12 начини преку кои мислите дека штедите, но всушност ве чинат поскапо

Колку пати досега ви се случило да купите нешто затоа што е евтино, а тој предмет, парче облека или храна, воопшто не ви се потребни? Или постојано следите попусти, а по некое време кога ќе сe пресметате, ќе сфатите дека и не сте заштедиле многу, дури и сте платиле повеќе од планираното. Постојат некои трикови со кои трговците ги намамуваат потрошувачите, но тоа е и нивната работа. Затоа, внимавајте на што ги трошите вашите пари. Ние ви нудиме 12 моменти за кои мислите дека штедите финансии, а всушност на долг рок ве чинат многу поскапо.

(1) 12 начини преку кои мислите дека штедите, а всушност ве чинат поскапо

1. Купувате евтин мебел или апарати за домаќинство

Кога станува збор за штедење при купување мебел и апарати за домаќинство треба добро да се размисли. Голем дел од луѓето тешко се одлучуваат да купат поскапи парчиња мебел или техника. Но, одлуката да се купи евтин мебел и апарати, многу често значи дека набрзо ќе треба да ги замените со нови, па може да ве чини двојно или тројно повеќе. Можеби ќе најдете кревет за многу ниска цена, но по некое време ќе се покаже како сосема неудобен за седење или спиење. Истото се случува и со кујнските апарати и другата техника. Купувајте паметно, некогаш е подобро некои работи да се платат поскапо. Квалитетот игра важна улога при изборот.

2. Купувате работи само затоа што се на попуст

Оваа навика може многу да ве чини. Постојано сте опкружени со огласи и реклами за големи снижувања, но потрудете се да не обрнувате многу внимание на нив и запрашајте се што е она што вистински ви треба. Без оглед колку и да е ниска цената на она што го купувате, сепак парите ќе ги дадете за нешто што не ви треба. Таквите предмети или облека обично завршуваат заборавени во плакарите и фиоките.

3. Не плаќате осигурување или ја плаќате најниската стапка

Ова е една честа грешка меѓу луѓето. Никој не мисли на „црните денови“, кои секако не значи дека со сигурност ќе дојдат, но секогаш е подобро да сте осигурени, како вие, така и личниот имот. Сè може да се случи во животот. Избегнувајќи ја ниската месечна рата при плаќање на некое осигурување, може да ви предизвика голема главоболка и проблеми во одреден момент од животот.

4. Го игнорирате одржувањето на вашиот автомобил

Автомобилот секогаш сигнализира кога му е потребна некаква обнова. Колку повеќе вложувате во него, толку подолго ќе ве служи. Доколку не обрнувате доволно внимание може да се создаде дефект кој подоцна скапо ќе ве чини.

5. Постојано пазарувате на сајтовите за попусти

Тоа може навистина да се исплати, но не секогаш. Добро е да побарате одредена понуда, но доколку постојано сте вклучени и ги следите сите снижувања, постои опасност да паднете во искушение и да купувате работи и услуги кои не ви се потребни.

6. Премногу го ограничувате буџетот

Сфатете ја оваа финансиска навика како претерано амбициозна диета. Колку повеќе се изгладнувате, толку се поголеми шансите планот да не ви успее и по неколку дена да се фрлите на масната и калорична храна. Така е и со претераното штедење. Доколку редовно си ги исполнувате потребите во границите на нормалата, ќе го намалите ризикот од прекумерно трошење одеднаш.

7. Одбивате да ги употребувате кредитните картички

Голем дел од луѓето во текот на животот се соочиле со одредени проблеми поврзани со кредитните картички и поради тоа изгубиле доверба во нив. Вистината е дека треба многу да се внимава на сумата која што ја имате, затоа што лесно може да се изгубите и да отидете во минус, но картичките нудат и удобност и имаат големи предности доколку паметно ги користите. Распрашајте се во вашата банка кои се поволностите кои можете да ги добиете од користењето на картичките. Секогаш советувајте се со финансиски експерти доколку имате некои нејасни прашања.

8. Купувате евтини парчиња облека

Во ова искушение особено често паѓаат жените. Едноставно не можете да одолеете кога ќе видите дека можете да купите здолниште или блуза по неверојатно ниски цени. Но, проблемот настанува по првото перење. Веднаш ќе ја видите вашата грешка.

9. Штедите на храна

Многу често се случува, наместо храната којашто ја сакате и којашто е здрава да ја замените со некој поевтин оброк. Тоа не е најдобра идеја затоа што мислејќи дека штедите, вие всушност ќе бидете принудени да купите дополнителна храна за да го задоволите апетитот. Исто така, една попаметна идеја е да ја наполните кујната со квалитетни продукти од кои можете да си зготвите здрав ручек или вечера, наместо да немате ништо во фрижидерот, па да одите во најблискиот ресторан, што ќе ве чини многу поскапо.

10. Не штедите за пензионерските денови

Ова е една честа грешка, особено меѓу помладата популација. Староста брзо доаѓа, затоа добро би било доколку успеете барем мал дел од вашата заработка да ја вложувате во некои пензиски фондови, кои ќе ви обезбедат долгорочна сигурност.

11. Секогаш избирате промотивни услуги

Големите компании секогаш нудат промотивни цени кои звучат многу примамливо за потрошувачите. Но, по неколку месеци промоција, може да се соочите со високи цени на услугата, а договорот што сте го потпишале да не можете да го прекинете без да платите одредена казна. Затоа, секогаш кога потпишувате каков било договор, внимавајте што е напишано најдолу, со најситните букви.

12. Купувате поединечни, наместо производи во поголеми пакувања

Колку пати ви се случило да се одлучите да купите едно парче тоалетна хартија, затоа што не сакате да земете пакет со 12 парчиња? Следниот пат добро погледнете ја цената и ќе сфатите колку пари можат да се заштедат на големите пакувања. Тоалетната хартија е само еден пример. Речиси секој производ, барем во големите супер маркети, може да се најде во голем пакет, за неколку пати пониски цени.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Книжевник, новинар, сонувач... Го обожува утринското кафе без шеќер. Верува дека убавите нешта се кријат во мали и едноставни пакувања.

Поврзани содржини

Остави коментар