11 болно очигледни вистини кои сите ги забораваат премногу брзо

11 болно очигледни вистини кои сите ги забораваат премногу брзо

Дали во облик на совети од постарите или клише изрази од некој филм, постојат многу работи кои милион пати поминуваат низ нашите уши, но на кои не посветуваме внимание. Ќе си кажеме ништо ново и продолжуваме по старо. Но факт е дека некои работи навистина држат вода. Тоа се тие вистини кои кога-тогаш наоѓаат начин да допрат до нас.

Вистината не престанува да постои кога е игнорирана

Вистината не престанува да постои кога е игнорирана

1. Просечниот век на живеење е прилично кус

Постои една поговорка која вели дека животот е многу краток и дека секој момент треба да го цениме. Секој ден треба да го живееме како да ни е последен и да правиме работи за кои нема да жалиме. Никој не знае колку време има, а втора шанса не добиваме. Смртта е неизбежен дел од процесот, но не е изговор да не направиме нешто повеќе. Па наместо да нè плаши, треба да нè охрабри да го направиме најдоброто што можеме, бидејќи губиме само тогаш кога воопшто и не се обидуваме.

2. Го живеете само оној живот кој ќе го искреирате самите за себе

Сами сме си заслужни за тоа што ни се случува. Животот кој го водиме е огледало на нашето однесување, на изборите кои ги правиме, на луѓето на кои им дозволуваме да влијаат на нас. Но сето ова е наша заслуга. Никој и ништо не може да влијае на нас како самите ние. Одговорноста е целосно наша, заслугите се само наши. И токму затоа треба да се обидеме патот по кој чекориме да биде вистинскиот за нас, а кој, доколку нè води во слепа улица, нема да ни биде страв да го промениме. Секогаш е подобро да бидеме на дното на скалите кои сакаме да ги искачиме отколку на врвот на скалите кои не ни сме сакале да ги искачиме.

3. Тоа што сте зафатени не значи дека сте продуктивни

Секој се среќава со периоди кога не знае кај му е главата. Обврски на работа, дома, со пријателите. Но тие периоди не траат вечно. Иако живееме во свет кога сите се растрчани на сите страни и гледаат што побрзо и што повеќе да завршат за што пократко време, тоа не значи дека сè што сте направиле е направено како што треба. Немојте да се преоптоварувате. Некогаш е подобро малку забавено да се движат нештата, но барем да знаете дека вашето време не е залудно потрошено. Доколку сте заморени, прошетајте на чист воздух. Ако утре ве чека напорен ден, оставете го излегувањето со пријателите за некој друг пат. Иако постојаната ментална и физичка активност ни дава чувство дека сме живи, некогаш мора да запреме. Сè си има граница.

4. Неуспехот е секогаш претходник на успехот

Често знаеме да се откажеме од некоја работа која нема да ни успее од прва. Некогаш си дозволуваме и неколку обиди и потоа се откажуваме. Факт е дека најчесто успехот доаѓа кога на работ на откажувањето ние сепак ќе решиме да продолжиме да туркаме напред. Грешките, падовите и неуспешните обиди се неизбежен дел од сликата како целина и мора да ги прифатиме како спореден пат кој финално нè води кон успех. Ова не значи дека треба да се оди со глава во ѕид за се, но значи дека откажувањето не смее да биде опција уште на самиот старт. Бидејќи тогаш е бесцелно дури и да се обидуваме.

5. Размислувањето за некоја работа и навистина правење нешто во врска со тоа се две сосема различни работи

Сите сакаме да сме добри и фини луѓе, скромни, но успешни, дарежливи и сфатени и прифатени од општеството. Но ниту една од овие работи не доаѓа на златен послужавник. Секоја од овие особини е посебна сама за себе и секоја бара од нас да преземеме нешто. За жал, често се случува да имаме створено одредена слика за тоа кои сме и да сме убедени дека тоа е навистина така. И доколку нема некој што би нè спуштил на земја, ќе продолжиме да живееме со претставата која ја имаме створено за себе. Добро познатата изрека Бидете промената која сакате да ја видите во светот не е ни најмалку празни зборови. Почнете од себе. Бидете тоа што сакате така што ќе почнете да преземате чекори во таа насока. Само така ќе инспирирате и некој друг да го направи истото.

6. Не чекајте извинување за да простите некому

Една од најголемите доблести на човекот е способноста да се извини кога ќе погреши. Но уште поголем човек е оној кој знае да прости без разлика дали го добил очекуваното извинување или не. Бидете благодарни за какво било искуство кое ќе го добиете во животот, добро или лошо, тешко или убаво. Ништо во животот не оди без лекција, па така ни ова. Научете ја лекцијата и продолжете понатаму.

7. Со некои луѓе едноставно не си одговарате

Нема човек на кој му се нема случено да сака да биде со некој со кој едноставно не си одговара во ниту една смисла на зборот. Дали е тоа дечко или девојка или можеби личност која сакате да ви биде пријател, доколку нешто не оди, порано или подоцна ќе излезе на виделина. Иако често овие дијаметрални разлики се видливи уште на самиот почеток, некогаш упорно се обидуваме да ги игнорираме обидувајќи се да направиме сè што е можно да се допаднеме некому, да се зближиме со некого или да ја одржиме врската која ја имаме. Но тоа не е доволно. А колку побрзо се откачите од синџир кој ве влече само надолу, толку побрзо ќе може повторно да излезете на површината.

8. Обврската да бидете сакани е само ваша

Ако самиот не се сакаш себеси, зошто тогаш некој друг би те сакал? Самите сме одговорни за својата среќа и животот кој го водиме, ние стоиме зад одлуките кои ги носиме и последиците кои тие ги влечат со себе. За жал, во денешницава, сè поретко налетуваме на луѓе кои се грижат за некој друг освен за себе и своите најблиски. Но на крајот на краиштата, доколку самите не се грижиме за себе и не се сакаме себеси такви какви што сме, обидувајќи да сме најдобри што можеме, тогаш кој друг би го направил тоа? Немојте да очекувате да бидете нешто што не сте и немојте да барате да ве сакаат и почитуваат. Бидете тоа што сте, а сè останато ќе си дојде само по себе.

9. Работите кои ги поседувате не ве прават личноста која што сте

Денес го имате, утре не. Материјалните работи не ве прават човек. Тие се само попатна работа која можеби ви го прави животот малку полесен, но во ниту еден момент не ве дефинира како личност. Вие сте тоа што сте бидејќи самите сте го избрале тоа, а сите нешта кои ги поседувате ќе направат разлика само доколку вие дозволите. Важни се луѓето кои се во вашиот живот и искуствата кои ги споделувате со нив, тие се нештата кои го прават посебен и вреден за паметење секој момент. Сè останато е само маркетиншки трик на општеството да направи слика дека нешто треба да е така како што тоа нагодува. Вие сте вашите соништа, вашите цели, вашите особини и однесување, вие сте луѓето со кои се обиколувате и со кои споделувате дел од вашето драгоцено време. Без сè останато може да се живее.

10. Сѐ се менува во дел од секунда

Промените се неизбежен дел од нашето секојдневие. Некогаш се добредојдени, некогаш не, но во секој случај мора да ги прифатиме. А колку побрзо научиме да го правиме тоа, толку полесно ќе ни биде на самите нас. Некои промени нема да можеме да ги разбереме, за некои ќе се надеваме дека нема никогаш да се случат, но има и такви кои ги дочекуваме со отворено срце. Не секогаш може да биде по наше и не секогаш ќе ни одговара тоа што се случува, но промените се тука, насекаде околу нас, Се случуваат во дел од секунда и може да променат многу повеќе одошто очекуваме. Мора да сме подготвени дека сѐ што сега е наша стварност во следниот миг може да се смени, а колку побрзо научиме како да се помириме со ова, толку подобро.

11. Не постои такво нешто како совршен момент

Совршениот момент да направите или кажете нешто е само мит. Тој е изговор кој ни дозволува да ги одложуваме работите кои се плашиме да ги направиме, наводно чекајќи подобра прилика. Стравот е најголемиот непријател на човекот и тој нè спречува да бидеме повеќе од тоа што сме. Крајниот резултат, кој е всушност она од кое се плашиме, може само да биде полош со секоја наредна минута. Некогаш чекајќи испуштаме многу прилики, многу зборови остануваат некажани и многу работи ненаправени. Немојте да чекате. Нема подобро време од овој момент. Никогаш нема да бидете поподготвени од сега.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Дипломиран електроинженер по телекомуникации кој во слободно време обожава да пишува. Животен сон ѝ е да го прошета целиот свет уживајќи во добра книга и пријатно друштво. Настојува од секоја ситуација да го извлече најдоброто и не може да замисли денот да ѝ започне без шолја вкусно кафе.

Поврзани содржини

Остави коментар