11 мали нешта со кои сите ние можеме да го подобриме светот

Дали некогаш чувствувате дека сте премали за да направите некаква разлика во светот? Размислете подобро. Светот е составен од луѓе како вас самите. Клучно е, што и да ни се случи и колку и да пораснеме, никогаш да не го заборавиме, навидум детскиот и наивен нагон дека можеме да го промениме светот. Всушност, секој може да го промени светот и да го направи подобро место за живеење со помош на својот мал придонес. Еве како.

11 мали нешта со кои сите ние можеме да го подобриме светот

1. Со насмевка

Вистинско чудо е што сè може да направи една насмевка. Кога ќе му се насмевнете некому неговиот инстинкт му кажува да ви се насмевне и тој вам. Ширете позитивни насмевки и подарувајте ги бесплатно. При секој разговор или невербален контакт, не заборавајте да се насмевнете. Насмевнете му се на денот штом се разбудите наутро, насмевнете му се на градот штом излезете од дома, и при секоја упатена насмевка ќе добивате насмевка за возврат. Насмевнете му се дури и на оној кој се однесува лошо со вас. Размислувајте на ваков начин: зошто да се муртам кога можам да се насмевнам? Насмевката навистина нема да ве чини ни денар, а со неа ќе разведрите многу тмурни денови.

2. Слушајте

Сите ние имаме своја приказна која сакаме да ја кажеме, сите ние сакаме да бидеме ислушани и да бидеме сфатени и поддржани. Но, слушањето е техника што не секој може или сака да ја совлада. Заглавени во сопствените суети имаме време само за нашите, некогаш навистина безначајни маки и проблеми. Огромна разлика ќе направите доколку издвоите време вистински да ислушате некого. Вашиот пријател, колешка, мајка, сестра или брат, дури и човек кој ќе го сретнете на улица. На луѓето им треба некој кој ќе ги сослуша и ќе им каже дека не е сè така црно, некој кој ќе ги потсети дека вредат доколку загубиле верба во себе. Навистина, дури и за наше добро, мора да почнеме повеќе да слушаме а помалку да зборуваме.

3. Чистете го нередот позади себе

Буквално, не оставајте неред. Во соба, канцеларија, во двор или на улица. Кога ќе поминете во парк и забележите отпад, фрлете го кај што му е местото, иако не сте вие оние кои го направиле нередот. Засадете цвеќиња во дворот и по терасите и разубавете му го денот на секој кој ќе мине покрај вашата куќа или вашиот стан. Под изговор дека сме презафатени забораваме на важноста на убавиот изглед на нашите дворови, бироа и канцеларии, како и на грижата за околината и природата. Трудете се сегде каде што ќе поминете да оставите впечаток и на секој кој ќе мине низ вашиот простор да му се разубави денот од позитивната енергија, чистотата и светлината на тоа место. Изненадете ја вашата мајка и средете ја кујната за да се одмори кога ќе се врати од работа. Навистина е прекрасно да се биде уреден и за вас, но и за другите околу вас.

11 мали нешта со кои сите ние можеме да го подобриме светот

4. Отворете им врата на луѓето

Прво, буквално. Замислете ваква ситуација. Една девојка има навистина ужасен ден, и токму кога е на работ да изгуби верба во човештвото, налетува на вас, и двајцата истовремено сакате да влезете во бутикот, но вие ѝ ја отворате вратата и ја пуштате да влезе пред вас. Без разлика на полот или возраста, отворајте им врата на луѓето. Ете, толку е едноставно. Ќе направите да се чувствуваат важни.

Второ, метафорички. Давајте им можности на луѓето. Кога ќе слушнете за супер работно место веднаш кажете му на вашиот пријател за можноста што ја има. Ако вие можете да помогнете, сторете го тоа. Пружете им рака за помош на луѓето. Можеби не секој ќе ви биде благодарен, но вие ќе знаете дека сте направиле некаков придонес.

5. Бидете тука за луѓето

Кога некому му треба помош, помогнете несебично. Без разлика дали станува збор за носење тешки ќеси, товарање на камион, средување на домот и сл. Бидете тука дури и за оние кои не ви се блиски и кои не ги познавате. Не мора да ги знаете двете слатки дечиња кои чекаат на каса веднаш позади вас со сладолед во рака за да им ги платите сладоледите. Едноставно треба да бидете хумани. И кој и да ви рече дека хуманоста е губење време, е огорчен човек кој ни дава, а ниту пак добива љубов.

11 мали нешта со кои сите ние можеме да го подобриме светот

6. Редовно велете „ве молам“ и „благодарам“

Самите зборови кажуваат сè, и искрено се магични, само што ние понекогаш ги забораваме. Никој нема обврска да направи ништо за вас, не заборавајте го тоа. Дури и некој кој добива пари за услугата што ви ја прави, може да ја направи лошо. Затоа никогаш не заборавајте да речете „ве молам“ и „благодарам“. Да, тоа важи и кога ќе му речете на вашиот брат да ви донесе чаша со вода.

7. Научете ги имињата на луѓето

Кога веќе на второто гледање ќе му се обратите некому по име, вие оставате впечаток дека личноста ви е мила, ви значи штом сте ѝ го запаметиле името и ја/го цените како индивидуа. Без разлика дали е вашиот автомеханичар, продавачката или сосетката, обраќајте им се на луѓето по име, секако, доколку пригодата и односот ви го дозволуваат тоа. Со тоа што ќе се потрудите да ги запомните имињата на луѓето, создавате еден вид блискост меѓу вас.

8. Охрабрувајте ги луѓето

Секако, ова не важи кога очигледно некој губи време на нешто што нема да вроди со плод. Но, секому му е потребно едно едноставно тапкање по рамо и охрабрување. Дајте им до знаење на луѓето дека верувате во нив, дека тие се способни, дури и ако не ви се многу блиски. Сè е возможно и секој кој вложува труд ќе успее. Само што негде попатно може да изгуби надеж и верба во себе. Тука настапуваат другите кои негуваат емпатија за луѓето. Охрабрувајте ги оние кои минуваат низ тешки мигови или се соочуваат со големи предизвици.

9. Давајте, но и добивајте за возврат

Прекрасно е што сте хумани и што сакате да помогнете и безрезервно се вложувате себеси. Не секој го може тоа и затоа сте достојни за восхит. Но некогаш ви е потребно време за себе. Не заборавајте да бидете сами со вашите мисли, не заборавајте на нештата кои ги сакате и ве опуштаат. Не плашете се да побарате помош и поддршка. Никој никогаш не успеал сам. Ако немавме потреба од другите луѓе, сите ние ќе живеевме сами и постојано ќе бевме сами. Да покажете дека ви е потребна помош не значи дека сте слаби, туку доволно јаки да ја признаете вашата потреба и немате проблем со барање услуга бидејќи безброј пати сте ја дале.

11 мали нешта со кои сите ние можеме да го подобриме светот

10. Кажувајте „те сакам“ почесто

Нема потреба од никаков коментар. Сите ние имаме круг на луѓе кои вистински ги сакаме, но од некој причина забораваме да им кажеме или не им кажуваме доволно често. Не, не зборувам за индиректни постапки кои покажуваат дека ги сакате вашите блиски, туку за кажување во лице – те сакам. Тоа што некој ве сака значи дека ве почитува и му значите. Дека сте незаменлив дел од нечиј живот. Добро е да се слушнат овие зборови одвреме-навреме. Не ги потиснувајте емоциите во себе и кажете им на луѓето како се чувствувате.

11. Бидете свои и вложувајте максимално

Најголем придонес на светот може да му дадете со тоа што ќе бидете свои. На светот му се потребни разлики и шаренила, а не луѓе излезени од ист калап. Бидете свои во однесувањето, зборувањето, движењето, облекувањето. Оставете белег со секој ваш потег. Борете се за своите ставови и држете се до своите принципи и до она во што верувате без разлика што ви кажуваат другите. Засадете нешто од што ќе никне прекрасен плод и допрете до срцата на другите. Не секој го дава најдоброто од себе, но вие правете го тоа и служете им како пример на другите. Вие сте она што сте и нема потреба да се преправате или да се срамите од себеси. Кога секој би ја тргнал својата маска и едноставно би бил свој и искрен, светот би бил подобро место за живеење.

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       


За авторот
Слободното време го минува со голема шолја кафе и со добра книга во рака или пишувајќи го она што ѝ лежи на душата. Не може да поднесе неправда и негува емпатија кон луѓето. Како перфекционист опседнат да даде сè од себе, сонува да направи промена во светот околу неа. Креативна и желна за нови предизвици, со многу нови соништа секој ден, иако понекогаш плашлива од промена. По малку романтична со голема љубов кон англиските книжевни класици.

Поврзани содржини

Остави коментар