6 причини зошто да волонтирате

6 причини зошто да волонтирате

Можеби ќе ви изгледа чудно, но работата која ќе ја извршите без никаков надомест може да ви донесе големи придобивки. Не зборуваме за практична работа во компании или државни институции, туку за волонтирање во непрофитни организации каде што можете да придонесете кон остварување на некоја идеја во којашто верувате. Ако сè уште се прашувате зошто би го правеле тоа, еве шест причини кои ќе ве натераат сериозно да размислите.

6 причини зошто да волонтирате

Придонес за општеството

Првиот и најсилен мотив за секој што се нафатил да ги подари своето слободно време и труд е желбата да се даде одреден придонес за општеството преку каузата што се остварува со волонтирањето. Ако, на пример, верувате во правата на животните, најдобро место за вас би било некое прифатилиште за бездомни животни или НВО која се бори за нивните права. Задоволството од вашиот придонес е навистина голема награда.

Запознавање нови пријатели

Волонтерските задачи ќе ги извршувате заедно со други волонтери, кои имаат слични идеи и сфаќања како вашите, па тоа е одлична можност да стекнете нови пријатели. Ќе сретнете луѓе со различно образование, различен социјален статус, од различни националности, и ќе бидете изненадени колку навидум различните луѓе може да си одговараат и да се дружат.

Личен развој

Преку самата работа што ќе ја извршувате ќе стекнете низа способности кои се неопходни и во идната кариера и во секојдневието воопшто. Ќе научите правилно и ефикасно да го распоредувате времето, како да работите во тим, ќе стекнете комуникациски вештини, а можеби ќе откриете и некој нов талент за кој не сте знаеле дека го поседувате. Сето тоа од вас ќе направи подобар човек кој понатаму полесно ќе се снаоѓа со животните предизвици.

6 причини зошто да волонтирате

Стекнување искуство

Преку волонтирање во областа во којашто имате образование или која сè уште ја студирате, ќе стекнете бесценето практично искуство. Организациите кои се потпираат на волонтерска работа не ги притискаат волонтерите со високи цели, не ги изложуваат на непотребен стрес, а даваат огромна поддршка и знаење со цел да се исполнат целите на организацијата. Тие се одлично место за полека да се започне со кариерата.

Расчистување на дилемите во врска со кариерата

Волонтирањето е извонредна можност да се испробате во повеќе полиња во ситуација кога не знаете која кариера да ја изберете. Наместо да слушате сечии совети дали да одите на правен факултет или да бидете социјален работник, најдобро би било да поминете некое време во бесплатната правна служба на некоја НВО, а потоа да волонтирате во областа на социјалните работи. Потоа ќе можете на мира да ги средите впечатоците и да слушнете што има да ви каже срцето.

Патување

Волонтирањето дава можност да го пропатувате светот преку организациите кои ќе ви понудат бесплатна храна и сместување ако се решите да волонтирате кај нив. Сепак, треба да знаете дека при тоа патните трошоци и џепарлакот паѓаат на ваш грб. Засега, единствена можност да го дадете вашиот труд бесплатно во странство, а за тоа да немате никакви трошоци е Европскиот волонтерски сервис, кој ги покрива трошоците за пат, сместување, храна и малку џепарлак.

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Го интересираат општествените науки и сето она што ја истражува повеќедимензионалноста на светот и човековото однесување, но од тоа само правото му е професија. Вљубеник во филмот, фотографијата, читањето и сите спортови на овој свет. Пишувањето му е задоволство кое му овозможува да биде во контакт со нив секој ден.

Поврзани содржини

Остави коментар