7 начини да ја надминете анксиозноста кога патувате

7 начини да ја надминете анксиозноста кога патувате

Колку и да ни е јасно дека на крајот на патот нè чека плажа, море, одмор и уживање, понекогаш е тешко да се избориме со самиот процес на патување, кој за некои луѓе може да биде доста стресен. Секое патување со себе носи чекање пред поаѓање, гужви на бензинските пумпи, гужви на пултот за билети, хаос со багажот и уште многу други ситуации поради кои некои попрво би останале дома, наместо да одат на одмор.

7 начини како да ја надминете анксиозноста кога патувате

Стресот и анксиозноста при патувањето најчесто се појавуваат поради две причини. Едната е поради тоа што се работи за долг пат на кој не знаеме што ќе се случи, а другата поради фактот дека не можеме да ги контролираме неизбежните ситуации. Исто така, влијае и самиот процес на патување и грижата за безбедноста од моментот на излегување од дома, до самото враќање. Но, треба да се обидете што помалку да мислите на сите овие нешта, за да можете да уживате во патувањето и да ја намалите анксиозноста.

1. Повторувајте си: „Анксиозноста е потребна и од помош при патување“

Најпрво, патување без стрес не постои. Секогаш има можност нешто да тргне лошо или пак нештата да не течат како што било планирано. Стресните ситуации на пат воопшто не се ретки, но важно е како вие гледате на нив. Прифатете ја можноста дека несакани настани може да се случат, па така ќе бидете постабилни доколку дојде до нешто такво. Едноставно, имајте ги сите тие стравови и нервози на ум, но не ги трошете доколку нема потреба од тоа.

2. Проценете што најчесто ја предизвикува ваквата анксиозност

Можеби се работи за вашиот страв од пропуштање на летот или автобусот, од губење на багажот или пасошот или од лошење и мачнини за време на патувањето. Затоа, излегувајте порано, за да имате време да се качите на летот или да не го пропуштите автобусот, подгответе ја патната исправа уште претходниот ден, поставете налепници со име на багажот и купете навреме таблетки против мачнини. Доколку патувате со автомобил, проверете дали работи вашиот ГПС-навигатор или навреме инсталирајте соодветна апликација на телефонот, но не заборавајте и да понесете мобилен полнач за батеријата.

3. Што да направите ако патувате во држава каде не сте биле претходно?

Проверете ја важноста на вашата патна исправа и прашајте дали ви треба виза за во таа држава. Секогаш бидете информирани дали водата од чешма таму е за пиење, која парична валута ја користат и во каков договор за роаминг е таа држава со вашата. Веднаш кога ќе пристигнете, запишете го бројот за итни случаи. Овие ситници ќе го направат вашиот пат полесен и помалку стресен.

7 начини како да ја надминете анксиозноста кога патувате

4. Не дозволувајте лошите сценарија да ве уништат

Некои луѓе во паника го очекуваат најлошиот можен исход од секоја ситуација, а со тоа нивниот мозок целосно се блокира и ја губат способноста за расудување. На пример, ако се плашите од труење, никогаш нема ни да ја пробате вкусната локална храна. Но, логичкиот дел од вас би требало да ви каже дека треба правилно да изберете ресторан со свежо подготвена храна и да имате со себе пробиотик и активен јаглен, за секој случај. Запомнете, анксиозноста може да дојде и од размислување за лошите исходи.

5. Сетете се на претходното патување кое поминало добро

Точно е, постојат луѓе кои не се љубители на патувањата и во нив уживаат помалку отколку другите. Но, ако сте во ситуација во која треба почесто да патувате, секогаш со себе имајте напишана листа од нешта кои сте ги искусиле и што може да ви бидат корисни за следното патување, но и надополнувајте ја со корисни информации секогаш кога ќе откриете нов начин што ви помогнал да се снајдете на новото место. На овој начин ќе успеете и да ги сочувате спомените за патувањата, но и да ги избегнете евентуалните грешки кои сте ги направиле претходно.

6. Реорганизирајте се, па соочете се со фактите

Да се има страв дека нешто ќе тргне наопаку е сосема нормално и доколку такво нешто треба да се случи, ќе се случи и без да се грижите за тоа. Ако сте преплавени од страв, стрес и анксиозност, сигурно нема да уживате во патувањето, туку претерано ќе се грижите за вашата безбедност. Ова особено може да се случи доколку патувате во земја или град каде претходно се случил терористички напад или масовно убиство. Истражете ја безбедносната состојба во државата и секако, дознајте го бројот за итни случаи, за да можете да реагирате ако нешто такво се случи.

7. Ако не можете сами, побарајте помош

Можеби вашата анксиозност го уништува секое патување и тоа не само вашето, туку и на оние кои се со вас. Ако не можете да бидете рационални и да се изборите со стравовите, вие сте на граница на клиничка анксиозност, која мора да се лечи со помош на стручно лице, особено ако некое патување е важно за вас и мора да одите. Терапевтот може да ви помогне со стратегии за борба со анксиозноста, но и да ве упати доколку треба да земете лекови за вашата состојба.

Прочитајте и зошто патувањето е добро за вашето здравје.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Голем љубител на „Star Wars“ и трилер-романи. И многу сакам мачки!

Поврзани содржини

Остави коментар