средината и одржувајте ја концентрацијата во состојба која ќе ви овозможи лесен тек на работите.

3. Одберете го она место и оној дел од денот во кој најмногу успевате да сработите

Доколку не сте ограничени со време и место за завршување на некоја работа, тогаш ова е еден од првите чекори кои треба да ги направите. За некои тоа е тивко и повлечено место, а за други гужва од луѓе кои зборуваат за различни работи, за некои тоа е рано наутро, а за други доцна навечер. Размислете кој е тој пресек за вас и обидете се почесто да работите во таа атмосфера.

4. Избегнувајте прекини и работи кои ќе ви го одвлекуваат вниманието

Важно е да можете да се сконцентрирате на тоа што го правите бидејќи само така брзо и ефективно ќе си ја завршите работата. Доколку музиката ви пречи, изгаснете ја. Доколку телефонот ви ги оттргнува мислите од тоа што го правите, оставете го во другата соба.

5. Фокусирајте се најдолго што можете

Никој не може постојано да прави нешто. Сите имаат потреба од одмор и релаксација, дури и кога тоа што го прават е нешто кое го прават од љубов. Но исто така, сите имаат период од времето кога го даваат својот максимум. Токму во тој период фокусирајте се само на тоа што треба да го направите и тоа колку што можете подолго.

6. Не се нафаќајте да правите нешто што не умеете да го правите

Не секој може да прави сè што ќе замисли. Најдете за што ве бидува и што сакате да правите и започнете со тоа. Да, некогаш ќе треба да направите некои компромиси, но барем ќе правите нешто што знаете дека можете да го сработите. Не се нафаќајте на работи кои ниту ве интересираат, ниту пак ги имате потребните вештини за да ги направите.

7. Не плашете се да ги проширите своите познавања и видици

Иако не можете да очекувате во сè да можете да се пронајдете, сепак може да се обидете да научите нешто ново. Некогаш ќе дојдете во пресрет со работа која ужасно многу ве привлекува, но за неа нема да ги поседувате сите потребни вештини и знаења. Научете ги. Самото тоа што со малку труд ќе добиете многу повеќе е мотивација само по себе, нели?

8. Осврнете со кон самиот процес, а не само кон тоа што би требало да е резултатот

Кога ќе се случи да заглавите некаде, не размислувајте на тоа дека иако знаете каков треба да биде крајниот резултат, сепак не можете да дојдете до него. Наместо да губите време на тоа, сконцентрирајте се на проблемот кој е пред вас. Ништо не се случува преку ноќ и никому ништо не му е дадено на послужавник. На крајот на краиштата, дури и да не излезе како што сте го замислувале, размислете само што сè сте научиле и добиле при самиот процес.

„Најдете го тоа што го сакате и дозволете му да ве убие.“

За авторот
Дипломиран електроинженер по телекомуникации кој во слободно време обожава да пишува. Животен сон ѝ е да го прошета целиот свет уживајќи во добра книга и пријатно друштво. Настојува од секоја ситуација да го извлече најдоброто и не може да замисли денот да ѝ започне без шолја вкусно кафе.

Поврзани содржини

Остави коментар