5 начини за баланс помеѓу професионалниот и приватниот живот за работата да не го уништи вашиот брак

Дали вашите обврски ве оптоваруваат? Секојдневно сте изложени на стрес и притисок поради работните задачи, а истовремено сакате да вложите повеќе време во вашиот брак? Наоѓање баланс помеѓу работните обврски и приватниот живот е клучно доколку сакате да бидете успешни на двете полиња. Како да ја постигнете таа хармонија помеѓу овие две нешта? Прочитајте во продолжение што советуваат експертите.

1. Поставете граници на работа

Ова е основно бидејќи ви дозволува подобро да управувате со сите други задолженија за да го одржите позитивниот ритам помеѓу животот и работата. Првиот чекор е едноставно да кажете „не“. Очигледно е дека ако вашиот шеф ви даде важен проект не можете да го одбиете, но бидете јасни во однос на тоа што можете да направите и кои се вашите способности. Не бидете личноста која секогаш се согласува на сè за да ги направи другите среќни бидејќи ќе се разочарате. Ветете си дека ќе го завршите работното време во разумно време.

Друг совет за организирање на времето е да го планирате денот во „делови“. Ако вашиот шеф ви го даде главниот проект распоредете го во подносливи „делови“ на работа од 1-2 часа. На овој начин нема да чувствувате притисок да завршите сè одеднаш и ќе го завршите работното време во соодветно време знаејќи дека утредента имате друг временски блок за довршување на работата. Така ќе имате време и за вечера со вашиот/вашата партнер/ка.

2. Организирајте ја дигиталната конекција дома и на работа

Ова спаѓа во поставувањето граници, но заслужува дополнително место поради улогата што ја играат различните „екрани“ во нашите животи! Колку време поминувате во одговарање на лични пораки или имејлови додека трае работното време? Запомнете дека за тој период може да ја сработите работата и да завршите навреме како би заминале дома во разумно време. Ставете им до знаење на вашите пријатели дека нема да можете одма да им одговорите на пораката – направете распоред за кратки паузи да одговорите на личните пораки и да не бидете постојано прекинувани.

Сите тие потрошени минути прават да бидете дефокусирани, а за тој период времето лета. Слично постапете и дома, па исклучете ги нотификациите од телефонот. Бидете комплетно присутни и посветете му се на партнерот правејќи заеднички работи што ве исполнуваат. Можеби ќе имате убава вечера или заедно ќе го гледате вашето омилено телевизиско шоу. Запомнете дека зависноста од телефоните ве чини време кое никогаш не може да се врати.

3. Закажете заеднички состаноци со партнерот

Се работи за поминување квалитетно време со партнерот. Двајцата имате зафатени распореди, но не препуштајте ништо на случајности. На почетокот на секоја недела извадете го календарот и видете што ви одговара на двајцата. Ќе сакате да ги видите и пријателите после работата, да појдете на масажа или на некој курс кој веќе некое време сакавте да го посетите. Брачниот живот нека ви биде приоритет, но обидете се да направите баланс помеѓу сите нешта кои сакате да ги правите во слободно време, како и средби со пријателите. Ако направите добра организација ќе најдете време за сè.

4. Создадете значајни ритуали во текот на денот

Брачните ритуали се прават свесно и намерно, и претставуваат должности за поддршка, негување на бракот и повторно поврзување со вашиот партнер. Може да имате само еден ритуал, како на пример, да се бакнете наутро пред да го напуштите домот и силно да се прегрнете кога ќе се вратите дома вечерта. За некои идеи ќе биде потребно повеќе планирање, како на пример, појадок под свеќи или закажување на месечна масажа за партнери.

Другите регуларни ритуали можат да бидат заедничко правење вечера, слушање преку телефон или порака во текот на денот, одење на ручек еднаш во неделата или заедничко туширање. Фокусирајте се на создавање конзистентни и полни со љубов заеднички активности со партнерот во кои ќе се грижите за себе во пар. На овој начин, кога работните обврски се претешки, ќе имате можност да ги наполните батериите посветувајќи се на вашиот брак.

5. Внимавајте како комуницирате и во канцеларија и во домот

Ако работите во оние работни опкружувања каде што може да се зборува за партнерите, не учествувајте во тоа! Можеби ќе сакате да припаѓате на мнозинството, но најдете поинаков начин да комуницирате со колегите, а тоа да не вклучува разговори поврзани со вашиот/вашата сопруг/а. Тоа е подмолен начин за поткопување на сопствениот брак и крајно неучтиво кон личноста на која ѝ ветивте љубов и почит. Како што не сакате на домашен терен да внесувате дополнителен стрес од работа, исто така не сакате да го одбегнувате партнерот кога ќе ве праша како поминал вашиот ден.

Споделете ги вашите фрустрации и ставете му до знаење што сакате од него – совет или само да ве ислуша. Еден забавен ритуал при враќањето дома што може да ви помогне да се ослободите од стресот е доколку го споделите денот како да кажувате временска прогноза. „Сончевите облаци ова утро кога добив комплимент од шефот беа проследени со пороен дожд кога зделката пропадна. Но, тоа овозможи да се создаде ветар во грб при што направив неколку добри телефонски продажби после тоа“. Ова може да звучи малку банално, но е одличен начин за споделување информации и можност да се отвори подлабока дискусија.

Некогаш најдобрите намери за да се создаде здрав баланс помеѓу работата и животот нема да вродат со плод, но тоа не значи дека треба да се откажете. Совршените бури се случуваат кога двајцата партнери имаат лоши денови и немале шанса вистински да се поврзат. Следете ги овие совети и обидете се да ги примените. Можеби веќе имате создадено свои начини на однесување и техники кои ви помагаат да балансирате помеѓу приватниот и професионалниот живот. Се надеваме дека ви дадовме дополнителни идеи, но и насоки ако сè уште не сте нашле успешни техники за баланс помеѓу овие две најважни животни сфери.

Дознајте кои прашања вие треба да ги поставите на интервју за работа.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       


За авторот
Психолог кој најдобро се изразува преку пишаниот збор. Нејзиниот личен лајтмотив гласи: „Остани своја и поинаква бидејќи само така ќе блеснеш во полн сјај!“

Поврзани содржини

Остави коментар