7 внатрешни архетипови коишто ги парализираат вашите самодоверба и самопочит

7 внатрешни архетипови коишто ги парализираат вашите самодоверба и самопочит

Отсуството на љубовта кон себе е коренот на секој вид анксиозност, депресија, осаменост и празнина што можете да ги почувствувате. Всушност, ниската самодоверба станува вистинска пандемија.

7 внатрешни архетипови коишто ги парализираат вашите самодоверба и самопочит

Секој барем еднаш во животот се соочил со ниска самодоверба. Во свет кој нè учи дека материјалното богатство е поважно од мудроста и длабочината на душата, не е ни чудно што толку многу се чувствуваат слабо и сметаат дека имаат безброј недостатоци.

Ако сметате дека и вам ви недостига самодоверба, од голема важност е да станете свесни за вашите внатрешни архетипови. Уште поважно е да ги сакате и да ги прифатите онакви какви што се.

ШТО ПРЕТСТАВУВААТ АРХЕТИПОВИТЕ?

Таткото на аналитичката психологија, Карл Јунг, сметал дека сите ние делиме универзален несвесен ум кој го нарекол колективна потсвест. Оваа колективна потсвест е слој во умот кој ги содржи сите духовни, симболични и митолошки искуства и знаење. Кога се раѓаме ги наследуваме овие нешта, па на некој начин архетиповите се како шеми кои помагаат во нашето физичко, ментално и емоционално созревање.

7 ВНАТРЕШНИ АРХЕТИПОВИ

По Јунг, многу автори, психолози и размислувачи идентификувале бројни архетипови кои постојат во секој од нас. Додека повеќето од нив се позитивни или неутрални, има и неколку деструктивни. Секој архетип што го имаме во нас, во некој момент од животот, ни е од корист. Без разлика дали е за привлекување внимание или само за создавање пријатели, секој архетип ни помогнал на некој начин.

Но со текот на времето можно е овие архетипови наместо да ни помагаат, само да ни нанесуваат повеќе штета. Колку посвесни ќе станувате за нив, толку полесно ќе се ослободите од нивното влијание. Па погледнете и дознајте кои од следниве архетипови ве кочат во животот.

1. Зависник

Други имиња:Воркахолик“, коцкар, лаком, хедонист

Зависноста може да се појави во многу форми. Можете да бидете зависни од физички нешта како храна, алкохол, цигари, дрога, пари и секс. А можете да бидете зависни и од концепти како слава, успех и убавина. Исто така може да се развие зависност и од емоции како признание, љубов и прифаќање.

Овој архетип ве тера да верувате дека луѓето, емоциите, ситуациите и предметите надвор од вас можат да ве направат среќни. Но ова само ви ја одзема личната моќ и ве прави роб на вашата зависност.

Лекцијата што треба да ја научите: Ништо надвор од вас не може да ви донесе среќа, љубов, признание или прифаќање. Мора да ги најдете овие нешта во вас за навистина да почувствувате мир.

2. Питач

Други имиња: Отпадник, скитник

Овој архетип потекнува од деструктивноста, потребата и осиромашувањето. Кога владее со вас, постојано мислите дека вашите среќа и безбедност зависат од другите. Често сметате дека кај вас не постои ништо вредно и дека ви се потребни други да ви помагаат и да ве поддржуваат.

Лекцијата што треба да ја научите: Вашите мисли влијаат на вашата реалност. Ако верувате дека сте сиромашни и немате што да понудите, вашето постоење ќе го рефлектира тоа. Од друга страна, ако верувате дека сте богати и дека имате многу да му понудите на светот, вашето постоење ќе го рефлектира токму тоа.

3. Фанатик

Други имиња: Перфекционист, „грижач“, контролирач

Овој архетип е страстен, но е склон кон тврдоглавост и невротичност. Ако спаѓате во оваа група, вашата најголема грижа е контролата. Ова може да создаде многу напнатост, проблеми со здравјето, но и проблеми во врските.

Лекцијата што треба да ја научите: Единственото нешто што можете да го контролирате во животот е како ги перципирате настаните и како им пристапувате. Не можете да ги контролирате надворешните ситуации, ниту пак другите луѓе. Важно е да сфатите дека животот е многу повеќе од безбедност и успех. Научете да се опуштите и внесете малку спонтаност во вашиот живот.

4. Судија

Други имиња: Критичар, испитувач

Бидејќи сме луѓе, нашиот природен инстинкт е да судиме. Пресудуваме дали некоја ситуација е опасна или не, судиме за да го најдеме совршениот партнер, судиме за нештата да ни станат појасни. Сето ова е нормално, но понекогаш толку многу внимание му обрнувате на умот, што заборавате на вашето срце.

Ако судијата во вас не е во рамнотежа, секогаш ќе ве анализира. Негативното зборување со себе често е поврзано со оваа ситуација и најверојатно не знаете кога да престанете. Овој архетип е еден од најодговорните за вашата ниска самодоверба.

Лекцијата што треба да ја научите: Судењето е нормално, но размислете дали ви е од корист или само ве повредува? Не заборавајте да си покажете добрина и да си простите кога е потребно.

5. Маченик

Маченикот е архетипот кој очајно бара признание и ја зголемува самодовербата со саможртвување. Маченикот често се грижи за сите освен за себе. Кога другите не го ценат доволно, се појавува чувство на вина и станува склон на манипулирање. Овој архетип ги претставува местата што се сериозно повредени. Ова се нештата што ве тераат да верувате дека вашата вредност доаѓа од она што го правите, а не од личноста којашто сте.

Лекцијата што треба да ја научите: Не треба да ги жртвувате сите ваши потреби, желби и соништа за другите да се почувствувате достојни за љубов. Преземете одговорност за вашата среќа и научете како да се сакате без страв.

6. Саботер

Други имиња: Уништувач, сериски убиец, луд научник

И овој архетип е дел од секој од нас. Сè што постои во нашиот живот, со текот на времето ќе биде уништено за да отстапи место за нови нешта. Но овој архетип може да развие апетит за деструктивност и тоа е најголемиот проблем што го предизвикува. Кога сте исполнети со омраза кон себе, овој архетип уништува сè на вашиот пат – врски, пријателства, кариера, здравје…

Лекцијата што треба да ја научите: Кој дел од вас смета дека не заслужувате слобода, радост и љубов? Истражете ги вашите најдлабоки чувства за безвредност за да сфатите како ги трујат вашите животни одлуки. Мора да научите да ја сакате и да ја цените личноста којашто сте.

7. Жртва

Други имиња: Роб

Овој архетип ни овозможува да ја спознаеме нашата ранливост, но кога е премногу изразен може да ве парализира. Најголемиот проблем што се јавува во овој случај е отфрлањето на личната моќ. Кога не преземате одговорност за вашиот просперитет, животот ви изгледа како бескрајна мизерија. Вистината е дека не можете да ги обвинувате другите за вашата несреќа.

Лекцијата што треба да ја научите: Престанете да ги обвинувате другите за вашите неуспеси и разочарувања. Вие сте жртва само ако самите се ставите во таа улога. Па наместо тоа, одлучете да бидете борец. Оваа улога ќе ви даде моќ и ќе ви помогне да станете поодговорни.

Дознајте и кој од 12-те Јунгови архетипови најдобро ве опишува.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Студент кој секојдневно се губи низ страниците на некоја книга. Пишувањето и јогата го прават нејзиниот ден целосен.

Поврзани содржини

Остави коментар