5 мита за нарушувањата во исхраната

5 мита за нарушувањата во исхраната

Поголемиот дел од луѓето, ја доживуваат храната како уживање, а времето за ручек или вечера им е период од денот кога можат да се видат со семејството и пријателите. Но, има и такви за кои храната е вистинско измачување. Оние кои на неа гледаат како на „чудовиште“ се всушност луѓе со нарушувања во исхраната. Постојат голем број недоразбирања и митови околу овие нарушувања, што тие претставуваат и како влијаат на организмот, но ние ги издвоивме најчестите кои истовремено се и најопасни.

1. Во ред е да се изгладнувате доколку имате вишок килограми

(2) 5 мита за нарушувањата во исхраната

Постојат голем број истражувања посветени на дебелината и за тоа колкав притисок може таа да предизвика врз личноста. Но, без оглед колкава е тежината на некој човек, до губење на килограмите никогаш не треба да се дојде преку изгладнување. Секогаш постојат здрави диети. На секој организам му се потребни доволно количество витамини, протеини и минерали кои може да ги добие преку здравата храна. Никогаш не го избирајте гладувањето како опција за брзо симнување на вишокот килограми, бидејќи тоа може сериозно да го наруши вашето здравје.

2. Само тинејџерки можат да се соочат со проблеми во исхраната

(3) 5 мита за нарушувањата во исхраната

Ова е голем мит. Кога ќе се спомене терминот „нарушување на исхраната“ секогаш во главите ни се појавува тинејџерка која сакала да изгуби килограми за време на пубертетот. Но, вистината е сосема различна. Проблеми во исхраната можат да се појават и кај деца од шестгодишна возраст, како и кај возрасни жени. Има примери на жени кои се борат со проблеми во исхраната иако веќе се длабоко навлезени во шестата деценија од животот. Исто така, нарушувањата во исхраната се поврзуваат само со девојките и жените. Но, истражувањата покажуваат дека еден од четворица луѓе со проблеми во исхраната е маж.

3. Секој проблем со исхраната вклучува изгладнување

(4) 5 мита за нарушувањата во исхраната

Не е секогаш така. Постојат нарушувања, како на пример анорексичната нервоза, кога личноста јаде, но внесува помалку калории од потребното ниво за организмот. Исто така, позната е и булимијата, кога по јадењето повеќе од потребното количество храна, човекот со нарушување, предизвикува повраќање, а тоа е проследено со интензивно чувство на вина и срам. Постои и нарушување во кое луѓето јадат прекумерно и без контрола.

4. Секој човек со неправилна исхрана има и нарушена слика за своето тело

(5) 5 мита за нарушувањата во исхраната

Нарушената слика за своето тело е психичко растројство, чии симптоми се оптовареност и незадоволност од својот изглед. Но, тоа не значи дека се појавува само кај луѓе кои имаат проблеми со исхраната. Таквиот начин на гледање на своето тело може да се развие и кај луѓе кои имаат други психички нарушувања, ниско ниво на самодоверба и опседнатост со убав изглед. Голем број луѓе се опседнати со пластични операции и сакаат да го доведат изгледот до совршенство, но од друга страна немаат проблеми со исхраната.

5. Луѓето со психолошко нарушување не знаат ништо за правилната исхрана

(6) 5 мита за нарушувањата во исхраната

Најголемиот проблем околу нарушувањето во исхраната е всушност контролата над храната. Овие симптоми се тесно поврзани со психичката состојба на луѓето и контролата врз ситуациите во нивниот живот. Кога се под стрес или чувствуваат немоќ, луѓето одбиваат да јадат или пак одат во другата крајност и се прејадуваат.

Нарушувањата во исхраната е психолошка состојба што може да предизвика трајни последици врз организмот, а многу често може да резултира и со смрт. Секогаш добро информирајте се за работите и доколку кај себе или кај некој близок забележите одредени симптоми кои можат да укажуваат на проблеми со исхраната, веднаш побарајте лекарска помош.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Книжевник, новинар, сонувач... Го обожува утринското кафе без шеќер. Верува дека убавите нешта се кријат во мали и едноставни пакувања.

Поврзани содржини

Остави коментар