14 работи кои треба да ги знаете ако сте во врска со девојка која има многу пријателки

Женското пријателството е една од најсветите врски кои може да ги оформи жената во својот живот. Во добро и во лошо, за забавно и за досадно, пријателките се оние кои се секогаш тука за неа со добра шега, паметен совет или прегратка. Токму поради ова, кога таа ќе влезе во врска, не е ништо чудно ако, меѓу другото, тие се упатени во секој детаљ од неа.

1-14-raboti-koi-treba-da-gi-znaete-ako-ste-vo-vrska-so-devojka-koja-ima-mnogu-prijatelki-kafepauza.mk_

Па машки, доколку сте во врска со девојка која има повеќе најдобри пријателки, бидете убаво подготвени за следниве 14 работи.

1. Ќе поминувате многу време со нив

За вашата девојка пријателките се сѐ, па таа ќе биде со нив голем дел од нејзиниот ден бидејќи на барем една од нив нешто ќе ѝ се случува. Тоа што дури и тогаш таа ве сака покрај неа е само знак дека сака да бидете дел од нејзиниот живот.

2. Нејзината најдобра пријателка е на прво место

Можеби сте договорени да излезете некаде со вашата девојка, но доколку баш во тој момент нејзината најдобра пријателка има потреба од неа, бидете подготвени дека тоа нема да се случи. Тие биле и ќе останат тука една за друга секогаш, а тоа е нешто кое ќе треба да научите да го цените со тек на време.

3. Нивното пријателство не е закана за вашата врска

Иако ќе се случува да ве остави за да истрча кај некоја од пријателките која е во криза, тоа воопшто не значи дека таа не ве сака. Вашата наспроти нивната врска не е и не треба да биде никаков натпревар.

4. Таа има повеќе групи пријателки

Пријателки од детството, пријателки од факултет, пријателки од работа… Таа има повеќе групи пријателки и ќе сака да поминува време со сите нив. А кога сте во врска, тоа значи дека на голем дел од тие нивни собиранки ќе одите и вие, па убаво е да се спријателите со барем по некој од секоја група. Така, ќе ви биде совршено удобно со која било група и да излезете.

5. Ќе бидете осудувани според тоа како се однесувате со нејзините најдобри пријателки

Бидејќи тоа се луѓето за кои таа би направила сѐ, а и тие за неа, многу е важно, како нејзино момче, да имате убав однос со нив. Тоа не повлекува само да бидете фини едни со други, туку и навистина да се спријателите. На крајот на краиштата, ако останете заедно, сите ќе бидете важен дел од нејзиниот живот, па за неа е од витално значење добро да се согласувате.

6. Ќе имате многу слободно време за со своите пријатели

Дури и кога е во врска, таа ќе поминува многу време со своите пријателки. Некогаш ќе сака да одите со неа, но многу почесто ќе сака тие сами да излезат и да се забавуваат што значи многу слободно време за вас и дружење со вашите пријатели. Па ако сте тип на човек кој го сака тоа во врска, оваа девојка е девојката за вас.

7. Нејзините пријателки ќе доаѓаат со вас кога ќе излегувате

Иако не секогаш, сепак нејзините пријателки често ќе бидат дел од вашите излегувања. Особено ако пред или по договорот со вас, таа е договорена да се види со нив. Затоа, бидете подготвени дека не секогаш ќе ја имате само за себе.

8. Ќе одите заедно на многу случувања

Венчавки, родендени, групни активности… Ова се само дел од многуте случувања на кои вие ќе ја придружувате и ќе бидете опколени со нејзини пријателки. А колку повеќе ги има, толку почесто ова ќе се случува. Ова е уште една причина зошто е убаво побрзо да се спријателите со нејзините пријателки со цел убаво да си поминете.

9. Би требало да се спријателите со момчињата на нејзините пријателки

Сакале или не, често ќе излегувате со нејзините пријателки и нивните момчиња. Па кога тие ќе почнат меѓу себе да зборат и озборуваат, убаво е ако успеете да најдете заедничка тема со момчињата на другите девојки. Така ќе ви биде покомотно и поприродно секој нареден пат, па на крај и ќе се спријателите.

10. Долго време ќе поминувате во разговори

Нејзиниот ден е секогаш исполнет и постојано на некоја од нејзините пријателки ѝ се случува нешто, па неминовно е дури и кога не сте се виделе долго време, првиот час и половина да ви поминува во разговор. Таа ќе има желба да го сподели секој момент од нејзиниот ден со вас бидејќи вие сте сега важен дел од нејзиниот живот и ѝ значи вашето мислење.

11. Препорачливо е однапред да правите планови со неа

Фактот дека има многу пријателки значи дека голем дел од нејзиниот ден е веќе ден-два однапред испланиран. Па ако сакате да одите некаде само вие двајца, препорачливо е тоа да го испланирате малку порано. Така таа веќе ќе има договорено со вас, а и вие нема да мора да се разочарате поради тоа Не можам, имам планови со пријателките.

12. Многу луѓе ќе влијаат на нејзиното мислење и изборите кои ги прави

Ова не значи дека таа нема свое мислење, туку дека едноставно ќе сака да го чуе мислењето на сите оние кои ѝ значат. Па покрај вашето и мислењето на нејзиното семејство, на неа ќе влијае и она што ќе ѝ го кажат многуте пријателки кои ги има или барем оние најдобрите. Не очекувајте дека секогаш ќе се сложи со вас или дека ќе го примени вашиот совет. На крајот на денот, тоа е сосема во ред.

13. Доколку дојде до свадба, тешко ќе дојдете до збор

Свадбата е ден кога на секоја девојка ѝ се исполнува сонот да биде принцеза, дури и кога станува збор само за 24 часа. Вашата девојка ја планирала и сонувала својата свадба од малечка и веројатно со своите пријателки веќе имаат детален план за секоја ситница. Бидејќи како машко веројатно не ни имате желба да се мешате многу во свадбените планирања, убаво ќе биде ако се помирите со тоа и со сите нејзини нервози и бидете покрај неа да ја утешите кога некој дел од планот нема да излезе баш како што го замислувала.

14. Таа е неверојатно разумна, внимателна и лојална личност

Имајќи многу пријателки, неминовно е таа да биде личност на која тие можат да се потпрат. Таа е разумна, внимателна и лојална кон своите пријателки и ќе биде и кон вас, а ќе очекува и вие да бидете такви кон неа. Таа ве обожава и ќе ви го подари целото срце, но за возврат ќе го бара и вашето.

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Дипломиран електроинженер по телекомуникации кој во слободно време обожава да пишува. Животен сон ѝ е да го прошета целиот свет уживајќи во добра книга и пријатно друштво. Настојува од секоја ситуација да го извлече најдоброто и не може да замисли денот да ѝ започне без шолја вкусно кафе.

Поврзани содржини

Остави коментар